Членови, Композитори

ТОМА ПРОШЕВ

(Скопје, 10.10.1931 – Загреб, 12.09.1996)
композитор, музиколог

Гимназија завршил во Скопје. Студира и дипломира на Музичката академија во Загреб – наставно теоретски оддел. Извесно време студирал композиција во Загреб, во класата на Стјепан Шулек („… одлуката да станам музичар и композитор е исклучиво поврзана со името на … проф. Стјепан Шулек…“ – интервју за Радио Сарајево, 6.7.1978), а во 1960 година дипломира композиција на Академијата за музика во Љубљана, во класата на проф. Луцијан Марија Шкерјанц, каде што и магистрира ( „… отворен за новините што главно ги чувствував, а со отпор кон сето што е шаблонизирано … (беше спротивен) … на тесниот академизам на проф. Стјепан Шулек, затворен за сето она што го симболизира нашето време… Ние се разделивме…“. Потоа се усовршува во Париз, во класата на професор Надиа Буланже, во областа на композицијата и музичката интерпретација („… беше исполнета со знаење и желба да му помогне на младиот уметник, не наметнувајќи му ја својата волја како единствено правилна…“).

Извесно време работел како музички соработник во Радио-телевизија Загреб (денешна – Хрватска радио-телевизија). Од 1959 година е професор во Средното музичко училиште „Ватрослав Лисински“ во Загреб, а од 1967 година – доцент и професор на Високата музичка школа во Скопје (денес – Факултетот за музичка уметност). Во меѓувреме е декан на Факултетот, а во два мандата и директор на Универзитетскиот центар за уметност на Република Македонија. Исто така бил директор на Операта и Балетот при Македонскиот народен театар во Скопје (1968-1970) и уметнички директор на Операта при МНТ (1987). Тома Прошев е основач, музички раководител и диригент на камерните ансамбли за современа музика: „Музика нова“ во Загреб и „Света Софија“ во Скопје. Со овие камерни состави Прошев има остварено многубројни настапи во Македонија и во странство и има реализирано голем број аудио и видеоснимки за многу радио и телевизиски станици. На репертоарот на овие ансамбли (особено на „Света Софија“) беа главно дела од авангардната светска литература, како и композиции од македонски автори, најчесто создавани токму за овој ансамбл ( „… Во тоа време луѓето кои не беа склони кон напредокот и неупатени во современото европско музичко творештво, даваа силен отпор на постоењето на ова репродуктивно тело… Постепено се создаваше круг кој компонираше за ансамблот, следејќи ја идеологијата на напредокот и во исто време потпирајќи се на генетското потекло, историјата и етносот…“).

Освен како композитор, Прошев се пројавил и како исклучително плоден публицист. Во 1980 година докторира со темата „Композициско- техничките и стилските карактеристики на современото македонско музичко творештво“. Издаде неколку книги („Современа македонска музика, Пула, 1986; „Музиката – откинат дел од даденоста“, Скопје, 1995) и напиша повеќе студии и статии во кои особено место заземаа неговите опсервации сврзани со определени естетички и филозофски прашања на музичката уметност. Тома Прошев во текот на својот исклучително богат творечки живот бил на повеќе истакнати општествени функции. Беше генерален секретар на Сојузот на композиторите на поранешна Југославија, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија и вршеше низа други важни функции од значење за македонската музичка култура.

Прошев е еден од неколкуте автори во македонската музичка култура што во почетокот на шеесеттите години со крупни чекори го поведоа македонското музичко творештво во насока на достигање на најсовремените дострели на развиените светски музички култури. Дури, без никаков сомнеж, тој беше корифејот на таа генерација целосно школувани македонски композитори и тој беше творецот што најхрабро се впушти во достигање на најсовремените творечки дострели. Беше предводникот на „македонската модерна“, кој даваше и поттик и охрабрување за сите други посмело да се впуштат во освојување на придобивките на авангардниот музички јазик.

