(Битола, 28.09.1934 – Скопје 20.08.1994)
композитор
Првите допири и возбуди со музиката ги има со староградските песни во домашната атмосфера. Неговиот вујко имал семеен мандолински оркестар и преку слушањето на нивните изведби Николовски се напојувал и маѓепсувал од музиката. Во февруари 1947 година станува еден од првите ученици на новооснованото нижо музичко училиште во Битола. Со тоа неговата професионална судбина е дефинитивно одредена. Вниманието врз себе го свртува како ученик во Средното музичко училиште во Скопје, кога подучуван и насочуван од професорот Властимир Николовски и воден од својот креативен творечки импулс и бујна имагинација ги прави своите први творечки чекори. „ … Создавањето музика го почувствував како спонтана реакција, како потреба за сопствено искажување во кое се родија и моите први детски хорови, неколкуте соло песни и инструментални композиции…“(Радио Скопје, 1.3.1977). Позитивните одгласи само ја зацврстуваат определбата да го продолжи своето образование на Музичката академија во Белград. Таму студира и дипломира на Наставно-теоретскиот оддел во 1960 година, а паралелно учи композиција кај композиторот Милутин Раденковиќ. Наоружан со солидни стручни знаења и понесен од младешкиот полет тој се враќа во Битола и во наредните десетина години со невиден ентузијазам се зафаќа со (ре)организација на музичкиот живот во градот. Го иницира основањето на Средното музичко училиште, станува негов директор и едновремено ја интензивира и ја збогатува дејноста на аматерскиот хор „Стив Наумов“ раководејќи со него и придонесувајќи за радикален позитивен пресврт во неговата концертна активност. Свесен дека потенцијалите и потребите на родниот град не запираат тука, се обидува да формира оркестар, но обидите сè до денес останаа неостварен сон и за него и за повеќе генерации подоцнежни талентирани музичари.
Гледајќи дека средината почнува да биде ограничувачки фактор за негово целосно пројавување во сите сфери од музичката уметност и за негов полн придонес во нејзиниот растеж во Македонија, во почетокот на седумдесеттите години се преселува во Скопје, каде што најнапред работи во Македонската радио-телевизија, а набргу потоа станува професор на Високата музичка школа (денес Факултет за музичка уметност), каде што останува до крајот на својот живот. Во еден мандат бил и декан на оваа високошколска установа.
Творечкото кредо на Михајло Николовски започна да се формира уште во времето на средношколските години и се манифестираше низ неколкуте камерни и хорски композиции настанати во педесеттите години во кои преовладува неороматичарскиот музички израз. Уште во нив се препознава дека неговата мелодика ќе извира од фолклорното подрачје од коешто потекнува тој, но и дека во неговите дела таа ќе добива други бои. И дека понекогаш присуството ќе биде само флуидно. Ниту годините на неговата високошколска наобразба и осознавањето на тогашната светска „модерна“ нема особено да го помести од тој базичен пат во кој чистата музичка форма и архитектониката на делата нема да отстапат пред налетот на тогашните музички трендови на светската авангарда. Проучувањето на делата на Стравински, Прокофјев, Барток и на другите класичари на дваесеттиот век само го уверуваат во ставот дека обновата на музичкиот јазик, зад чија парола се криеја најавангардните постапки, не само што не треба, туку не може да биде револуција. Таа единствено е можна само како еволуција. Токму од тој творечки ракурс, поткрепен со композиторската подготовка кај Раденковиќ, тој успеа подоцна да создаде цела низа композиции од повеќе жанрови и видови, без притоа да навлезе во водите на бесмисленото експериментирање. Низ јасната формална архитектоника на неговите дела, речиси постојано се препознава пулсот на македонското фолклорно поднебје, коешто, пак, го „условува“ модалниот начин на неговото хармонско мислење. Сето тоа најконцизно би можело да се опише како „… стилска препознатливост, формална исцизелираност, фолклорна вокација инкорпорирана дури и во полифоната фактура, навеви на култивирана експресија, модално-тонална основа изведена од оригиналните дорски, фригиски и миксо-лидиски модуси и оркестрација заснована врз нејзините основни постулати, со изобилно користење на гудачкиот корпус и неговите огромни техничко-колоритни предиспозиции…“ (Вера Соколова, Радио Скопје, 20.2.1988).
