На 30 август 2025 година, со почеток во 12 часот, во Офицерскиот дом во Битола ќе се одржи авторскиот концерт „СФЕРА“ на композиторката Ана Пандевска, во изведба на пијанистката Дуња Иванова. Настанот претставува уште еден значаен момент во претставувањето на творештвото на Пандевска, чие композиторско перо се одликува со специфична синтеза на пијано и електронски медиум.
На програмата ќе бидат изведени пет композиции за пијано и фиксен медиум (електроника): циклусот „Пејзажни атмосфери“ (Ѕвона на моето пијано, Кристални капки, Бели бисери), циклусот „Дуња и Дарин“ (Приспивна за Дарин, Дарин и знамињата, Дарин и планетите, Дарин математичарот, Дарин пее ‘Среќен роденден’), како и делата „Квази бурлеска“ (Пацовот од Дебар маало), „За Џанго“ и централната композиција „Сфера“.
Особен акцент на концертот се двете нови дела – „За Џанго“ и „Сфера“, создадени во 2025 година за ова претставување и премиерно изведени во Битола. Тие ја рефлектираат зрелоста и продлабочувањето на творечкиот израз на Пандевска во доменот на пијаното и електрониката.
Концертот е дел од Годишната програма на Министерството за култура и туризам.
Ана Пандевска (1985)
Композиторката Ана Пандевска своето композиторско образование го започнува уште во средношколските години, со двомесечен престој на отсекот за композиција во Interlochen Arts Camp (САД). Потоа студира композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класите на Гоце Коларовски и Јана Андреевска, каде дипломира во 2010 година.
Нејзиниот опус опфаќа дела за соло-инструменти, камерни состави, оркестар, музика за деца и електроакустични проекти. Пандевска е авторка која се движи низ различни стилови и жанрови, градејќи сопствен израз во кој естетската идеја секогаш има предност пред површниот ефект. Нејзината музика често носи полистилистички пристап – спој на фолклорни, џез и современи звучни изрази – како и чувствителност кон општествени и културни контексти.

Со повеќе од дваесет авторски концерти зад себе, како и бројни изведби во земјата и во странство, Пандевска е препознаена како дел од новата генерација македонски композитори чија продуктивност и оригиналност придонесуваат за збогатување и афирмација на современата македонска музичка сцена.
Дуња Иванова (1985)
Пијанистката и теоретичарка Дуња Иванова дипломира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје (2010), а своето образование го надградува со магистратура (2009) и докторска дисертација (2015) на катедрата за естетика при Филозофскиот факултет во Скопје.
Како солист и камерен музичар настапува на значајни сцени во Њујорк, Париз, Сараево, Тирана, Рагуза, Приштина, како и на фестивалите Скопско лето, Охридско лето, Денови на македонската музика, Музика вива, Браќа Манаки, Струшки вечери на поезијата и други. Особено внимание привлекуваат нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Арво Перт, Лудовико Еинауди, Руичи Сакамото, Стив Рајх, Јан Тирсен, Макс Рихтер и други современи автори, како и нејзините мултимедијални настапи на нестандардни локации.

Покрај концертната дејност, Иванова е активна и во научно-истражувачката сфера. Таа е авторка на книгите „Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“ (2016) и „Естетското доживување на музиката“ (2010), како и на публикации посветени на музиката и образованието, естетиката и современите медиуми. Со оваа двојна насоченост – кон изведбата и кон музичката мисла – Иванова го гради својот препознатлив профил на пијанист и интелектуалец на современата македонска музичка сцена.