Тома Прошев, иако не живееше долго, остави исклучително богат творечки опус од неколку стотини композиции што ги покриваат речиси сите музички жанрови – од помалите до најкрупните, – симфонии, опери, балети. Да се напишат три опери (една во две верзии), три балети, дваесетина кантати, десетина ораториуми, шеесетина оркестарски композиции и голем број помали форми, навистина е подвиг недостижен за многу автори во светски рамки. Она што е можеби и побитно од тој огромен опус е фактот што тие дела имаа извонредно интензивен живот на тогашните светски музички сцени и што преку него македонската музика се претстави како музика којашто, освен со своите длабоки корени, се одликува и со нејзините модерни творечки дострели. Имаше поединци во шеесеттите години што поттикнати од настојувањето македонското творештво да го прикаже „ … не само како резултат на современите настојувања, туку и … интересот за традиционалните вредности, на Прошев понекогаш му префрлуваа за … оддалеченоста од традиционалната база на нашата почва…“ (Ортаков, во Прошев, 1995), но најдобриот одговор на сето тоа го даде самиот Прошев (Интервју за Радио Сараево): „ … Сметам дека фолклорот е духот на еден народ… Музичкиот идиом е само формалната страна на една традиција. Но традицијата е сеопфатност… Многу одговорно сум се однесувал спрема нашиот народен дух… Денеска, кога сум зрел, послободно го користам својот фолклор затоа што знам како подобро да го употребам и знам што треба од него да земам…“.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Концерт, – за пијано и гудачки оркестар, (1959); Концертантна музика, за виолончело и гудачки оркестар, (1960); Макети, – за симфониски оркестар, (1961); Симфонија број 1, – за симфониски оркестар, (1962); Концерт, – за симфониски оркестар, (1962); Концертантни импровизации, – за виола и гудачки оркестар, (1962); Концерт бр.1, за виолина и симфониски оркестар, (1963); Метастази, – за камерен оркестар, (1963); Релации, – за симфониски оркестар, (1964); Темпера II, – за гудачки оркестар, (1964); Концерт, – за хармоника и симфониски оркестар, (1964); Концерт , – за Мартенови бранови и симфониски оркестар, (1964); Симфониски став, – за симфониски оркестар, (1965); Концерт, – за обоа и гудачки оркестар, (1967); Три става, – за кларинет и гудачки оркестар, (1967); Концертантна музика, – за гитара и гудачки оркестар, (1968); Темпера III, – за симфониски оркестар, (1968); Темпера IV, – за гудачки оркестар, (1969); Симфонија бр. 2, – за гудачки оркестар, (1971); Темпера VI, – за гудачки квартет и гудачки оркестар, (1971); Камерна музика бр.1, – за фагот и камерен оркестар, (1971); Свечена увертира, – за симфониски оркестар, (1972); Темпера VII, – за гудачки и ударни инструменти, (1972); Темпера VIII, – за три флејти и гудачки оркестар, (1972); Интеграли II, – за пијано и гудачки оркестар, (1972); Три лирски слики, – за три флејти и гудачки оркестар, (1973); Музичка приказна бр. 1, – за камерен оркестар, (1973); Темпера II, – за флејта, харфа, чембало и гудачи, (1974); Концерт, – за бас кларинет и гудачки оркестар, (1974); Симфонија бр. 3, – за симфониски оркестар, (1976); Адаџо за Билјана, – за виолина и гудачки оркестар, (1976); Концерт, – за виолина и гудачки оркестар, (1976); Концерт, – за две виолини и симфониски оркестар, (1976); Симфонија бр. 4, – за симфониски оркестар, (1977); Кончерто џокозо, – за пијано и гудачи, (1979); Концерт, – за обоа и симфониски оркестар, (1980); Мувинг 9, за виолина, контрабас, пијано и оркестар, (1981); Концерт, – за две гитари и гудачки оркестар, (1981); Адаџо, – за виола и гудачки оркестар, (1983); Адаџо, – за виолина и гудачки оркестар, (1984); Симфонија бр. 5, – за симфониски оркестар, (1984); Мувинг 10, – за контрабас и симфониски оркестар, (1985); Концерт, – за виолончело и симфониски оркестар, (1986); Концерт, – за виолина и симфониски оркестар, (1987); Симфонија бр. 6, – за симфониски оркестар, (1987); Свита, – за мецо-сопран и симфониски оркестар, (1987); Концерт, – за чембало и симфониски оркестар, (1987); Концерт, – за кларинет, виолончело и симфониски оркестар, (1988); Симфонија бр. 7, – за симфониски оркестар, (1988); Симфонија бр. 8, – за симфониски оркестар, (1989); Концерт „Божиќен“, – за пијано и оркестар, (1991); Симфонија бр. 9, за симфониски оркестар, (1991); Симфонија број 10 – „Симфонија на Надежта“, – за симфониски оркестар, (1992); Симфонија бр.11, – за симфониски оркестар, (1992); Лес Прелидес, – за симфониски оркестар, (1993); Еахаде, – за гудачки оркестар, (1993);

