Членови, Композитори

ПЕТРЕ БОГДАНОВ – КОЧКО

(Скопје, 12.03.1913 – Скопје, 22.02.1988)
композитор, оперски пејач

Неговата „блиска средба со музиката“ настанала во оној момент кога неговиот гимназиски професор Јосип Брновиќ го става да пее при изведбата на кантатата „Јефтеева заклетва“ од Ј. Хатнер во 1933 година. Сето она што се случувало подоцна (заминувањето во Белград, учењето соло пеење кај Рудолф Ертл, концертната дејност пред, во текот и по војната итн.) сосема јасно покажуваат дека неговиот главен „музички медиум“ е вокалната интерпретација. Дури и самиот во еден исказ за Радио Скопје вели: „… моето професионално определување за музиката е непосредно врзано со моите пејачки амбиции …“ и дека „… компонирањето сум го чувствувал како историско-професионален императив и професионален – национален долг…“.

Можеби најдобриот опис на неговата личност би бил кога во него ќе се опфатат сите, или барем главните негови преокупации: уметник –соло пејач, композитор, организатор на музичкиот живот, музички публицист и, бездруго, револуционер. Токму за последново Коле Чашуле на едно место вели: „… Јас ја имав среќата … од него да научам дека е можно да се живее исцело предан на револуцијата, … и да се биде уметник… И не само да се помират, туку и двете да се усвитат до таа мера што борбата на револуционерот и непокорот на Македонија да станат музика, а музиката, онаа најсветата и најчистата – непокор и востанетост. …“. Негови професори во Белград, меѓу другите биле Миховил Логар и Коста Манојловиќ. Извесно време учел и филозофија, а професор му бил и познатиот педагог Милое Милоевиќ. Во 1938 година го завршува наставничкиот отсек на музичкото училиште. Во ова време во Белград се задојува со револуционерните идеи, близок пријател е со Војислав Вучковиќ и се инспирира од неговите погледи. Во Револуцијата учествува уште од нејзините почетоци. По војната неговиот придонес во формирањето и растежот на клучните македонски музички институции е немерлив. Најголем придонес, разбирливо дава во основањето на Операта на МНТ, во нејзиниот растеж и просперитет, како носител на главни тенорски партии во многу опери (1947-1954) и како нејзин директор (1958-1062). Вршел и други важни општествени функции.

Петре Богданов Кочко, иако припадник на првата генерација македонски автори и застапник на нивната естетика, иако школуван во класите на белградските професори што немаа наклонетост кон современите творечки струења, а беа восхитени од македонскиот музички фолклор, имaа – би можело да се каже – далеку подемократски однос кон новините што во музичкото творештво ги носи втората половина на дваесеттиот век. Не на начин на некритичко прифаќање на сѐ што е ново, туку на свест дека напредокот не е можен без натамошни пробиви во неистражените подрачја на музиката. Се разбира – како еволуција, а не како револуција. Своите погледи во однос на музичкото творештво најјасно ги формулира во еден подолг текст во списанието „Разгледи“ (03.01.1954 година), во кој, меѓу другото, пишува: „ … За да може еден современ македонски композитор да одоговори на барањата на … овој степен на развитокот на музичкиот вкус, на естетските музички погледи, за да може да се согледаат сите компоненти што го чинат едно музичко дело, … секако е нужно да се постави прашањето за совладување на цела низа технички елементи. Нужно е композиторот длабоко и сестрано да се запознае со сево ова и со други нешта за да може, така вооружен да ги реализира естетските и стилско-композициските вредности…“

Останува да жалиме, заедно со неговите професори Миховил Логар и Коста Манојловиќ, кои по изведбата на една негова композиција изјавија дека е вистинска штета што Кочко не студирал композиција бидејќи без сомнение, доколку тој, освен она што го наброи како непосреден мотив да компонира и она што може да се насети од неговото творештво и да се именува како талент, инвентивност и сл., имал и соодветно совладан композиторски занает, тогаш неговиот творечки придонес ќе беше далеку позначаен и веројатно битно ќе влијаеше врз вкупната слика на музичкото творештво кај нас во овој период. Но и без тоа, придонесот на Петре Богданов – Кочко во растежот на македонското творештво е голем. Особено на полето на соло песната, каде што ги наоѓаме неговите најзрели творечки изблици („Ленка“, „Купувач на старо“, „Мал свет“ „Четири интими“ и др.). Сите тие се пронижени со една специфична импресионистичка атмосфера. При „музикализацијата“ на поетските текстови (Конески, Шопов, Анте Поповски, Јаневски, Гане Тодоровски, Радован Павловски, Петре М. Андреевски и др.) тој создава компатибилен музички свет со кој ја засилува и ја потцртува експресијата на поетската порака, додавајќи ѝ нови бои, можни само со музички средства. Иако ѝ припаѓа на првата генерација современи македонски композитори, 32 47 Македонски композитори 33 неговиот јазик е умерено модерен, во кој употребата на посовремените средства е присутна само тогаш кога се сака да се постигне дополнителна експресија. Генерално, Петре Богданов – Кочко како композитор е цврсто потпрен врз традицијата, врз музичките стилови од минатото, но и отворен за посовремен третман на музичкиот јазик.

