Новости

Кон концертот на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ на ДММ 2022

Втората вечер на годинашново издание на фестивалот Денови на македонската музика (ДММ), кое по 45-ти пат, јубилејно, го организира Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), се одржа во понеделникот на 4-ри април во Фоајето на Националната опера и балет. Концертот беше под знакот на камерната музика поточно дела за гудачки оркестар во изведба на Камерниот оркестар на музичката младина на Македонија „Саша Николовски Ѓумар“, под диргентската палка на  маестро Борјан Цанев. Како солисти настапија Гонца Богоромова Краповски – сопран, Злата Тошевска – сопран и Владимир Чадиковски – гитара.  

Програмската концепција опфати дела од постарите генерации на македонски композитори, генерално инспирирни од македонското музички поднебје, со јасна концепција и музичка структура. Публиката имаше можност после долги години на фестивалската сцена да ги проследи: АДАЃО за гудачки оркестар од Кирил Македонски, Две песни од ЦИКЛУСОТ за сопран и гудачки оркестар од Благоја Ивановски, ПОЕМА за гудачки оркестар од Драгослав Ортаков, Два фрагменти од ЗАПИСИ за глас и гудачки оркестар од Михајло Николовски, КОНЧЕРТИНО за гитара и гудачки оркестар од Јане Коџабашија и КАЛЕШ АНЃО за сопран и гудачки оркестар од композиторот Благој Цанев.

Оркестарот на Музичката младина со Адаѓото на Кирил Македонски го исполни звучниот простор со својствена елегичност и длабока медитативност, при што диригентот Борјан Цанев вешто ги извлече фолклорните мотиви проткаени во музичката материја на делото.  

Во Двете песни од Циклусот на Благоја Ивановски, како солист настапи Гонца Богоромова Краповски, која заедно со оркестарот  ги изведоа обработките на народните песни „Нани ми нани Мариче“ и „Чие е она девојче“. Овие дела нè потсетија на стилските видувања на композиторот Благоја Ивановски и неговиот интерес кон македонскиот музички фолклор со сите карактеристики, а особено метроритмичката структура која беше стабилно поставена во оркестарот и  широката мелизматска мелодиска линија, која солистка ја долови екпресивно со рафинирана и прецизна интерпретација.

Поемата на Драгослав Ортаков, младите музичари под палката на маестро Цанев, ја отсвиреа мошне изразно, истакнувајќи ја богатата тембровост на звучниот колорит на гудачите.

Во Двата фрагменти од Записите на Михајло Николовски, на стихови од Блаже Конески, настапи сопранистката Злата Тошевска. Во оваа композиција до израз дојде музичко-сценската изведба на солистката, нејзината вокална сензитивност, и впечатлив оперски израз, кои придонесоа да се истакне драмскиот аспект на ова музичко дело. 

На овој концерт, со изведбата на Кончертино за гитара и гудачки оркестар на Јане Коџабашија, СОКОМ го одбележува 80-годишниот јубилеј на композиторот. Ова дело, според зборовите на самиот композитор,  е созадено и изведено пред повеќе од три децении, во творечкиот период кога преовладува неговиот интерес за забавната музика. Како солист со оркестарот настапи гитаристот Владимир Чадиковски. Основен структурен елемент во трите ставови на Кончертиното, беше постојаната интеракција на гитарата со оркестарот, формирајќи го музичкото ткиво на делото, наместа инспирано од фолклорното музичко наследство.

Концертот заврши со оркестарската обработка на народната песната „Калеш Анѓо“од композиторот Благој Цанев. На сцената, уште еднаш настапи Гонца Богоромова Краповски, со концертантен и сигурен пристап, со емоционална вокална интерпретација, што е најсоодветна при изведбата на овој вид творештво.

Овој концерт ќе остане забележан во рамките на ДММ, пред сè поради соработката на СОКОМ со Камерниот оркестар на музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ кој се претстави на професионално ниво. Секако најзаслужен е маестро Борјан Цанев, кој со своето богато искуство и умешност како диригент,  успеа да ги поттикне младите и да го извлече нивниот максимум, што резултираше со изведба која ни влеа голема надеж за идните состојби на нашите оркестри.  Од друга страна, пак оркестарот со својата младешка полетност, енергија,  сериозен пристап и ангажман, на овие дела им даде сосема нов живот.

На задоволство на организаторите и изведувачите втората фестивалска вечер на годинашново издание на ДММ, помина во пријатна и инспиративна атмосфера, со многубројната публика и долготрајни аплаузи.

Стефанија Лешкова

Фотографии: Влахо Бранѓолица

СОКОМ