Членови, Композитори

РИСТО АВРАМОВСКИ

(Селци, Струга, 20.08.1943 – Скопје, 08.07.2007)

Интерес за музиката пројавува многу рано, уште во време на основното образование кога се запишува во Нижото музичко училиште во Прилеп. Продолжува во Средното музичко училиште во Скопје, каде што паралелно учи виолина и композиција кај истакнатиот композитор, подоцна академик – Властимир Николовски. Потоа се запишува на Факултетот за музичка уметност во Белград каде што студира композиција во класата на професорот и композитор Енрико Јосиф. Работниот век го помина во Македонската радио-телевизија како музички продуцент и уредник.

Творечкиот опус на Аврамовски е исклучително богат и опфаќа над 150 дела од речиси сите жанрови на класичната музика, – од најмалите форми, до најкрупните – симфонии, ораториуми, кантати, опери. Од експерименталната радиофонија до применета музика пишувана за театар, телевизија и филм. Неговиот творечки импулс не запира тука, па така значителен дел од својата креативност тој ја насочува и кон пишуваниот збор, – рецензии (бил критичар на Радио Скопје, во весниците „Вечер“ и „Нова Македонија“, во списанието „Современост“), пишувал коментари, полемики, правел опсервации на поважните уметнички прашања итн. Освен ова исклучителен е неговиот придонес и во сферите на организацијата на музичкиот живот и други општествени активности. Иницијатор е на најобемната презентација на македонското музичко творештво, – фестивалот „Денови на македонската музика“ (1978 година) која длабоко навлезе во четвртата деценија од своето постоење. Со неа раководеше шеснаесет години. Даде значаен придонес и во развојот на фестивалот „Охридско лето“ (еден мандат беше претседател на Управниот одбор), како и во формирањето, етаблирањето и работата на повеќе други наши фестивали, ансамбли, музички асоцијации. Беше истакнат член на Сојузот на композиторите на Македонија, во два мандата негов претседател и еднаш секретар. Како претставник на СОКОМ беше член на раководните тела на Сојузот на композиторите на поранешна Југославија, како и член на Одборот за заштита на авторски права. По осамостојувањето беше претседател на Управниот одбор на ЗАМП – Скопје. Пред тоа, уште во своите млади години, беше претседател на Музичката младина на Македонија и потпретседател на Музичката младина на поранешна Југославија. Вниманието на стручната јавност во Македонија и во поранешна Југославија го сврти со своето творештво кон крајот на шеесеттите години од минатиот век. Неговата творба „Четири дела“ за глас и камерен оркестар изведена на фестивалот Охридско лето во 1968 година укажа дека на нашето творечко небо се раѓа нова ѕвезда. Дека нејзиниот сјај ќе трае и ќе се развива покажа веќе во наредната година кога токму за ова дело ја доби Републичката награда „Млад борец“. Со супрелативи од критиката беше пречекана и појавата на неговата оркестарска композиција „Библиофонија“ во 1970 година. Сепак, дефинитивниот впечаток дека се работи за автор што во македонското музичко творештво носи нова творечка енергија којашто главно извира и ќе извира од нашите духовни простори ќе се оформи со појавата на делата „Психофонија 1“ и „Психофонија 2“ во 1972 и 1974 година. Тука веќе се наѕира фактот дека битот на македонското духовно поднебје и богатството на македонскиот фолклор во неговите дела добиваат и ќе добијат нови вредности и нова експресија. Притоа не тргнува по патот на радикалните експерименти што значат драматична преобразба на музичкиот јазик, туку се служи со умерени изразни средства со кои се одликуваат делата со таканаречениот „неокласицистички творечки пристап“. Неговата блискост со некои од тогаш авангардните музички школи (полската, на пример) може повеќе да се сфати како информација и искуство, а не како готов и применлив рецепт. Тоа му овозможува својот истражувачки инстинкт тој да го насочи на друга страна: во сферите на различните форми кои ги применува во своите дела, разновидниот инструментариум, составот на изведувачите итн. Тоа го доведува релативно брзо да ги совлада најголемите музички форми и да ги практикува до крајот на неговиот живот, создавајќи над дваесет крупни музички дела. Определени излети во другите подрачја, како што се експериментите во радиофонијата или обемниот опус на музика за театарски претстави, музика за филмски остварувања и над осумдесет радиодрами само го дополнуваат мозаикот на широкиот творечки интерес на Аврамовски. Искуствата стекнати од осознавањето на тајните на драматургијата подоцна наоѓаат одраз и рефлексија во неговите вокално-инструментални и сценски дела.