ТВОРЕШТВО
ВОКАЛНО -ИНСТРУМЕНТАЛНО: Дојдовме, – за мешан хор, баритон и оркестар; Долго и право, – за висок глас и оркестар;

КАМЕРНО: „Минијатури“, – за виолина и пијано; „Четири лирски пиеси“, – за виолончело и пијано; „Четири пиеси“, – за фагот и пијано; „Шест импресии“, – за флејта и пијано; „Минијатури“, – за обоа и пијано; „Квинтет“, – за глас, обоа, флејта, фагот и пијано; „Балада „Караорман“, за баритон и камерен состав; „Пролетен пејсаж“, – за висок глас и камерен состав; „Мал цвет“, – за сопран, бас, рецитатор и камерен состав; „Интими“, – за сопран и камерен состав;СОЛО ПЕСНИ: Во постелите, – за глас и пијано; Јужна рапсодија, – за глас и пијано; Тифусари, – за глас и пијано; Црна арапина во поход, – за глас и пијано; Гоцева исповед, – за глас и пијано; Голема севда, – за глас и пијано, (1933); Ленка, – за глас и пијано, (1941); Љубов, – за глас и пијано, (1950); Мал свет, – за глас и пијано, (1958); Пролетен дар, – за глас и пијано, (1959); Леви марш, – за глас и пијано, (1960); Купувач на старо, – за глас и пијано, (1960); Есен, – за глас и пијано, (1960); Тага за југ, – за глас и пијано, (1961); Пролетна песна, – за глас и пијано, (1964); Четири соло-песни, – за глас и пијано, (1964); Караорман, – за глас и пијано, (1964); Даб, шум, – за глас и пијано, (1965); Ранета птица, – за глас и пијано, (1965); Азбука за зимата, – за глас и пијано, (1966); Три приспивалки, – за глас и пијано, (1967); Кавал и магија, – за глас и пијано, (1970); Прометеј, – за глас и пијано, (1970); Епилог, – за глас и пијано, (1970); Лирски поток, – за глас и пијано, (1970); Коњче, – за глас и пијано, (1970); Мечкин камен, – за глас и пијано, (1970); 1903 – слобода или смрт, – за глас и пијано, (1970); Баница, – за глас и пијано, (1970); Дојдовме, – за глас и пијано, (1975); Зима, – за глас и пијано, (1975); Тишина, – за глас и пијано, (1975); Ѕвезда, – за глас и пијано, (1975); Пролетен пејсаж, – за глас и пијано, (1975); Долг и право, – за глас и пијано, (1975); Непокорна, – за глас и пијано, (1975); Четири интими, – за глас и пијано, (1976); Создавање на човекот, – за глас и пијано, (1980); Глуви команди, – за глас и пијано, (1980); Циклус песни, – за глас и пијано, (1980); Нерези, – за глас и пијано, (1981); Слово за слободата, – за глас и пијано, (1981); Што сакаат децата, за глас и пијано, (1983); Завет, – за глас и пијано, (1986); Песна, – за глас и пијано, (1966);

ХОРСКО: „Ако го сакате ова поле“; „Април“; „Балада“; „Бистар поток“; „Бригадата иде“; „Везилка“; „Гоцева исповест“; „Гу гу гук“; „Две приспивалки“; „Денови“; „Денови идни“; „Дете и славејче“; „Запеј“; „Заспивање и тишина“; „Зима“; „Изникнало едно дрво“; „Караорман“; „Кога одевме во Стамбол“; „Крај езеро бела песна“; „Курирче“; „Лажна песна“; „Ленка“; „Љубов“; „Мајка Угра“; „Манифестација“; „Мисирков“; „Мојот народ на распаќе“; „На човекот слободата“; „Непокорени“; „Нерези“; „Овде је младост Југославије“; „Огнено семејство“; „Ој, Милево“; „Пеперутка“; „Песна“; „Пролетен пејсаж“; „Прометеј“; „Пчела“; „Ружа“; „Скопје“; „Тага“; „Тажачка“; „Тифусари“; „Три лирски песни“; „Хорска суита“; „Хумореска 1“; „Хумореска 2“; „Чучулига“; „Џумба, џумба“;

ПУБЛИЦИСТИКА:
•• „Молчењето е злато“ („Разгледи“ бр. 5) , (1954)
•• „Индивидуален израз“ („Разгледи“ бр. 1), (1954)
•• „Во изминатата сезона“ („Разгледи“ бр. 19), (1954)
•• „Музичка критика или информација“ („Разгледи“ бр. 1), (1955)
•• „Без ориентација“ („Разгледи“ бр. 1), (1956)
•• „Револуцијата – неисцрпна содржина“ („Културен живот“ бр. 2), (1963).

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