(Тетово, 13.05.1973)
композитор
Интересот за компонирање го пројавува многу рано. Забележана е од композиторот Ристо Аврамовски со чија помош уште во средношколските денови почнува да ги открива тајните на музичкото создавање. Посебен куриозитет е што првата изведба на нејзина композиција во рамките на „Деновите на македонска музика“ била на нејзина петнаесетгодишна возраст. Композиција студира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на Томислав Зографски каде што дипломира во 1997 година. Одличната педагошка подготовка во Скопје ѝ овозможува истата година да замине во Париз каде што ги продолжува своите студии по композиција кај Џерар Гриси (Gerard Grisey) и Марко Стропа (Marco Stroppa) и вокална импровизација кај Ален Савурет (Alain Savouret), Рајнер Бош (Rainer Bosch) и Александрос Маркеас (Alexandros Markéas) на Високиот национален Конзерваториум за музика и балет (CNSMDP). Потоа своето усовршување го комплетира со учество на семинарите по композиција на Фондацијата „Ројомонт“(Royaumont) (Франција) и на Интернационалниот Фестивал Барток (Унгарија) под водство на Брајан Фернејхју (Brian Ferneyhough), Стефано Гарвасони (Stefano Gervasoni) и Брис Посет (Brice Pauset). Во наредните години (главно по 2003) нејзиниот фокус е свртен кон вокалот и сите негови аспекти. По создавањето на нејзиното дело „Удвојување“ за глас и електориника во рамките на курсот по композиција и музичка информатика во IRCAM (Париз), учествува на симпозиумот „Глас и нови технологии“, а во јуни 2008 година и на симпозиумот „Експресивност во музиката и говорот“ каде што е композитор, изведувач и придружен член на IRCAM. Овој нагласен интерес за вокалната проблематика го крунисува со предавањето на тема „Гласот во дијалогот со самиот себеси“ одржано во мај 2011 година на Универзитетот во Париз, каде што во 2013 година учествува и на симпозиумот „Традиција и иновација во музичката композиција околу Медитеранот“. Делата на Данајлоска се изведувани на повеќе светски сцени од реномирани ансамбли како што се „Les Neue Vokalsolisten“, „New London Chamber Choir“, „les Jeunes Solistes“, „le Jeune Chœur de Paris“, „l’ensemble Mikrokosmos“, „la Maîtrise de Radio France“, „l’ensemble l’Itinéraire“ и др. Евдокија Данајловска е корисник на стипендијата на Фондацијата „Надја и Лили Буланжер“ (Nadija i Lili Boulanger) во 2000 и 2001 година, а од 2005 година е член на Интернационалниот сојуз за современа музика во Франција (SIMC).
Во творештвото на Данајловска условно може да се согледаат две развојни фази: првата, што започнува со првите нејзини дела и трае до крајот на минатиот век, и втората чиишто почетоци почнуваат да се наѕираат со нејзиното заминување во Париз, а потоа добиваат целосна творечка профилација. Додека првата може да се опише како потрага по нов композициски метод што ќе овозможи обнова на нејзиниот музички јазик, делумно ограничуван и со недостигот на информации за современата музика во времето на нејзиното школување во Скопје, во втората фаза таа целосно нурнува во откривање на нови композициски и инструментални техники, делумно преку анализа на современиот композиторски репертоар. Во ова време, сосема јасно се исцртува нејзината преокупираност со гласот, односно со вокалот. Делумно и со помош на сопствените искуства стекнати на студиите за вокална импровизација. Токму тогаш таа станува свесна дека музичкиот свет е своевидно „населено место со битиа“, место каде што тие се во особени заемни односи. Простор на интензивна комуникација меѓу нив, простор во кој говорот и звуците и звучните гестови влегуваат во врска во која се воспоставува дијалог. Дијалогот го создава со помош на полифона интеракција на повеќето гласови, со што се создава посебноста на музичкото време и се гради кохезијата меѓу говорните емисии. Воздишките и криковите присутни во нејзините композиции стануваат составен дел од тој дијалог, а гласовите комуницираат како ансамбл на поетски слики (пр. во композицијата „Плачот на осамениот човек“ врз стихови од песната „Сам. Планина околу мене“ од Тодор Чаловски). На таков начин поетскиот текст се престорува во говор полн со живот, а музичкото дело – во медиум за пренесување ситуации и комплексни човечки искуства. Всушност, дијалогот станува своевидна константа во творештвото на Данајловска што се забележува и во помалиот број инструментални композиции.
ТВОРЕШТВО
ОРКЕСТАРСКО: Концерт за оркестар, – за симфониски оркестар, (1996-1997);
ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО: Тогаш, сврти се, …, – за сопран, баритон и камерен состав, (2002); Песна без зборови, – за сопран соло, мецо сопран, тенор, баритон, флејта, кларинет (бас кларинет) и удиралки, (2003); Гласови, – за сопран и 16 музичари, (2008-09);
КАМЕРНО: In modo antico, – за обоа и пијано, (1989); Елегија, – за виолина и пијано, (1989); Соната, – за виолина и пијано, (1994); Гудачки квартет, (1995); Analecta, – за флејта (пиколо), кларинет, две виолини, виолончело и пијано, (1999); Ширење на зборот, – за глас и камерен состав, (2000); Плачот на осамениот човек, – за вокален квартет, (2001); Да, ние мораме да одиме напред…, – за две виолини, (2005); Етида „Еден, два, три …“, – за кларинет и пијано, (2006-07); Per te praesentit aruspex, – за вокален квартет, (2007-08); Цивилна песна, – за вокален секстет, (2009-10); Јовано, – за глас, алт саксофон, пијано и удиралки, (2010);
СОЛИСТИЧКО: Две минијатури, – за пијано, (1988); Вечер, – за глас и пијано, (1990); Суита број 1, – за пијано, (1991-92); Три музички моменти, – за пијано, (1991-92); Две песни „Макови“ и „Црвени цветови“, – за глас и пијано, (1992-93); Мистериозен глас, – за алт саксофон, (2000); Во самракот, – за глас, (2011-12);
ХОРСКО: Три песни, – за мешан хор, (2006-07); Три песни за ранетото човечко битие, – за мешан хор, (2009-11); Надеж, – за детски хор a capela, (2010);
ЕЛЕКТРО-АКУСТИЧКО: Удвојување, – за глас и електроника, (2004).
Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)