49-ти ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА
Концерт на НАЗ ИРЕМ ТУРКМЕН – виолина и МАРИЈА ВРШКОВА – пијано
Понеделник, 28 септември 2026, 20 часот
Музеј на македонската борба
Програма: A. A. Saygun – Demet suita за виолина и пијано, Сони Петровски – „Bric – a – brac“ за соло виолина, Томислав Зографски – „Песна“ за соло виолина, Филип Иванов – „Соната“ за виолина и пијано, Fazil Say – Black Earth за пијано
Марија Вршкова е една од најистакнатите македонски пијанистки, препознатлива по суптилниот музички израз, префинетата интерпретација и извонредната техничка подготвеност. Родена е во Битола, каде што го завршува основното и средното музичко образование. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Тодор Светиев, со највисока универзитетска оценка – cum laude, а на истиот факултет ги завршува и магистерските студии по пијано.
Добитничка е на бројни награди на домашни и меѓународни натпревари, меѓу кои се издвојува третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим. Како единствен македонски претставник настапувала во Светскиот младински оркестар, каде што соработувала со врвни диригенти и солисти.
Особено значајно место во нејзината уметничка дејност зазема современата музика. Вршкова досега реализирала повеќе од педесет светски премиери на дела од македонски и странски композитори, придонесувајќи кон афирмацијата на современото музичко творештво. Соработувала со истакнати уметници како Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби и Страшо Темков, а во 2010 година го издава своето прво солистичко ЦД, „Македонска музика за пијано“.
Како солист и камерен музичар настапувала во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, САД, Србија, Австрија и Грција. Редовно е присутна и на најзначајните музички фестивали во Македонија, меѓу кои Охридско лето, Денови на македонска музика, Златна лира и Есенски музички свечености.
Во 2009 година ја добива наградата за специјално уметничко достигнување на меѓународниот натпревар „Охридски бисер“. Носител е и на три национални награди „Виртуози“ – за музички изведувач во 2013 година и за камерен состав во 2015 и 2016 година. Во 2023 година ја добива и највисоката награда на СОКОМ – „Георги Божиков“.
Марија Вршкова денес работи како вонреден професор и продекан за концертна дејност на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што преку својата педагошка, изведувачка и организациска работа активно придонесува кон развојот и афирмацијата на македонската музичка култура и современото музичко образование.

Наз Ирем Туркмен е родена во 2006 година во Истанбул. Во моментов студира виолина на Универзитетот „Моцартеум“ во Салцбург, во класата на проф. Хагаи Шахам.
Таа е учесничка во програмата „Млади музичари на светските сцени“, иницирана и предводена од Гуер и Сухер Пекенел.
Претходно студирала кај проф. Пол Рочек на Универзитетот „Моцартеум“ во Салцбург и кај проф. Соња Коркела на Високата школа за музика и театар во Минхен. Учествувала на мајсторски курсеви кај проф. Борис Кушнир, проф. Дора Шварцберг, Ицхак Рашковски, Александар Виницки, Нора Честејн и Елен Џует. Учела и кај Мухамедјан Турдиев, Александра Сум, Ајла Ердуран, Данија Каинова, Асли Ердал и проф. Цејда Ергин.
Освоила повеќе први награди на меѓународни натпревари за виолина, меѓу кои „Големата награда“ и „Специјалната награда за исклучителна уметничка личност“ на Меѓународниот натпревар за виолина во Одеса, Украина, во 2018 година; прва награда на 12. Меѓународен натпревар „Грумио“ за млади виолинисти во Белгија во 2019 година; како и прва награда на Вториот меѓународен натпревар за виолина „Илона Фехер“ во Будимпешта. Во 2022 година ја освоила и втората награда на Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“.
Во 2023 и 2024 година била избрана меѓу 11 музичари за учество на Академијата за камерна музика „Colluvio“. Како дел од оваа камерна група, во текот на 2023 и 2024 година настапувала во шест различни земји и осум различни градови.
Во Турција настапувала како солистка со водечки оркестри, меѓу кои Борусан Истанбулската филхармонија, Државниот симфониски оркестар на Измир, Државниот симфониски оркестар на Истанбул, Оркестарот „Џемал Решит Реј“, Државниот симфониски оркестар на Ескишехир, Оркестарот на Државната опера и балет во Истанбул, Симфонискиот оркестар „Ел Еле“ и Симфонискиот оркестар „Turkish Stars“. Во 2023 година настапила и како солистка на фестивалот „Stars and Rising Stars“ во Минхен.
Течно зборува германски, англиски, руски, италијански и турски јазик.