(Гевгелија, 25.4.1950 – Скопје, 11.04.2020) композитор
Иако својата музичка дарба ја манифестирал многу рано, оддалеченоста од специјализираните центри за музичка едукација била причина активното занимавање со изучување на музиката да го започне релативно доцна, по завршувањето на гимназијата. Затоа, пак, интензитетот на тој допир бил и силен и екстензивен. На тогашната Висока музичка школа во Скопје, најнапред дипломирал на наставно-теоретскиот, а потоа на композиторскиот оддел во класата на академик проф. Властимир Николовски. Во последните години од студиите посетувал повеќе семинари и курсеви (Грожњан – Хрватска, Општин – Полска) каде што ги слушал предавањата на големите мајстори на композиторскиот занает на дваесеттиот век: Витолд Лутославски (Полска), Пјер Шефер (Полска), Андре Лпорт (Белгија), Најџел Осборн (Англија) и др. Од 1980 до 1981 година Томе Манчев специјализира композиција во Прага, во класата на Јиржи Дворжачек, а од 1982 до 1988 г. во класите на Јиржи Дворжачек и Јозеф Церемуга каде што дипломира на највисокиот степен на студии: уметничка аспирантура на Прашкиот музички факултет. Во 1999 година станува доктор на музички науки на Државната академија „Панче Владигеров“ во Софија (Р. Бугарија), под менторство на Димитар Сагаев со трудот „Движењето, суштински елемент во симфониското творештво“. По дипломирањето Манчев, паралелно со творечката, развива богата педагошка дејност во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје и на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што освен предавањето, дел од главните стручни предмети (оркестрација, познавање музички инструменти, основи на оркестрацијата, техники на компонирање на XX век, анализа на музичко дело, методологија на научно истражување и др.), води и своја композиторска класа. Од неа до сега се излезени дел од претставниците на најмладата генерација македонски композитори: Валентина Велковска – Трајановска, Михајло Штерјов, Вулнет Таири и др.
Впечатлива е и научната и публицистичка дејност на Манчев. Освен книгата „Движењето, суштински елемент во симфониското творештво“, како и коавторството во монографијата на академик Тодор Скаловски, со свои трудови настапувал на повеќе меѓународни симпозиуми, а дел од нив се печатени во нашите стручни списанија и публикации. Сите тие главно се посветени на прашањата на доосветлувањето на определени аспекти на творештвото на македонските композитори. Ретки се авторите кои со своите први композиции блеснуваат со сиот сјај. Манчев ја имаше таа среќа неговиот вокален циклус „Санаториумска балада“, создаден само една година по приемот во класата на академик проф. Властимир Николовски, значи во 1975 година, да го привлече вниманието на стручната јавност при првата изведба на Средбата на музичките академии од поранешна Југославија. (Една од изведувачите, мецо-сопранистката Милка Ефтимова во едно свое сеќавање вели: „… Изведбата предизвика… крајно воодушевување кај професорите од поранешна Југославија. Тие овој циклус го оценија како едно од најуспешните остварувања на Смотрите, а чудењето беше како е можно студент од прва година да создаде толку зрело, модерно и монолитно дело?“ За ова дело најпофално се изрази и големиот Витолд Лутославски на семинарот во Грожњан во 1977 година, кога токму по негово инсистирање таа беше ставена во програмата што беше изведена (Манчев, „Харизмата на великиот Лутославски“). Подоцна творештвото на Манчев се разви во повеќе насоки, опфаќајќи поголем дел од жанровите на класичната музика, но посебен белег остави во неговиот оркестарски опус. За едно од неговите дела (симфонијата „Паганофонија“, награда „Панче Пешев“), Владо Чучков (Вечер, 26.11.1991) напиша дека „… со третиот став од својата Симфонија дефинитивно нè убеди во неговиот силен творечки потенцијал. Имено, овој став што (евентуално!) би можел да биде самостојна симфониска творба, возбуди со низа творечки составки: изразито блескавата оркестрација, што донесе возбудливи оркестарски мириси, творечкиот сензибилитет со изразита тенденција кон жестока драматичност, непрекинливиот тек на еден ретко емотивен симфонизам, како и вонредно силната творечка вибрантност и тоа во еден широк распон. Со сето тоа, овој став (а можеби и целата симфонија!) апсолутно може да влезе во најтесниот круг на нашето симфониско творештво…“. Карактеристиките што ги забележа Чучков на извесен начин беа нотирани и порано (М. Таджиев и С. Рибакова во списанието „Советскаја музика“ бр. 4, април, 1983: „ … Симфониската поема нè привлече нас со мошне цврста авторска замисла и со голема воспримателна моќ за борбата на светлината и темнината. Со мелодијата авторот продемонстрирал и солидно чувство за организирање на структурата, а особено доброто знаење на оркестрација…“), но особено дојдоа до израз во подоцнежните композиции. За композицијата „Стара песна“ (награда „Панче Пешев“) Стојче Тошевски (Нова Македонија, 17.7.1997) напиша дека „ …Тома Манчев на доследен начин се потпира врз аликвотите на фолклорот, поривајќи во неговите длабоки слоеви и врз асоцијациите на неговиот инструментариум и мелодиско ритмичкиот идиом со што на оркестарот му овозможи интересно совршено себепрепознавање. Се соочуваме со надворешно економичен, но внатрешен богат, исконски блесок на музичкиот израз…“. За композицијата „Егзодус“, за која авторот ја доби наградата за најуспешно остварување во претходната година во Македонија, Костадин Костадиновски (Македонија денес, 4.4.2002) вели дека таа е „…најубавото и најзначајното дело во репертоарот на годинашните денови што претставува ремек-дело во македонската симфониска музика. Неговиот музички говор длабоко проникна во драмско-емотивната содржина, така што крајниот изразен тонус претставува своевиден кардиограм што го отсликува „здивот на ранетата душа на Македонија“.
