Новости

Музика инспирирана од мелодичноста на зборот

Одличен избор и изведба на вокални дела од македонски композитори чувме на концертот „По избор на уметникот“ на кој настапи нашата сопранистка Весна Гиновска Илкова и пијанистката Кристина Светиева.

Македонското вокално творештво воглавно се базира на инспирацијата од македонскиот музички фоклор, посебно кај постарата генерација автори во чиј опус темелно е инкорпириран овој сегмент како база над која се напластуваат индивидуалните тенденции.

Инспирирани од поезија, од народните песни, проткаени со музички акценти, типични за нашиот фоклор со хармонски и мелодиски решенија кои користат традиционални и модални, но и современи принципи – такви беа делата кои прозвучеа на овој концерт.

Концертот започна со аријата на Симка од операта „Разделба“ на Трајко Прокопиев, македонски композитор во чие творештво вокалната музика зазема голем простор. Тој е мајстор во градењето на вокалната приказна, која се инспирира од фоклорот, но во исто време го обликува на оригинален и специфичен начин.

Арија на Лидија од операта „Лидија од Македонија“, инспирирана од приказната за првата христијанка покрстена од Св. Апостол Павле ја сумблимира во себе типичната нишка која провејува во творештвото на композиторот Ристо Аврамовски. Тоа е драматичноста која се напојува од нашата традиција, но во исто време креиера и свој печат и јазик, главно базиран на неокласиката како израз.

Композицијата „Залез” на Стојан Стојков е впечатливо вокално дело во кое се испреплетени основните параметри кои го следат творечкиот опус на овој македонски композитор – исклучително чувство за креирање мелодиска и хармонска структура кои создаваат драматична атмосфера и колорит. „Залез” е вокално дело во кое тонскиот колорит е во совршена корелација со отсликувањето на идиличниот пејзаж, насликан преку зборот на маестралниот македонски поет Матеја Матевски.

„Марика мома убава“ на македонскиот композитор Томислав Зографски претставува авторско обликување на истоимената народна песна, една од највпечатливите во нашата богата ризница. Обликувањето на Зографски ја следи мелодиската линија на песната, но воедно и дава и своевиден прозрачен музички превез која ја продлабочува драматичноста на оваа вокална композиција.

Композицијата „Цветови“ на Благој Цанев музички ја отсликува драматичноста во поезијата на Славко Јаневски и неговата песна инспирирана од стрелањето на 12 младинци кај селото Ваташа во 1943 година. Таа претставува своевидно огледало кое музички рефлектира и бои една, од многуте тажни страници испишани во македонската историја. 

И композицијата „Галебе мој“ на Трајко Прокопиев е инспирирана од поетска предлошка, од зборот преточен во поезија на еден од најзначајните македонски поети – Ацо Шопов. И во оваа композиција тежината на зборот и неговата структура ја диктираат музиката, односно од зборот и ритмиката на поезијата и нејзината мелодичност се раѓа композицијата на Прокопиев.

Творештвото на Сотир Голабовски е прилично експериментално, во неговиот опус ретко може да се најдат традиционални инспирации. Токму на таков начин музички беше обликувана неговата композиција „Крај езеро“ напишана на текст од Цане Андреевски. Музички одблесок преку современа тонска рефлексија- такво беше ова заокружено вокално дело на Голабовски.

Композицијата „Спокој“ на Јана Андреевска е интересно вокално дело со богата хармонска и мелодиска раздвиженост во пијаното која донекаде се инспирира од џезот, наспроти мирот и спокојот кој доминира како израз во вокалната делница. Во контрастот на двете компоненети е скриена убавината на ова спокојно и инспиративно парче музика.

„Чуден патник“ на Борис Светиев е вокално дело кое се доживува како своевидна музичка вежба во која авторот ги истражува и осознова границите и можностите на музичкиот израз и колорит при третманот на вокалот и пијано делницата.

Концертот беше заокружен со изведбата на интимното, лирско вокално дело на Александар Џамбазов – „Насмевка пред зорите“. Исклучително дело која во целост ја отсликува авторската препознатливост на Џамбазов која почива на своевидна комплексна едноставност. Мајсторски создадена песна, типична за опусот на овој македонски композитор кој своја инспирација наоѓаше во популарните жанрови.

Делата на македонските композитори и нивната суштина и контекст одлично беа пренесени преку изведбата на Весна Гиновска Илкова и Кристина Светиева кои посветено и со многу познавање на домашното творештво креираа совршена концертна симбиоза.

Ангелина Димоска   

СОКОМ