Михајло Николовски е автор на над 120 композиции од кои некои (како што е Сонатата за виолина и пијано) спаѓаат во најуспешните во својот жанр во севкупната македонска музичка литература. Автор е и на повеќе покрупни форми (Концерт за хорна, пијано и оркестар – 1978; Илинден – ораториум за тенор, бас, рецитатор, мешан хор и оркестар – 1980; Македонија – кантата за низок глас, рецитатор, мешан хор и гудачки 96 47 Македонски композитори 97 оркестар – 1984; Концерт за виолина, гудачи и удиралки – 1989), а во дел од нив (во вокално-инструменталното творештво) се инспирира од теми сврзани со македонското историско минато. Николовски во едно искажување тоа го сублимира вака: „… Бев и останав голем вљубеник во музиката. Прелистував и препишував разновидни партитури, – од ренесансата па сè до Барток и Прокофјев. Многу читав и многу слушав…“. (Радио Скопје, 1977). За своето творештво Михајло Николовски е добитник на голем број стручни и општествени награди и признанија
ТВОРЕШТВО
ОРКЕСТАРСКО: Суита, – за гудачки оркестар, (1970); Варијации, – за камерен ансамбл, (1975); Концерт, – за хорна, пијано и симфониски оркестар, (1978); Фолклорна плетенка бр. 1, – за мандолински оркестар, (1979); Концерт, – за виола и гудачки оркестар, (1981); Фолклорна плетенка бр. 2, – за мандолински оркестар, (1981); Варијации, – за мандолински оркестар, (1983); Концерт, – за виолина, гудачи и удиралки, (1989); Симфониска поема „Апотеза“, – за симфониски оркестар, (1990)
ВОКАЛНО – ИНСТРУМЕНТАЛНО: Циклус „Записи“, – за висок глас и гудачки оркестар, (1975); Македонија, Кантата за низок глас, рецитатор, мешан хор и гудачки оркестар, (1984); Илинден, – ораториум за тенор, бас, рецитатор, мешан хор и симфониски оркестар, (1980);
КАМЕРНО: Романса, – за виолина и пијано, (1953); Елегија, – за виолончело и пијано, (1953); Мелодија, – за виолончело и пијано, (1954); Песна и игра, – за флејта, кларинет и фагот, (1955); Соната, – за виолина и пијано, (1961); Движење, – за тромбон и пијано, (1962); Медитација, за флејта и пијано, (1964); Балада, – за виолончело и пијано, (1974); Циклус „Феникс“, – за глас и пијано, (1991); Гудачки квартет, (1992);
СОЛИСТИЧКО: Суита, – за пијано, (1960); Детски албум, – за пијано, (1983);
СОЛО ПЕСНИ: Бдеење, – за глас и пијано, (1955); Пут у завичај, – за глас и пијано, (1955); Август 1903, – за глас и пијано, (1968); Циклус песни „Песни крај езерото“, – за глас и пијано, (1973); Смртта на борецот, – за глас и пијано, (1974); Циклус „Феникс“, – за глас и пијано, (1991);
ХОРСКО: Паганија, – за мешан хор; Летна вечер, – за детски хор, (1953); Зајачка радост, – за детски хор, (1953); Овчарче, – за мешан хор, (1953); Жаба и вол, – за детски хор, (1954); Кукавица, – за детски хор, (1955); Детска суита, – за пијано, (1956); Поштар, – за детски хор, (1956); Приспивна за детски хор, (1956); Снегулчиња, – за детски хор, (1957); Пејсаж, – за женски хор, (1958); Чудна свадба, – за детски хор, (1959); Збирка „Детски песни“, – за детски хор и детски глас, (1960); Севдо, севдалино, – за машки хор, (1960); Песна за будилникот, – за детски хор, (1962); Славеј пее на трендафил, – за машки хор, (1962); Тргнала Јана, – за машки хор, (1962); Балада за хероите, – за мешан хор, (1962); Ој младино напред, за мешан хор, (1968); Цветови, – за мешан хор, (1970); Расплакала се гората, – за женски хор, (1972); Разви се горо зелена, – за