Новости

ДММ 2023: Омаж на Љубомир Бранѓолица

Последниот концерт од годинашното издание на фестивалот „Денови на македонска музика“ кој ќе се одржи во вторник, 24 октомври во Камерната сала на Филхармонија со почеток во 19 часот ќе биде посветен на делото и творештвото на неодамна починатиот македонски композитор Љубомир Бранѓолица. На концертниот омаж, публиката ќе има можност да чуе дела од опусот за гудачки оркестар на авторот во изведба на солистите: Татјана Петрушевска- обоа, Здравко Ангелов – кларинет, Марјан Милошевски – фагот и Мартин Димитров – виолина кои ќе настапат заедно со гудачкиот оркестар „Ајга“ под диригентската палка од маестро Борјан Цанев.

Љубомир Бранѓолица (1932 – 2023) е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Во неговиот исклучително богат творечки опус се сместени опери, балети, камерни и хорски композиции, популарни и детски песни и аранжмани на творби од други, наши и странски автори. Иако е разновидно и многубројно, сепак, не е тешко да се издвои магистралниот правец во неговиот творечки пат и клучниот и неодминлив придонес за македонската музичка култура. Тоа е балетскиот опус на авторот што опфаќа 18 целовечерни балети. Сите тие (освен една „Бајазит и Оливера“) се изведени на сцената на Македонската опера и балет (порано МНТ) во периодот од 1959 („Велеградски варијации“) до 2013 година („Александар Македонски“).  Неговото богато музичко творештво е плод на повеќе влијанија, тенденции и животни ситуации. Бранѓолица е несомнено еден од најплодните и најзначајни автори на 20-тиот век во македонската музика, не само во класичната, туку и во сите останати музички жанрови. 

Главна карактеристика на композиторскиот јазик на Љубомир Бранѓолица, без оглед на видот на композициите или жанрот на кој тие му припаѓаат е неоромантичарскиот музички израз. Во неговото творештво речиси нема поведување по авангардните струења на дваесеттиот век. Неговите дела се тонални, со раскошна мелодика и со вешта оркестрација. Тоа е една од причините што постојано живеат на репертоарот на македонските и на светските музички уметници и ансамбли.

Концертот „Омаж на Љубомир Бранѓолица“ е во организација на СОКОМ, Претседателот на Р. С. Македонија и Филхармонија и се реализира со поддршка на Министерството за култура.

Влезот на концертот е слободен.

СОКОМ