Творештвото на Ристо Аврамовски во еден подолг период е изведувано во над триесетина земји во светот. Изведувано е и на некои од најголемите европски музички фестивали, – Златна Прага (Чешка), Дубровнички летни 138 47 Македонски композитори 139 игри (Хрватска), БЕМУС (Србија), Варненско лето (Бугарија), Братиславски музички свечености (Словачка) и др. Голем дел од неговите дела се печатени (некои дури и од реномираните издавачки куќи „Петерс“ од Лајпциг и „Музика“ од Москва), а дел од нив и ставени на носачи на звук (албум од шест авторски грамофонски плочи, повеќе аудио касети, компакт дискови итн.). За својата исклучително богата творечка и општествена активност Аврамовски е добитник на највисоките државни награди и признанија, како и на низа стручни награди.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Варијации, – за оркестар, (1967); Темпера, – за оркестар, (1968); Библиофонија, – за симфониски оркестар, (1970); Психофонија – 1, – за камерен оркестар, (1972); Канон, – за оркестар, (1974); Психофонија – 2, – за камерен оркестар, (1974); Еволуција, – за оргули, магнетофонска лента и гудачки оркестар, (1976); Кон – концерт, – за пијано и гудачи, (1980); Симфонија бр. 1 „Кон светлината“, – за симфониски оркестар, (1984); Симфонија бр. 2, – за симфониски оркестар, (1985); Егзодус, – за две пијана, тимпани, детски (женски) хор и гудачки оркестар, (1986); Симфонија бр. 3 „Слики од животот на Христос“, – за симфониски оркестар, (1989); Концерт, – за пијано и оркестар, (1990); Симфонија бр.5 „Есен“ од циклусот „Четири годишни времиња“, – за оркестар, (1992); „Етнографофонија – Црно писмо”, – за детски хор, женски хор, глас, гудачи, специфични музички и ударни инструменти, (1992); Симфонија бр.6 „Лето“ од циклусот „Четири годишни времиња”, – за оркестар, (1993); Вознесение, – за симфониски оркестар, (1994); Симфонија бр. 7 „Пролет“ од циклус „Четири годишни времиња“, – за оркестар, (1995); Концерт-фантазија, – за виолина и оркестар, (1996); HOSTIAS -Balkan -Requem, – за солист, хор и оркестар, (1997); Симфонија бр.8 „Зима” (Исусова) од циклусот „Четири годишни времиња”, – за солист-баритон и оркестар, (1997/98); Балкан Реквием, – за мешан хор и симфониски оркестар, (1999); Lamento per Macedonia, – за гудачки оркестар, (2001); Хармосин и прогонетиот Византиец, – за симфониски оркестар, (2003); Концерт во манирот на Вивалди, – за виолина и гудачки оркестар, (2004);

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО: Оркестрација на „Дојдовме“ (на П. Б. Кочко); Лелек, – кантата за солист, хор и оркестар, (1964); Везилка, – кантата за глас, гудачки оркестар и пијано, (1965); Роден крај, – мала детска кантата за солист, детски хор и гудачки оркестар, (1966); Четири дела, – кантата за глас, флејта, кларинет, виола и пијано, (1967); Македонија, – ораториум за солисти, рецитатори, детски хор, мешан хор и симфониски оркестар, (1968); Кирил и Методиј, – ораториум за солисти, детски хор, мешан хор и симфониски оркестар, (1969); Црвени цветови, – кантата за глас и камерен оркестар, (1974); Повесница, – ораториум за солист, рецитатори, детски хор, женски хор, мешан хор и симфониски оркестар, (1977); Силно светнал ден, – кантата за солист, рецитатор, детски хор, мешан хор и симфониски оркестар, (1983); Азбука бр. 1, – кантата за хор и симфониски оркестар, (1987); Азбука бр. 2, – кантата за хор, пијано, ѕвона и гонг, (1988);

МУЗИЧКО-СЦЕНСКO: Болен Дојчин, (1982); Чекори на терпсихора – балет, (1984); Игри на животот и смртта, балет (1991); Јулија и Ромео, денес, балет (1991); „Лидија од Македонија“ – опера во 4 чина, (2001);

КАМЕРНО: Серенада, – за виолина и пијано, (1960); Терцет, – за флејта и две виолини, (1962); Суита, – за виолина и пијано, (1963); Соната, – за две виолончела и пијано, (1967); Гудачки квартет, (1968); Музика, – за дувачки квинтет, (1970); Ноќни записи, – за обоа и пијано, (1975); Вокална поема „Две раце“, – за глас, рецитатор и пијано, (1979); Анданте модерато, – за виола и пијано, (1982); Соната, – за виолина и пијано, (1982); Соната, – за две пијана, (1989); Симфонија бр.4 „Пролетна“, – за гудачи, (1992); Космос 1 „Икаров Лет“, – за синтисајзер и челеста, (1993); Космос 2 „Дијалози во Арл“, – за синтисајзер и пијано, (1993); Поступано оро „Бис“, – за гајда и гудачи, (1995); Циклус „Тишина“, – за глас и гудачи, (1995); „Птици”, – за дувачки квинтет и пијано, (1995); Циклус „Тишина“ 2, – за глас и пијано, (1996); Гудачки квартет бр. 2 „Берлински“, – за гудачки квартет, (2003-04); Психофонија бр. 2, – за камерен ансамбл, (2005); Мементо, – за виола и пијано, (2005);