женски хор, (1972); Ноктурно, – за женски хор, (1973); Печал, – за мешан хор, (1973); Труд, – за детски хор, (1974); Градба, – за детски хор, (1974); Песна, – за детски хор, (1974); Елегија, – за женски хор, (1974); Борец, – за машки хор, (1974); Везилка, – за мешан хор, (1974); Свечена песна, – за детски хор, (1978); Тито, – за мешан хор, (1979); Партизанска, – за мешан хор, (1980); Курирче, – за детски хор, (1981); Карневал, – за детски хор, (1983); Партизанче, – за детски хор, (1983); Калиштанска, – за женски хор, (1983); Лов на езеро, – за женски хор, (1983); Илинденска вечер, – за мешан хор, (1983); Петлето рано поеше, – за мешан хор, (1983); Чекори, – за мешан хор, (1984); Балада за војводата, – за мешан хор, (1986);
СВЕЧЕНИ МАСОВНИ ПЕСНИ: Песна за Тито; Песна за Партијата, (1956); 11 Октомври, (1958); Бригадирска, (1963); Расцутен мај, (1967); Ој младино напред, (1968); Песна за Стив, (1974); Октомвриска, (1975); Песна за Коле Неделковски, (1978);
ХАРМОНИЗАЦИИ ЗА ХОР И ГОЛЕМ НАРОДЕН ОРКЕСТАР: Море сокол пие, (1972); Пилето ми пее, (1972); Ајде, ајде моме Стојне, (1972); Што ми е мило ем драго, (1972); Разболе се Ирина, (1972); Мамо, кој чука на порти, (1973); Битола, бабам Битола, (1975); Нели ти реков, (1975); Битолските брегови, (1975); Излегов да се рашетам, (1975); Сношти поминав заминав, (1975); Кате, лично девојче, (1975); Девојче, девојче, црвено јаболче, (1975); Едно девојче, (1975); Месила баба зеленчукот, (1975); Таму ле мајко близу Битола, (1984); Болен ми лежи Миле Поп Јорданов, (1984); Заплакало е Мариово, (1984); Црно му било пишано, (1984)
ПЕСНИ ЗА ДЕЦА: Соништата на малиот јунак, (1967); Млеко, (1968); Априлилили, (1972); Принцезата Капка, (1973); Ловечка песна, (1974); Април, (1976); Златно славејче, (1976); Дрен, (1976); Два бисера, (1977); Татковино, (1977); Ако го сакаш ова поле, (1978); Пчела, (1980); Слободата, (1981);
МУЗИКА ЗА ДРАМИ: Пиеса „Хајди“; Река без брегови, (1960); Куклена пиеса „Лавот го боли забот“, (1963); Криминалистичка драма „Мртов во девет“, (1963); Тил Ојленшпигел, (1964); Разбојници, (1965); Убавицата и ѕверот, (1968); Детска пиеса „Кекец и Мојца“, (1969)
ПУБЛИЦИСТИКА: • Можностите за развојот на музичкиот живот во Битола, „Битолски весник“, Битола, 1967, • Забавната музика од подруг агол, „Екран“, Скопје, • Осврт кон фестивалот „Техо“, Радио Скопје, • Музичката педагогија во рамките на Струшката музичка есен (ракопис), • Местотото и улогата на дувачките оркестри во културното живеење на општината, Реферат на Советувањето за дувачки оркестри одржано во Куманово, 1977, ракопис, • Постои ли разединетост меѓу музичките работници, „Битолски весник“ бр. 36, Битола, 1966, • Вистинско уметничко доживување, „Битолски весник“, Битола, 1966, • Музичката традиција во Битола, „Битола“ – монографија, Наша книга, Скопје, 1969, • Присуството на македонското музичко творештво во сите видови на нашата репродукција, Реферат на Пленумот на СКМ, Скопје, 1972, • Илинден како одраз во македонската народна песна, Радио Скопје, 1972, • Домовите на културата – нова можност за развојот на музичката култура,
Реферат на Републичката трибина посветена на домовите на
културата 1978, • 20 години високо музичко образование во Македонија, Реферат по повод прославата на 20-годишнината од постоењето на ФМУ, Скопје, 1986.
Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)