(Херцег Нови, 19.08.1932)
композитор
„Љубовта кон музиката беше присутна во моето семејство уште од најрано детство… Затоа моите родители ме упатија да учам пијано. Тоа и посетите на концертите во Дубровник, каде што тогаш живеевме, се моите први сеќавања за музиката…“ (Бранѓолица, Радио Скопје, 18.03.1977). Музичкото образование го започнува во Загреб и во Риека, ( „… во 1946 година се запишав во Военото музичко училиште во Загреб, кај проф. Вјекослав Корже, кај кого стекнав солидна пијанистичка техника, а кај другите професори солидни професионални знаења…“). Од 1950 година работи како пијанист во Уметничкиот ансамбл на Армијата на поранешна Југославија во Белград (тогаш го пишува делото „Интермецо“ за пијано и оркестар), а во 1954 година трајно се преселува во Македонија. Од 1957 година е корепетитор во Балетот на Македонскиот народен театар. Во 1966 година се вработува во Македонската радио-телевизија каде што останува до крајот на работниот век извршувајќи функции на музички уреденик и музички продуцент.
Во сиов овој период се пројавува како исклучително плоден творец, во повеќе подрачја и повеќе музички жанрови. Освен класична, пишувал и популарна и џез – музика, музика за театарски претстави, филмска и детска музика. Се пројавувал и како публицист пишувајќи низа, главно балетски критики, како и неколку книги меѓу кои и обемната монографија „Музика – 50 години со вас“ (Скопје, 2000).
Љубомир Бранѓолица е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Во неговиот исклучително богат творечки опус ќе најдете и опери и балети, и камерни и хорски композиции, и популарни песни и аранжмани на творби од други, наши и странски автори. Иако е разновидно и многубројно, сепак, не е тешко да се издвои магистралниот правец во неговиот творечки пат и клучниот и 78 47 Македонски композитори 79 неодминлив придонес за македонската музичка култура. Тоа е балетскиот опус на авторот што опфаќа 18 целовечерни балети. Сите тие (освен една „Бајазит и Оливера“) се изведени на сцената на Македонската опера и балет (порано МНТ) во периодот од 1959 („Велеградски варијации“) до 2013 година („Александар Македонски“). Таа, од денешна гледна точка – судбинска и исконска врска со балетската уметност Бранѓолица ја објаснува вака: „…Не се знае кога започнува интересот кон некоја уметност, недоловливо е сознанието за тој миг … Не знам дали тоа мене ми се случи кон балетот во почетоците на педесеттите години, гледајќи ја работата на балетскиот ансамбл при Домот на ЈНА во Белград, или при средбата со Олга Милосавлева, кога гостуваше во Куманово, каде што служев војска и ја повикав да ѝ ги отсвирам моите ’Велеградски варијации’, за кои таа го даде коментарот: „Тоа би била добра музика за балет“ што во 1959 година се оствари и, што е најчудно, со неа како кореограф“ (Бранѓолица, Балет, Скопје, 1994, стр. 13). За инспирациите, творечките предизвици и решенија во едно интервју (Утрински весник, 10.02.2012) напиша: „ … Додека пишував, влијанијата ги црпев и од џезот, па затоа во моите дела се чувствува и еден полежерен дух во хармонска смисла, иако пишувам во духот на класичниот израз. Но, да, големо влијание врз моето творештво изврши Гершвин. Јас бев вљубен во него, па и моите композиции ги насловував по неговите, правев некоја своја варијанта. Неговата бродвејска хармонија ми беше поттик. Но, јас не го копирав, тој ми беше, на некој начин, духовен водич“. Иако со поглед во минатото, тој во своите балети внесува новини што тогашната музичка критика го забележува уште веднаш. По премиерата на „Велеградски варијации“ рецензентот Тихомир Титизов (Нова Македонија, 18.04.1959) напиша: „… Изненадување, новина и свежина. Изненадување е тоа што музиката од овој вид е новина за балетската сцена, но секако пријатна новина што елементите на џез- музиката ненаметливо (Олга Милосавлева) ги пренела на сцената. Новина што ваков начин на третирање на моментите од секојдневниот живот за првпат се осмелува да ѝ ги прикаже на публиката. Освежување што доаѓа како ненаметлива потреба по многугодишната замореност и на ансамблот и на публиката од стандардниот класичен репертоар.“ Друга важна карактеристика на балетското творештво на Бранѓолица е неговата позитивна релација со традицијата. Во таа смисла и со македонскиот музички фолклор. Балетот „Одблесок“ е еден од еклатантните примери за ова, а самиот автор во врска со тоа вели: „ … Балетот Одблесок е мој пристап кон македонскиот фолклор, кој е неисцрпна ризница на најчувствителни мелодии. Тоа ме поттикна да ги транскрибирам и да се обидам да создадам симбиоза со современите хармонии и ритми…“ (Свртување кон поезијата и историјата“ во Монографски студии за балетската уметност во Македонија 1948-
2007, Скопје 2008). Со балетот „Одблесок“ балетскиот ансамбл при МНТ гостуваше во повеќе земји во светот – Бугарија, Франција, Канада, Кина, како и во републиките на поранешна Југославија. Фолклорни елементи, не само од македонското поднебје, се среќаваат и во другите балетски дела од Бранѓолица („Карамита“, „Дубровничка легенда“ итн.).