СОЛИСТИЧКО: Минијатура, – за пијано, (1961); Пиеса, – за пијано, (1961); Прелудиум, – за пијано, (1961); Игра, – за пијано, (1961); Скитник, – за пијано, (1961); Минијатури, – за пијано, (1962); Контрасти, – за пијано, (1963); Суита, – за пијано, (1965); Микросуита „Потсетување на Ј. С. Бах“, – 140 47 Македонски композитори 141 за виолончело, (1969); Прелудиум , – за пијано, (1970); Циклус „Три исповедни молитви“, – за пијано, (1974); Прелудиум, – за харфа, (1974); Скици, – за контрабас, (1976); Студија бр. 1, – за пијано, (1980); Четири минијатури, – за виолончело, (1983); Прелудиум во чест на Бах, – за пијано, (1985); Три ноктурна, – за синтисајзер, (1990); Екпериментална радиофонија „Раѓањето на зборот“, – за синтисајзер, (1991); Четири ноктурна, – за синтисајзер, (1991); Експериментална радиофонија „Од другата страна“ , – за синтисајзер, (1993); „Консонантни дисонанти“, – за пијано, (1998); ХОРСКО Добри луѓе, – за мешан хор, (1962); Скерцандо, – за мешан хор, (1962); Циклус „Будење“, – за женски хор, (1962); Свадбарска, – за мешан хор, (1964); Хумореска, – за мешан хор, (1966); Бурлеска, – за мешан хор, (1966); Намислила мравка, – за двогласен хор и пијано, (1967); Бес и молитва, – за мешан хор, (1967); На татковината, – за мешан хор, (1968); Епитаф, – за мешан хор, (1969); Черга, – за мешан хор, (1969); Напеви за црната ружа, – за женски хор, (1970); Оро, – за детски хор, (1972); Песна за рударите, – за машки хор и пијано, (1974); Корал, – за женски хор, (1976); Песна за слободата, – за мешан хор и пијано, (1977); Слава Кирилу и Методију, – за мешан хор, (1978); Молитва за мудра смрт, – за мешан хор, (1984); Неиспратено писмо, – за мешан хор, (1984); Четири песни, – за женски хор, (2002); Додолии, – за мешан хор, (2003); Интерлудиум, – за мешан хор, (2003); Канон, – за мешан хор, (2003);

СОЛО ПЕСНИ: Медитација, – за глас и пијано, (1962); Песна, – за глас и пијано, (1963); Молитва, – за глас и пијано, (1967); Езеро 1, – за глас и пијано, (1968); Псалм, – за глас и пијано, (1969); Малино моме, – за глас и пијано, (1974); Езеро 2, – за глас и пијано, (1975); Романтична поема „Кон Македонија“, – за глас и пијано, (1984); Зикови, – за глас и пијано, (1985);

ПЕСНИ ЗА ДЕЦА: Очи, (1967); Ѕинѕири, минѕири, (1967); Од палец до сон, (1970); Цвеќе, (1970); Капка по капка, (1970); Дојде пролет, (1971); Распуст, (1971); Цвеќенце драго, (1972); Мустаќите на дедо, (1972); Во чинија бела, (1973); Козичка, (1975);

МУЗИКА ЗА ФИЛМ И ТВ: „Светецот од Слатина“, (1975); „Феникс“, (1976); „Австралија, Австралија“, (1976); „Црвеното јаболко“, (1976); „Самотија“, (1978); „Закопаната мистрија“, (1978); „Учителот“, (1979); „Време води“, (1980); „Кратка средба“, (1984); „Велика“, (1984); „Долгата пролет на Ставре Штркот“, (1996);

МУЗИКА ЗА ДРАМИ: Пантаглез, (1969); Балада за орканата, (1969); Три сестри, (1970); Сердарот, (1970); Од палец до сон, (1970); Враќање, (1970); Под пирамидата, (1971); Тесен пат кон далечниот север, (1972); Галилео Галилеј, (1972); Кукла, (1972); Јас Клаудиј, (1973); Хелдерлин, (1973); Кучето со луле, (1974); Димна Јуда град градила, (1974); Господа Глембаеви од М. Крлежа, (1974); Џинот, (1976); Поздрав од градот, (1976); Соблазна во шентфлоријанската долина, (1976); Житољуб, (1977); Пустина, (1978); Патувачкиот театар „Шопаловиќ“, (1986);

РАДИОФОНСКА МУЗИКА: „Два брега, две стрмнини“, (1990);

ПУБЛИЦИСТИКА • Трајко Прокопиев (Млад борец), (1969) • Тома Прошев (Млад борец), (1969) • Тодор Скаловски (Млад борец), (1969) • Властимир Николовски (Млад борец), (1986) • Нам ни се случува голем неспокој, (1990) • Ние Македонците, (1991)

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