Новости

47. СТРУШКА МУЗИЧКА ЕСЕН 2023

МАКЕДОНСКОТО МУЗИЧКО ТВОРЕШТВО И ПОСТМОДЕРНАТА

8 – 10 септември 2023, Хотел „Дрим“ – Струга

Во рамките на претстојниот празничен викенд, од 8-ми до 10-ти септември во хотелот „Дрим“ во Струга, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, по четириесет и седми пат ќе се одржи манифестацијата „Струшка музичка есен“. Манифестацијата која речиси пет децении се реализира на струшкото крајбрежје, нуди можност музиколозите, музичките и балетските педагози, музичките теоретичари, музичките медиависти и етномузиколозите заеднички да ги разгледаат прашањата и темите од нивните потесни научни области и да ги презентираат пред своите колеги и стручната јавност.

Оваа година манифестацијата носи наслов „Македонското музичко творештво и постмодерната“. Во рамките на дводневната конференциска програма ќе бидат претставени девет научни реферати од страна на истакнати македонски истражувачи, музиколози, етномузиколози и византолози, поделени во секции според тематиката која ја обработуваат,. Рефератите третираат различни аспекти и состојби на македонското музичко творештво и музичката култура во контекст на историјата и на постмодерната, но обработувaат и теми од областа на фолклорот, музичката анализа и византиската музика.

Музичко-научната манифестација, чии годинашни селектори се музиколозите и членови на СОКОМ – Јулијана Папазова и Елени Новаковска, свечено ќе биде отворена утревечер (петок, 8 септември) во 18 часот со концерт на гудачкиот квартет на СМЕ кој ќе изведе дела од Ристо Аврамовски, Гоце Гавриловски, Горан Начевски и Благој Цанев.

„Струшка музичка есен“ е единствената платформа на годишно ниво во нашата земја која ги третира сите прашања поврзани со науката, теоријата и праксата во македонското музичко творештво и македонската музичка култура. Манифестацијата е поддржана од Министерството на Р. С. Македонија.

Во продолжение можете да ја погледнете целосната програма на СМЕ и апстрактите на трудовите што ќе бидат презентирани.

ПРОГРАМА

Петок, 8 септември 2023

18:00-19:00

Свечено отворање на 47. Струшка музичка есен

Концерт на гудачки квартет со дела од македонски композитори:

Ристо Аврамовски, Гоце Гавриловски, Горан Начевски, Благој Цанев

Сабота, 9 септември 2023

10:00-11:30

Тема: Историја

Претседавач: м-р Елени Новаковска

1. проф. д-р Александар Трајковски: Дејноста на Драган Шуплевски во Академскиот хор „Мирче Ацев“

2. д-р Јулијана Папазова, м-р Елени Новаковска: Меѓународна дејност на Сојузот на композиорите на Македонија-СОКОМ 1947‒2023

3. проф. д-р Јане Коџабашија: Ин мемориам. Љубомир Бранѓолица (1932‒2023)1

12:00-13:30

Тема: Музичка анализа

Претседавач: проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја

1. проф. д-р Гоце Гавриловски: Уметничката транспозиција на фолклорот преку употреба на музичките инструменти од класичниот симфониски состав во вториот став Ламентозо од симфонијата бр. 5 на композиторот Тома Прошев

2.  д-р Огненка Герасимовска-Димитровска:

Тешкото во Концертот за пијано и оркестар од композиторот Властимир Николовски

3. проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја: Авторските редакции на циклусот кратки песни „Ќе се пробудам ли пак“ од Гоце Коларовски 

17:00-18:00

Тема: Фолклор

Претседавач: вон. проф. д-р Александар Димитријевски

1. вон. проф. д-р Александар Димитријевски: Значењето на музичкиот сегмент во трансформацијата на обредот истерување на чумата – студијана случај од село Истибања, Виничко

2. д-р Беким Рамадани: Содржината на името „Лулије во контекст на албанскиот музички фолклор: 19:00-21:00

Недела, 10 септември 2023

9:00-10:00

Тема: Византиска музика

Претседавач: д-р Мирјана Павловска-Шулајковска

1. д-р Мирјана Павловска-Шулајковска: Форми на реафирмација на црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија

2. проф. д-р Илија Велев, проф. д-р Јане Коџабашија: Ракописни невматски записи од Бигорскиот манастир на Козма Пречистански. Археографски и музиколошки проследувања