ТВОРЕШТВО
ОРКЕСТАРСКО: Симфониета, – за симфониски оркестар, (1978); Симфониска поема, – за симфониски оркестар, (1981); Концерт, – за виолина и оркестар, (1985); Симфонија „Паганофонија“, – за баритон и голем симфониски оркестар, (1987); Симфонија број 3, – за гудачи, (1988); „Ми заплакало селото Ваташа“ (обработка), – за мешан хор и камерен оркестар, (1993); „Стара песна“ – концертни сцени, – за симфониски оркестар, (1994); Песна и Танец, – за гудачки оркестар, (2000); Егзодус 2001, – за симфониски оркестар, (2001); Симфонија Реквием, – за сопран, рецитатор и симфониски оркестар, (2004); Свечен херојски танец, – за воен оркестар, (2013);
ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО: Симфонија број 1, – за камерен хор и обоа, (1979); Славјанофонија – ораториум, – за солисти, рецитатор, хор и оркестар, (1979); Кантата, – за хор, солисти, рецитатор и оркестар, (1987); КАМЕРНО „Контрасти“, – за виола и пијано, (1975); Два става, – за виолончело и пијано, (1976); Три скици, – за дувачки квинтет, (1978); Соната, – за виола и пијано, (1980); Танец, – за ударнии инструменти и пијано, (1981); Соната, – за обоа и пијано, (1981); Соната, – за виолина и пијано, (1989); Интрада и Капричо, – за камерен квинтет, (1998-99); Каденца и кода, – за флејта, кларинет и фагот, (2003); Пискотници, – за рецитатор, обоа, кларинет, фагот, удиралки, пијано, виолина и виолончело, (2010);
СОЛИСТИЧКО: Девет минијатури, – за пијано, (1973); Суита, – за пијано, (1975); Соната, – за пијано, (1977); ДД…, – за флејта, (2002); Монолог и дијалог, – за фагот, (2003);
ХОРСКО: Земја од камен, – за мешан хор, (1973); Три обработки, – за женски хор и солист, (1974); Војна, – за мешан хор, (1976); Жетварска, – за мешан хор, (1977); 1014 година, – за мешан хор, (1981); Марш на велосипедистите, – за детски хор, (1981);
СОЛО ПЕСНИ: Санаториумска балада – циклус, – за глас и пијано, (1974); Цветови на слободата – циклус, – за глас и пијано, (1984); ПЕСНИ ЗА ДЕЦА Зошто имам, (1985);
ПУБЛИЦИСТИКА • Властимир Николовски во современото македонско музичко творештво (ракопис), (1985) • Влијанието на македонското народно творештво врз инструменталната продуктивна музичка мисла, МАНУ, (1996) • Научни аспекти за потеклото на големиот австриски диригент Херберт Фон Карајан, Струшка музичка есен, (1998) • Движењето – суштински елемент кај симфониското творештво (СОКОМ, Скопје), (2001) • „Тодор Скаловски“ – монографија (коавтор), МАНУ, (2003) • Тодор Скаловски (1909 – 2004), МАНУ, (2004) • Традиционалната народна музика – инспирација за македонските композитори од XX и XXI век, ФМУ-ИРАМ, (2005) • Харизмата на великиот Лутославски („Музика“, бр. 18, 2012, стр. 15-26), (2012) • Движечко-мобилниот фактор во вториот став од кантатата „Сердарот“ кај композиторот Властимир Николовски, Струшка музичка есен, (2012) • Формата на вториот став од кантатата „Сердарот“ на композиторот Властимир Николовски (Музика, бр. 19, 2013, стр. 65-76), (2013)
Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)