МУЗИЧКО СЦЕНСКО: Опери – „Пајажина“, (1958); Малиот принц, (1965); Аретеј, (1972); Аретеј (втора верзија), (1987); Балети – Рамки и одѕиви, (1963); Песна над песните, (1967); Три сестри, (1986);

ВОКАЛНО -ИНСТРУМЕНТА ЛНО: Ораториуми – Јама, (1964); Скопје, (1964); Сонце на прастарата земја, (1966); Порака, (1968); Мир на светот, (1985); Прогонство, (1987); Тера Македонија, (1993); Кантати – Во збег, (1959); Малечки птици, (1959); Цар Самуил, (1965); Титов напријед, (1967); Бои, (1967); Cantcum Canticorum, (1967); Sermo declamatorius, (1969); Спокој, (1970); На жената, (1975); Перуника, (1975); Еден човек, (1977); Очи, (1978); Човекот, (1978); Апел, (1979); Gloria Tua, (1980); Мртвите од сите војни, (1986); Други – Епитаф, – за баритон и оркестар, (1960); Морфографија 1, – за глас и камерен ансамбл, (1965); Света Софија Охридска, – за тенор и гудачи, (1966); Небо, – за глас и камерен оркестар, (1967); Темпера V, – за четири вокали и гудачи, (1970); Везилка, – за глас и гудачи, (1974); Слика, – за мецо-сопран и камерен оркестар, (1978); Сола, – за мецо-сопран и камерен оркестар, (1978); Акварел, – за сопран и гудачи, (1978); На пријателот, – за мецо-сопран и симфониски оркестар, (1980); Ариа Хаус марто, – за алт и гудачки оркестар, (1993); Вокализми, – за глас и гудачки оркестар, (1993);