10:00-11:00

Завршна дискусија

АПСТРАКТИ

проф. д-р Александар Трајковски

Дејноста на Драган Шуплевски во Академскиот хор „Мирче Ацев“

Во текот на седумдецениското постоење на Академскиот хор „Мирче Ацев“, еден од најмаркантните и најзаслужните диригенти кои со својата дејност дале голем придонес за развојот и афирмацијата на ансамблот, е Драган Шуплевски. Всушност, вистинската дејност на хорот, започнува токму од моментот на неговото преземање на диригентското водство во 1960 година, за потоа, со својот ентузијазам, богат и широк естетски дијапазон, висок професионален однос, долгорочна визија и голема љубов, Шуплевски цврсто да го трасира патот по кој во иднина ќе оди „Мирче Ацев“, позиционирајќи го во врвот на македонската хорска сфера. Потоа, во текот на целиот свој работен век, со одредени временски паузи, Драган Шуплевски во неколку наврати го раководи овој хорски ансамбл, остварувајќи значајни резултати. Во овој труд ќе биде направен темелен осврт на неговата работа со Академскиот хор „Мирче Ацев“, при што, ќе бидат анализирани временските периоди на неговото диригентско водство, со изнесување на прецизни податоци поврзани со реализираните меѓународни претставувања, освојувањето награди, целовечерните концерти, програмските конципирања и тн. Исто така, преку архивски материјали, ќе бидат претставени и неговите согледувања и визии изнесени во тие периоди, не само за работата на Академскиот хор, туку и за македонскиот хорски живот, воопшто.

д-р Јулијана Папазова, м-р Елени Новаковска

Меѓународна дејност на Сојузот на композиорите на Македонија-СОКОМ 1947‒2023

Во работата на СОКОМ освен за редовните локални активности се дава важност и на остварување или реализирање на меѓународни активности. Меѓународната дејност на СОКОМ  генерално се креира низ неколку категории: членство во меѓународни организации на композитори, учество на конгреси, предавања, фестивали, концертни проекти и издавање на домашни композиции во странство. Преку меѓународната дејност на СОКОМ имаме можност да се запознаеме со дел од историјата, и со социо-културните политики во изминативе неколку децении.

проф. д-р Јане Коџабашија

 Ин мемориам. Љубомир Бранѓолица (1932‒2023)

Кога станува збор за балетската и концертантната музика во Македонија, пред сè се мисли на она што го создал композиторот Љубомир Бранѓолица. На македонската музичка сцена се појави на почетокот на 1950-тите години со средната генерација музички творци. За нешто помалку од 70 години колку што беше присутен на македонската музичка сцена, покажа интересирање за повеќе музички жанрови. Претставувајќи се најпрвин како композитор на концертантна музика, тој успешно се огледа и во сериозните жанри, а нешто подоцна и во популарната музика.

проф. д-р Гоце Гавриловски

Уметничката транспозиција на фолклорот преку употреба на музичките инструменти од класичниот симфониски состав во вториот став Ламентозо од Симфонијата бр. 5 на композиторот Тома Прошев

Во вториот став „Ламентозо“ од Симфонијата бр. 5 на композиторот Тома Прошев се става акцент врз описот и обработката на традиционалните музички инструменти со помош на музичките инструменти од класичниот симфониски состав, изразен преку музичко-фолклорните содржини. Ставот содржи цитирана и обработена народна тема „Црна се чума зададе“, во која при нејзината стилизација, одредени фолклорни елементи се полесно препознатливи, некои составни елементи и мотиви наликуваат на оригиналната народна песна, додека други само наговестуваат или содржат фолклорни идиоми. Во трудот ќе се издвојат покарактеристични места низ текот од делото, со објаснување за присутноста и употребата на фолклорните елементи во ставот и нивните особености, дадени во примерите од партитурата на делото.

д-р Огненка Герасимовска-Димитровска

Тешкото во Концертот за пијано и оркестар од композиторот Властимир Николовски

Голем број етномузиколози анализирајќи ги особеностите на народниот фолклор, се обиделе да дадат одговор на прашањето – што е тоа што го тера композиторскиот гениј да се откаже од создавање целосно нова мелодија, и да посегне по инспирација од народниот фолклор. Несомнено композиторите ги пленат огромните специфики и особености кои се создавани со текот на голем број генерации локализирани на еден простор, единствени и неповторливи.

Како едно од најмаркантните значења во творечкиот опус на композиторот Николовски се истакнува употребата на структурната форма на народниот танец „Тешкото“.

Овој труд претставува анализа на третиот став од Концертот за пијано и оркестар каде композиторот Николовски мошне умешно успева да ги инкорпорира сите специфичности и елементи кои го карактеризираат танецот „Тешкото“. Со анализа на формата и структурата на деловите на третиот став од Концертот ќе продреме во најситните детали во ова претставување на народниот танец „Тешкото“, преку пронаоѓање на конкретното влијание-инспирација во деловите од ставот, начинот на водење на мелодијата согледана низ системот и модалитетите на градба, тонално-модалната структура на мелодиjaта, метро-ритмичката структура, фактурата и тембровите карактеристики на третиот став. Преку анализата на третиот став од Концертот го согледуваме мајсторството на композиторот Николовски при работата со музичкиот фолклор, примарен предуслов за неговото високо рангирање во домашната, па и во одредени случаи, на светската професионална музичка сцена.

проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја

Авторските редакции на циклусот кратки песни „Ќе се пробудам ли пак“ од Гоце Коларовски

Вокалната музика претставува важен сегмент во творештвото на Гоце Коларовски (1959‒2006) во кој се одразуваат различните насоки на творечките потраги на композиторот: од поопштите прашања на изборот на текстот и поврзаноста со одредена поетска култура и традиција, до специфично-музичките прашања на соодносот текстот-музиката, вокалното интонирање на текстот, жанрот и формата, индивидуалните карактеристики на музичкиот јазик и стилските обележја. Суштествено за анализата е и лоцирањето на авторските остварувања во општиот историски контекст на националната музичка култура.

Во жанровскиот систем на вокалната музика посебно место зазема соло песната како засебна композиција и во вид на вокален циклус. Во творештвото на Гоце Коларовски иницијалната улога на започнување работа на соло песната, односно вокален циклус, му припаѓа на циклусот кратки песни „Ќе се пробудам ли пак“ за глас и пијано на стихови од рускиот поет Андреј Вознесенскиј и македонскиот поет Христо Петрески. Создаден во 1989 година, овој циклус постои во три авторски редакции чијашто споредба дава увид во композиторовата мисла, константните и варијативните црти во музичкото прочитување на поетскиот текст и создавање на музичко-поетската содржина, деталите на композиторската техника во однос на вокалната и инструменталната делници, како и други елементи. Се поставува и прашањето на рамноправноста на редакциите, односно отвореност или конечност на замислата и реализацијата на музичкото дело.

вон. проф. д-р Александар Димитријевски

Значењето на музичкиот сегмент во трансформацијата на обредот „истерување на чумата“ – студијана случај од село Истибања, Виничко

Случајот на обредот „Истерување на чумата“ преку неговата испреплетеност на духовните и световните сегменти прикажува уникатен пример на амалгам помеѓу пагански, православни, христијански и локални народни верувања и обичаи. Едно од главните прашања е дали музиката во овој обред претставува основен извор на интерпретација или едноставно постои како музичка позадина? Во овој труд ќе се обидам да ја детерминирам трансформацијата на обредот и значењето на музичкиот сегмент во рамките на неговата изведба во минатото и денес.

д-р Беким Рамадани

Содржината на името „Лулије во контекст на албанскиот музички фолклор

Во албанските народни песни, името „Лулије“ се користи за опишување на женски лик, кој често симболизира чувство, убавина, љубов, морал, достоинство, учтивост, гордост и хармонија. „Лулије“ е име со романтичен и поетски тон, што на песната и дава посебен и емотивен карактер. Името „Лулије“ потекнува од албанскиот збор „lule“ (цвеќе), што значи растение со различни бои и најчесто со добар мирис, кое самото расте во природата или е засадено заради убавина и мирис. „Лулије“ е проширена форма на женското име „Луле“, едно од женските имиња што традиционално се користат во народните песни, помагајќи да се создадат приказни, метафори и емоции поврзани со љубовта, страдањето и меѓучовечките односи. Анализата на текстовите на песните каде се користи името „Лулије“ ќе ни помогне да ги откриеме врските со традициите, вредностите и вековната историја, додека музичката анализа, преку мелодиите, ритмите, инструментите и структурата на песните, ќе не доближат до емотивните бои и атмосферата, потоа начинот на интерпретација и перцепцијата на публиката, како и оценката за важноста на името „Лулије“ во контекст на албанската народна култура. Резултатите од трудот можат да придонесат за длабоко разбирање на врските помеѓу народната музика, женските имиња и културниот идентитет на Албанците.

д-р Мирјана Павловска-Шулајковска

Форми на реафирмација на црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија

Истражувањата од областа на црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија, кои го опфаќаат периодот од втората половина на XIX и почетокот на XX век го потврдуваат неговиот значаен дел од македонското и општото културно наследство. Овој процес започнат на прагот на 1970-тите години од минатиот век, остварува развојна истражувачка линија која се занимава со овој сегмент од македонската музичка историја. Првичните резултати од овие истражувања придонесоа црковното пеење од византиската традиција да стане мошне важно поглавје од историјата на македонската музичка култура, со што се отвори значајно поглавје во националната музика.

Во поново време, со нивното изведување, тие ја добиваат својата ревалоризација и во нашево време со реафирмацијата на црковното пеење од словенско-византиската традиција во  Македонија. Во оваа насока концертот Црковно пеење од словенско-византиската традиција во Македонија,  на Хорот на  „Танец“ – НУ Ансамбл за македонски народни игри и песни, одржан во рамките на ДММ оваа година претставува значаен придонес во зачувувањето и афирмирањето на непроценливото национално културно наследство.

проф. д-р Илија Велев, проф. д-р Јане Коџабашија

Ракописни невматски записи од Бигорскиот манастир на Козма Пречистански. Археографски и музиколошки проследувања

Во повеќе наврати македонските музиколози – византолози нагласуваат, дека процесот на откривање ракописни музички записи, зборници и печатени книги на територијата на Македонија се уште трae. Како најнов уверлив аргумент за одржливоста на оваа музиколошка теза може да се привeде неодамна пронајдениот црковно-музички ракопис на Козма Пречистански. Овој невматски ракопис го откри професорот Илија Велев во архивата на бигорскиот  игумен Партениј (Петар Гаврилов).

СОКОМ