Кире Костов, композитор и диригент (1949 – 2023)
По подолго боледување, на 73 годишна возраст, во Скопје почина композиторот и диригент Кире Костов. Беше долгогодишен член на Сојузот на композитори на Македонија.
Костов е роден во 1949 година во Битола. Средно музичко училиште завршил во Битола. Уште во тој период активно учествувал во културно-забавното живеење на Битола. Натамошното школување го продолжил на Музичката академија во Белград, а потоа и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во периодот од 1970-1988 година бил прв трубач и солист на Танцовиот оркестар на тогашната Радиотелевизија Скопје, а од 1988 година до 2010 година и негов диригент. Како единствен претставник на тогашна Југославија, учествувал во Бигбендот на Европската радиодифузија, кој бил составен од по еден инструменталист од секоја земја од Европа.
Кире Костов бил прогласен како најдобар трубач-инструменталист во Југославија и беше избран да ја представува Југославија во тој оркестар. Еве некои позначајни инструменталисти од тој оркестар: Тони Фисер од ббс-Англија прва труба, Анди Харедер од бечката опера и балет втора труба, Кире Костов трета труба и заменик на прва тр., Антонио Карда Абела четврта труба од Мадрид, Јан Кристенсен најдобриот бубњар во скандинавија и во светот, Марио Роска пиано-снимил 7 албуми со прочуениот Френк Синатра и други.
Како трубач реализирал преку триста минути солистичка музика од областа на џезот, популарната музика, класичната музика и друго. Како солист учествувал во многу емисии на кои што се изведуваа разни автори-солисти од сите телевизиски куќи во бивша Југославија, од Љубљана до Белград изведувајќи негова музика во која што секогаш преовладува македонската мелоритмика. Учесник е на Глазбената парада во Раденци, Слованија од нејзините почетоци во 1974 година, до 1989 година. На оваа парада од музика Кире Костов учествувал со преку четириесетина наслови и со преку петстотини минути солистичка музика, како со Бид бендот на МРТВ така и со други оркестри како гостин солист.
Како диригент на Танцовиот оркестарт на МРТВ (1988) за нејзините потреби има реализирано снимки од преку триста наслови. Учествувал на сите Скопски фестивали од 1991 година. Учествувал три пати со своја програма и еднаш со нашите гости Душко Гојковиќ и Џани Басо на Скопскиот џез фестивал. Исто така со своја програма настапил на Олимпос џез фестивал во Солун Грција во 2000 год. кој што за нас и за нашата држава беше од голема значење. Со тој настап кој што беше директно пренесуван од грчката ТРТ телевизија, македонската телевизија го пушти во употреба сателитскиот канал.
Кире Костов е автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот од кои би ги издвоиле ,,Акварел“, „Бела ноќ“, „Македоска суита 1 и 2“, „Нени“, „Травелинг“, „Догледање“, „Алегорија“, „Лепе ти је Беле Вирје“, „Си заљубив едно моме“ и др. Од областа на популарната музика има околу триста наслови како што се: „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Синот божји“, „Тајно моја“, „Илузија“,,Само сеќавање“, „Не биди слеп“, „Манастирски сон“, „Моја Битола“, „Охридски спомени“, „Бела птица“, „Кој да ти каже“, „Тонови тајни“, „Ти пеам песна“, „Рум, дум, дум“, „Љубовна религија“, „Што те нема“ и многу други, и уште толку како аранжер на други автори.
Бил еден од основачите на фестивалот за деца и млади Си-До кој се одржуваше во Битола од 1991-2000 година. Од овој фестивал произлегоа преку двесте песни за деца и млади од кои половината беа прогласени за хитови. Такви се „Наташа од трето три“, „Прва љубов“, „Супер бабичка“, „Фламенго“, „Заради тебе Зоране“, „Детство“, „Без другар тешко е“, „Визба стара и гитара“ и многу други. Бил уметнички директор на Интерфест – Битола, за популарна музика (1994-1996).
Добитник е на бројни награди и признанија од кои се издојуваат три Гран При награди на фестивалот „Макфест“ (1986, 1993 и 1995 година), две Гран При на Скопскиот фестивал (1995 и 1997 година), Гран При на Славјански базар во Белорусија со композициите ,,Тајно моја“ и „Илузија“ во интерпретретација на Тоше Проески, второ место на Славјански базар – „Бела птица“, “хххх“ во интерпретација на Каролина Гочева, Втора награда на Славјански базар во Киев, Украина со композицијата „Што те нема“ во интертретација на Лидија Кочовска, Втора награда на фестивалот „Сунчане скале“ со композицијата „Тајно моја“ во интерпретација на Тоше Проески, Гран При на фестивалот „Сунчане скале“ со „Рум, дум, дум“ во интерпретација на Калиопи и Наум Петрески, Трета награда на фестивалот „Пјесма Медитерана“ во Будва, Црна гора со композицијата „Љубовна религија“ во интерпретација на Јоце Панов и многу други.