Новости

Одржано 49-тото издание на манифестацијата „Струшка музичка есен“

Во периодот од 19 до 21 септември 2025 година, во Струга се одржа 49-то издание на музичко-научната манифестација „Струшка музичка есен“. Во фокусот на годинашното издание беше влијанието на музичкото творештво на македонските композитори врз развојот на националната музичка култура.

Имајќи го предвид обемот и разновидноста на дејностите во македонската музика, тематското насочување кон музичкото творештво и неговата улога во градењето на националната музичка култура овозможи претставување на широк спектар истражувања. Своите трудови ги презентираа повеќе истакнати научни дејци: Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, проф. д-р Илија Велев, проф. д-р Јане Коџабашија, д-р Мирјана Павловска-Шулајковска, проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска, Михајло Штерјев, д-р Огненка Герасимовска, проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја, м-р Нора Бајрами, проф. д-р Александар Трајковски, проф. Евгениј Шчербаков, Ирина Шчербакова, д-р Јулијана Папазова, м-р Елени Новаковска, проф. д-р Александар Димитријевски и д-р Беким Рамадани.

Презентираните трудови се осврнаа на прашања од средновековната историја, развојот на музичкиот живот и творештвото во различни историски периоди до совремието, духовната музика, фолклорната традиција и развојот на професионалните музички институции. Тие претставија низа нови согледувања и надополнувања на досегашните истражувања за делувањето на македонските композитори и процесот на градење на македонската музичка култура.

Конференцијата се одржа и во чест на јубилеите на значајни македонски творци: 120 години од раѓањето на Стефан Гајдов (1905–1992), 100 години од раѓањето на Кирил Македонски (1925–1984) и 100 години од раѓањето на Властимир Николовски (1925–2001). Во рамките на манифестацијата се одржаа и два концерта, на кои настапија дуото Јана Каевска (флејта) и Ивона Базгалоска (пијано), како и гудачкиот квартет „Атака“.

СОКОМ