Членови, Композитори

ТРАЈКО ПРОКОПИЕВ

(Куманово, 06.11.1909 – Белград, 21.01.1979)
композитор и диригент

Се родил во семејство со пет деца, но за разлика од своите браќа и сестри, ја засакал музиката. Првиот допир со неа го имал кога бил сосема мал и кога на панаѓур му купиле дудук (кавал). Вистинскиот чекор кон музиката, сепак, го прави по преселувањето на неговото семејство во Скопје (1915 година), кога татко му, забележувајќи го неговиот несомнен талент му обезбедува учители по виолина (Кирил Ризов, професионален виолинист, школуван во Швајцарија, и Сретен Стојановиќ, воен музичар, член на оркестарот на Воениот гарнизон во Скопје). Меѓу оние што му ги откривале тајните на свирењето на виолината подоцна бил и Васил Ѓаконовски Шпато (1895 – 1951) и Јосиф Андонов кој го подучувал да свири флејта. Во 1924/25 година Прокопиев се запишал, најнапред во Трговската академија, а потоа и во Гимназијата во Скопје каде што во тоа време музика предавале познатите музичари Пера Ж. Илиќ и Сергие Красовски. Понесен од воодушевувањето за музиката коешто кај него го всадиле токму тие, тој во 1929 година се запишал на Музичката школа во Белград. Под будното педагошко око на големите имиња на Јосип Славенски, Милое Милоевиќ и Коста Манојловиќ, Прокопиев совладал повеќе музички дисциплини, – свирење виолина, диригирање, оперско пеење, компонирање, музичка педагогија. За време на школувањето, како виолинист бил член на оркестарот на Кралската гарда, бил виолинист и во оркестарот „Colegium musicum“, а како хорист настапувал во Првото белградско пејачко друштво. Бил и диригент на хорот на Спортското друштво „Југ“. Во 1934 година го завршил училиштето и се вратил во Скопје. Станал секретар и професор по виолина на Приватната музичка школа „Мокрањац“, а подоцна и професор по музика во Државната реална женска гимназија.

Остварувал и исклучително интензивна изведувачка активност: диригент на хорот и оркестарот (1939/1940), член на Гудачкиот квартет (1937), диригент на Студентскиот хор „Обилиќ“ (1937/1938), диригент на Хорот „Мокрањац“ (1935) итн. Освен во Скопје диригирал и со неколку хорови во Лесковац (Србија), Сараево (БИХ) и Куманово. Својата сестраност во овој период ја заокружил објавувајќи дваесетина музички рецензии во гласилата што излегувале главно во Скопје, но и во Сараево и Лесковац. Како учесник во НОБ, Прокопиев во 1944 година го формира хорот при Главниот штаб на НОБ на Македонија, со кој настапувал низ Македонија и Србија, сè до Сремскиот фронт. По војната Трајко Прокопиев се вклучил во обновата и развојот на музичкиот живот во Македонија вршејќи повеќе значајни и одговорни функции и должности. Бил прв директор на Средното музичко училиште, а подоцна директор на Ансамблот „Танец”. Паралелно со ова бил диригент на Симфонискиот оркестар (Македонската филхармонија) и на Скопската опера.

Уште со првата своја композиција „Песна за русите коси“ (1932) – всушност тема со варијации за пијано, врз мотиви од истоимената македонска народна песна, Прокопиев покажал дека музичката традиција на Македонија ќе биде во основата на неговите идни творечки преокупации. Во 1934 година, по изведбата на творбата „Прелудиум и фуга“, критичарот Бранко Драгутиновиќ во весникот „Политика“ напишал дека „… Трајко Прокопиев од класата на Милое Милоевиќ има богата и бујна мелодиска инвенција.“ Иако интензивно продолжи да компонира, и во времето на своето школување и во времето на најинтензивната предвоена исполнителска активност, по војната, понесен од желбата за надградба на своето музичко образование извесен период престојува во Прага каде што негови професори биле познатите Јарослав Ржичка, Алоиз Хаба и Павел Дједечек. Последниов, во една пригода изјавил дека една од неговите големи желби е „…да дојдам во Скопје, да седнам во првиот ред и со задоволство да го гледам како мојот талентиран студент Трајко ја диригира операта Продадена невеста` или некое симфониско дело…“ (Костадиновски, 1983).