Главна карактеристика на композиторскиот јазик на Љубомир Бранѓолица, без оглед на видот на композициите или жанрот на кој тие му припаѓаат е неоромантичарскиот музички израз. Во неговото творештво речиси нема поведување по авангардните струења на дваесеттиот век. Неговите дела се тонални, со раскошна мелодика и со вешта оркестрација. Тоа е една од причините што постојано живеат на репертоарот на македонските и на светските музички уметници и ансамбли.
ТВОРЕШТВО
БАЛЕТИ: Велеградски варијации, (1959); Недоразбирање, (1960); Скопје
63, (1964); Аболиција, (1965); Слепа девојка, (1968); Цвет и челик,
(1969); Воена приказна, (1970); Бела гулабица, (1973); Одблесок,
(1973); Карамита, (1974); Тоа е човек, (1981); Дубровничка легенда,
(1986); Соѕвездието на Конески, (1988); Простување со Тања,
(1991); Бајазит и Оливера, (1992); „Таинствена случка во музејот“, – за камерен ансамбл (камерна балетска претстава), (1994); „Сиљан повторно лета“, (2001); „Александар Македонски“, (2013);
ОПЕРИ: Марин и Јудита, (1990); Самракот на црниот, (1991);
ОРКЕСТАРСКО: Концертантна музика, – за бас-кларинет и ревиски оркестар; Каламота, за пијано и ревиски оркестар; Збир, – за пијано и ревиски оркестар; Ој, девојче, – за ревиски оркестар; Ја излези стара ле мајко, – за ревиски оркестар; Еј гиди луди млади години, – за ревиски оркестар; Не плачи мило либе, – за ревиски оркестар; Тешка беше, – за ревиски оркестар; Си заљубив едно моме, – за ревиски оркестар; Дубровничка ноќ, – за ревиски оркестар; Концертантна тема, – за ревиски оркестар; Мото Балканико, – за симфониски оркестар; Да живее мирот, – за симфониски оркестар; Нежна музика, – за танцов оркестар; Мечтаење за еден, – за танцов оркестар; За тебе, – за танцов оркестар; Пролетна импресија, – за танцов оркестар; Фолклорен танц, – за танцов оркестар; Фолклорна средба, – за танцов оркестар; Секој има свои тајни, – за танцов оркестар; Концерт, – за тромбон и гудачи; Интермецо, – за симфониски оркестар, (1953); Концертна фантазија, – за симфониски оркестар, (1954); Современа рапсодија, – за симфониски оркестар, (1954); Концертантна музика, – за тенор-саксофон и симфониски оркестар, (1958); Концертантна музика, – за труба и симфониски оркестар, (1958); Далечна пролет, – за симфониски оркестар, (1959); Четири става, – за камерен оркестар, (1969); Хабанера, – за ревиски оркестар, (1969); Играта на јагулите, – за ревиски оркестар, (1969); Концерт, – за обоа и гудачи, (1985); Концерт, – за труба и гудачи, (1985); Четири става обоени во сино, – за симфониски оркестар, (1989); Адаџо пер аморе, – за гудачки оркестар, (1990); Симфонија бр. 1 „Покана на светлината“, – за симфониски оркестар, (1990); Медитеранска суита, – за камерен оркестар, (1991); Суита , – за кларинет и гудачки оркестар, (1991); Концерт, – за пијано и симфониски оркестар, (1991); Медитеранска суита, – за симфониски оркестар, (1991); Симфонија „Покана на светлоста“, – за симфониски оркестар, (1991/1992); Концерт, – за пијано и симфониски оркестар, (1991/94); Предигра „Непокорна година 1903“, – за симфониски оркестар, (1993); Due Perle Antichi, – за гудачки оркестар, (2001); Песни (Нерези, Ако не се победи, Вознесение), – за алт и гудачки оркестар, (2004); Концерт, за удиралки и симфониски оркестар, (2006); Концерт, – за флејта, кларинет и симфониски оркестар, (2006);