КАМЕРНО: Соната, – за виолина и пијано, (1950); Музика, – за обоа и пијано, (1951); Став, – за флејта и харфа, (1953); Гудачки квартет број 1, (1959); Дувачки квартет, (1963); Дувачки квинтет бр. 1, (1963); Дувачки квинтет бр. 2, (1963); Ла Фонтенови басни, – за дувачки квинтет,
(1963); Четири инвенции , – за дувачки квинтет, (1963); Темпера I, за хорна и гудачки квартет, (1963); Адаџо, – за виолончело и пијано, (1964); Гудачко трио бр.1, (1964); Радијанти, – за камерен ансамбл (1964); Десет минијатури, – за виолина и пијано, (1965); Аморфија I, – за камерен ансамбл, (1965); Аморфија II, – за камерен ансамбл, (1965); Инерција, – за камерен ансамбл, (1965); Морфографија 1, – за камерен ансамбл, (1965); Морфографија 2, – за камерен ансамбл, (1965); Дијаметрија бр. 1, – за камерен ансамбл, (1965); Дијаметрија 2, – за флејта и камерен ансамбл, (1965); Осцилации, – за гудачки квартет, (1967); Мусандра 1 до 25 (неврзан циклус инструментални композиции пишувани за различни камерни состави од дуо до нонет), за , (1971-1982 ); Камерна музика бр. З, – за виолончело и камерен ансамбл, (1972); Интеграли бр.1, – за пијано и камерен ансамбл, (1972); Летно попладне, – за контрабас и пијано, (1973); Гудачко трио бр.2, за гудачко трио, (1975); Дувачко трио бр. 1 , (1979); Мувинг бр. 5, – за две виолини и пијано, (1980); Дувачко трио бр. 2, – за дувачко трио, (1980); Фолклорна музика бр. 1, – за дувачки квинтет, (1982); Фолклорна музика бр. 2, – за дувачки квинтет, (1983); Фолклорна музика бр. З, – за дувачки квинтет, (1983); Дијалог, – за контрабас и гитара, (1983); Трио, – за флејта, виола и пијано, (1984); Соната, – за две пијана, (1987); Гудачки квартет бр. 2, (1989); Гудачки квартет бр. З, (1990); Икони, – за глас, труба, клавир (оргули), (1992); Адаџо, – за камерен оркестар, (1992); Мувинг број 15, – за фагот и пијано, (1994);

СОЛИСТИЧКО: Капричо, – за пијано, (1950); Класична суита , – за пијано, (1950); Копнеж, – за пијано, (1951); Пет прелудиуми, – за пијано, (1951); Токатина и Арабеска, – за пијано, (1952); Четири прелудиуми, –
за пијано, (1952); Сонатина, – за пијано, (1953); Мутации, – за соло
гитара, (1959); Соло, – за флејта, (1959); Радианти, – за пијано, (1963);
Класична соната, – за пијано, (1963); Циклус „Музичка сликовница“ за пијано, (1966); Мутации, – за соло гитара, (1973); Мувинг бр. 1, – за пијано, (1979); Мувинг бр. 2, – за пијано, (1979); Мувинг бр. З, – за пијано, (1979); Мувинг бр. 4, – за пијано, (1979); Аморфија, – за пијано, (1980); Мувинг бр. 6, – за пијано, (1980); Варијации, – за пијано, (1981); Пиеса, – за соло контрабас, (1983); Соната бр. 1, – за пијано, (1985); Песна, – за флејта, (1993);

ХОРСКО: Мусандра бр. 2, – за женски хор, (1973); Еден човек, – за два мешани хора, (1976); Измора, – за мешан хор, (1980); Календар, – дванаесет хорски песни за деца, (1981); Сонор 1, – за женски хор, (1983); Ноктурно 2, – за женски хор, (1987); Ноктурно 1, – за машки хор, (1987); Мусандра 24, – за осмогласен хор, (1987); Лузна, – за мешан хор, (1988);

СОЛО ПЕСНИ: Циклус песни „Жени“; Лузна, (1967); Везилка, (1979); Циклус песни „Така е се далеку“, (1982);

МУЗИКА ЗА РАДИО ДРАМИ: Не е во ред твојот часовник, (1951); „Планина на гневот“, (1958); МЈУЗИК Л Ташула, (1978);

ПУБЛИЦИСТИКА:
Книги:
•• Современа македонска музика, (1986)
••Музиката – оттргнат дел од даденоста, (1995)
••Мојот дел од времето (ракопис), (1995)
••На распаќето на времето, (1994)
Статии
•• За народното во музиката, (1956)
••Композитор, музички уметници и музичке установе („Звук“, бр. 113,
Сарајево), (1971)
••Нека размишљања о музици („Звук“, бр. 3, Сарајево), (1976)
•• Уметничкото дело и публиката, (1979)

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