Иако бил неуморен диригент, главниот фокус на Прокопиев, сепак, бил во неговото творештво. Создал богат опус во кој спаѓаат хорски, камерни, оркестарски, музичко-сценски (опери и балети) и други композиции. За повеќемина истражувачи своите врвови ги достигнал во дел од хорското творештво, особено во неговите циклуси „Кумановки“, – тие своевидни и чудесни мадригали на македонската хорска музика во кои на парадигматски начин се остварени основите на македонскиот национален музички стил. И во нив, и во другите композиции, тој не само што се потпира, ами и извира од најдлабоките, исконските слоеви од македонскиот музички фолклор. Притоа, употребувајќи ги веќе познатите композиторски техники главно од деветнаесеттиот век, тој „… отстапува од конвенционалните шеми и се стреми кон послободно, спонтано, интуитивно доловување на атмосферата на употребената народна мелодија или на музичката тема во фолкорен дух.“ (Ортаков, 1982)

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Прелудиум и фуга, – за гудачки оркестар, (1934); Суита бр. 1 од балетот „Лабин и Дојрана“, – за симфониски оркестар, (1971); Суита бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“, – за симфониски оркестар, (1971); Симфониска поема „Охрид“, – за симфониски оркестар, (1978)

МУЗИЧКО – СЦЕНСКО: Балет во 4 чина „Лабин и Дојрана“, (1958); Опера во 4 дејствија „Разделба“, (1971); Опера во 4 дејствија „Кузман Капидан“, (1978)

ХОРСКО: Приспивна, – за детски хор; Дафина, – за машки хор; Ѓутѓена, – за машки хор; Огинот, – за машки хор; Марш на Првата македонска ударна бригада, – за машки хор; Илинденка, – за мешан хор; Мајка, – за мешан хор; Не ме тажи мајко, – за мешан хор; Младинска песна, – за мешан хор; Родината, – за мешан хор; Оче мој, – за мешан хор Двострука фуга, – за мешан хор, (1934); Иже херувими 1, – за мешан хор, (1935); Кумановка 1, – за мешан хор, (1935); Кумановка 2, – за мешан хор, (1935); Туѓина, – за женски хор, (1937); Кумановка 3, – за мешан хор, (1939); Иже херувими 2, – за мешан хор, (1939); Дена, – за машки хор, (1940); Кумановка 4, – за мешан хор, (1942); Карпош, – за машки хор, (1944); Песна за штурчето, – за детски хор, (1945); Роса, – за женски хор, (1945); Мајка и син, – за детски хор, (1947); Ленка , – за мешан хор, (1947); Републико наша, – за мешан хор, (1947); Балада за црната ноќ, – за мешан хор, (1951); Кумановка 5, – за мешан хор, (1952); Тропар на Св. Климент, – за мешан хор, (1969); Кондак на Св. Климент, – за мешан хор, (1969); Печал, – за женски хор, (1971); Денови, – за машки хор, (1971); Ракетка 2, – за женски хор, (1973); Ракатка 1, – за машки хор, (1973); Очи, – за мешан хор, (1978)

КАМЕРНО: Две елегии, – за алт, обоа и пијано; Прелудиум и фуга, – за две виолини, (1934); Пасторала, – за флејта, харфа и виолина, (1941); Мала суита „Дојранка“, од балетот „Лабин и Дојрана“, (1971)

СОЛО ПЕСНИ: Жалбена, – за глас и пијано, (1938); Вардаре, – за глас и пијано, (1945); Галебе мој, – за глас и пијано, (1961); Смртта на Гоце Делчев, – за глас и пијано, (1968)