КАМЕРНО: Збор, – за алт и пијано; Романтично адаџо, – за виола и пијано; Музика,за виолина и пијано; Те нема да го слушаме Шопен, – за глас и пијано; Вињета, – за инструмент со бас-клуч и пијано; Новелата, – за обоа и пијано, (1958); Варијации, – за флејта и пијано, (1958); Пет става, – за дувачки квинтет, (1987); Ламенто и мото, – за дувачки септет, (1989); Медитеранска суита, – за трио дувачи, (1989); „Серафимово око“, – за алт и пијано, (1991); Четири става (инспирирани од поезијата на Б. Конески), – за флејта и пијано, (1993); „Три вињети“, – за две виолини и виола, (2000); Две балади „Жинзифив“ и „Свадба“, – за сопран, виолина и пијано, (2001); Новелета, – за три тромбони и туба, (2005); Медитеранска суита, – за флејта, кларинет и фагот, (2005); Маријана, за кларинет и пијано, (2006); Сини хармонии, – за три тромбони и туба, (2007); Интрада, – за виолина и пијано, (2008); Латина, – за виолончело и пијано, (2009); Музика, – за виолина и пијано, (2010); Композиција – за фагот и тромбон, (2011);
СОЛИСТИЧКО: Пијано трио, – за пијано; Флејта ламента, – за флејта; Гротеска, – за пијано, (1958); Импровизација атарабиле, – за пијано, (1958); Импровизации, – за пијано, (1958); Адаџо за Јагода, – за пијано, (1998);
СОЛО ПЕСНИ: Три песни, – за алт и пијано; Три песни, – за алт и пијано; Чекор, – за вокал и пијано; Македонска земја, – за вокал и пијано; Лачоносци, за вокал и пијано; Колона, – за длабок глас и пијано; Ќе лутаме во еден нов живот, – за алт и пијано, (1969); Серафимово око, – за алт и пијано, (1991); Круша, – за алт и пијано, (1997);
ХОРСКО: Дете ај, – за детски хор; Родна слободо, – за мешан хор; Утрото над нас, – за мешан хор; Утрешна легенда, – за мешан хор, (1963); Пеење на вдовицата, – за мешан хор, (1970);
ФИЛМСКА МУЗИКА: Кеј 13 Ноември, (1954); Селидби, (1964); Весници, весници, (1965); Лифт горе, лифт долу, (1965); Григор Прличев, (1965); Венчање со фотографија, (1966); Патека, (1966); Мариово, (1967); Време без војна, (1969); Скопски сновиденија, (1990);
МУЗИКА ЗА ТЕАТАРСКИ ПРЕТСТАВИ: Кројач за дами; Вујко Вања; Менде; Гол крал; Стјуардеси; Рибарски караници; Шекспирови приказни; Страдија, (1956); Твои сончогледи земјо, (1956); Пикник, (1957); Откако постои рајот, (1959); Хенри VIII и неговите жени, (1967); Парите се отепувачка, (1986); Солунски патрдии, (1989); Убавината чекори сама; Сламениот шешир; Џумбуш, (1963);
МУЗИКА ЗА ТВ СЕРИИ: Дан, дан караман; Види Пу; Училиште за кловнови; До-ре-ми;
ПУБЛИЦИСТИКА:
•• Книга „Балет“ (Скопје) (1994)
•• Книга „Музика – 50 години со вас“ (Скопје) (2000)
Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)