СОЛИСТИЧКО: Варијации на фолклорна тема „Песна за русите коси“, – за пијано, (1932); Минијатури, – за пијано, (1947)

ОБРАБОТКИ НА НАРОДНИ ПЕСНИ: „Отвори го Кате пенџерето“, – за машки хор; „Болен ми лежи“, – за машки хор; „Што заљубив“, – за машки хор; „Ај бре излези“, – за машки хор; „Ватила зима“, – за машки хор; „Сека вечер“, – за машки хор и камерен оркестар; „Ѓурѓа пере“, – за машки хор и камерен оркестар; „Не раѓај ме мајко“, – за машки хор и камерен оркестар; „Ватила зима“, – за машки хор и камерен оркестар; „Донка вардаринка“, – за машки хор и камерен оркестар; „Еленка“, – за машки хор и камерен оркестар; „Седенка“, – за пејачка група и народен оркестар; „Драчевка“ за пејачка група и народен оркестар; „Калајџиско оро“, – за пејачка група и народен оркестар

МУЗИКА ЗА ФИЛМ: „Културен живот“; „Човек и овци“; „Жед“; „Илинден 1903“; „Комитска легенда“; „Отља“; „Веселиот молер“; „Фросина“, (1952); „Волчја ноќ“, (1955); „Охрид“, (1955)

МУЗИКА ЗА ДРАМИ: „Антица“; „Чорбаџи Теодос“; „Дом Бернарда Алба“; „Бегалка“; „Ана Франк“; „Отело“; „Печалбари“

ПУБЛИЦИСТИКА: • Концерт певачког друштва „Југовићи“ (Лесковац, „Лесковачки гласник“, год. 15; 26 окт. 1935, бр. 43, стр. 2), • Вокални концерт г. Милана Тимотића (Скопље, Скопска сцен илустровани уметнички и друштвени лист. год. 2, 1936, новембар, бр. 9, стр. 153), • Вече словенске музике (Скопље, Вардар, год. 5 1936, бр. 1004, стр.
3 – 4), • Још неколико речи поводом јубиларног концерта певачког друштва „Бранко“ у Лесковцу (Скоље, Вардар; Полемика на Тр. Прокопиев со Ст. Шијачки), •Шта је г. Шијачки у своме одговору г. Прокопијевићу (Скопље, Вардар), •На свадби у Галичнику (Скопље, Вардар; етномузиколошки осврт), • Концерт хора словачких учитеља из Чехословачке (Скопље, Вардар), • Још неколико речи поводом јубиларног концерта певачког друштва „Бранко“ у Лесковцу (Ск. “Вардар”, год. 5. 1936, 25 јуни, бр. 850, стр. 5; Полемика на Тр. Прокопиев со Ст. Шијачки), • Концерт г-ђе Ирме Кастро и г. Петра Костића (Скопље, Вардар, септ. 1936), • Концерт Петра Костића и Станка Виличића (Лесковац, „Лесковачки гласник“, год. 16. 26 септ. 1936, бр. 39, стр. 3; Најава на концертот), • Концерт Г. Г. Костића и Виличића (Лесковац, „Лесковачки гласник“, год. 16, 3 окт 1936, бр. 40, стр. 3), • Концерт Ђорђа Јовановића (Скопље, Вардар, 1936), • Вече Камерне музике. Концерт Скопске музичке заједнице (Скопље,
Скопски гласник, бр. 440, стр. 4), • Концерт г.г. Петра Костића и Ст. Виличића (Лесковац, Лесковачки гласник, год. 16, 26 септ. 1936, бр. 39, стр. 3), • Концерт руског одбора (Лесковац, „Лековачки гласник“, год. 16. 21 март 1936, бр. 12, стр. 3), • Концерт руског одбора, Сукоби у музичкој школи „Мокрањац“ у Скопљу • Развој музичког живота у Скопљу (Скопље, Скопски гласник, год. 9, 1937 бр. 448/449, стр. 5; Историски осврт на музичкиот живот), • Вече камерне музике (Скопље, Јужна Србија, 1937).

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