Членови, Композитори

ПАНДЕ ШАХОВ

(Скопје, 29.01.1973)
композитор

Музичката едукација ја започнува во Скопје. Првите часови по композиција ги добива од композиторот, aкадемик Ристо Аврамовски. Подоцна студира на Факултетот за музичка уметност во класата на Томислав Зографски, каде што и дипломира. Магистерски студии завршува во Лондон (стипендист на Британскиот Форин Офис), на Кралскиот колеџ за музика во класата на Џулијан Андерсон. Во 2013 година докторира на Кралскиот лондонски универзитет под менторство на Филип Кашин. Во последните години развива плодна активност и како концертен организатор, координатор на семинари и работилници и како диригент на современа музика. Од 2013 година е ангажиран како уметнички директор на Фестивалот Фарнам во Сари (Франција). Живее во Англија и работи како професор на Кралскиот колеџ за музика во Лондон.

Творештвото на Шахов му припаѓа на различни жанрови и видови на класичната музика. Во првите години од компонирањето (почетокот на деведесетите во дваесеттиот век) главно е ориентиран кон помалите музички форми (суити, минијатури, варијации, пиеси) и кон помалите камерни состави и солистички инструменти. Подоцна создава и оркестарски, вокално-инструментални, хорски композиции. Автор е на музика за повеќе театарски претстави. Во целиот негов разновиден опус видливи се две константи: (1) секое ново дело да биде решение на нов творечки предизвик и (2) притоа да создаде препознатлив стил што ќе се потпира врз определени стилско-естетски и композициско-технички карактеристики. Втората цел ја постигнува на повеќе начини: со користење на македонскиот фолклор во целиот негов тоталитет, значи, од цитати и транскрипции до навлегување во латентните хармонски и полифони основи и нивно ползување за (пре)создавање сопствени звучни склопови што ќе извираат од него; потоа, преку блиските одгласи од џезот, предизвикани од блиската соработка со композиторот и пијанист Илија Пејовски; до определен траен афинитет кон синтеза на инструменталните бои (најеклатантно присутни во „Тремор“ и „Мозаик“), вметнување во мелодиката на орнаментални и виртуозни елементи со цел на нејзино збогатување. Притоа може да се извлечат и некои паралели со оркестарските дела на Лигети, Линдберг и Дуспан, но само како далечен одглас во кој градењето долги линии со минијатурни мелодиски мотиви и динамички нијанси станува знак за препознавање.

Делата на Панде Шахов се многу често изведувани на повеќе светски сцени, на музички фестивали и во редовната концертна програма од реномирани солисти и ансамбли. За некои од нив светската критика има искажано недвосмислени супрелативи. Така, на пример, Џеј Нордлингер (Jay Nordlinger) во „New York Chronicle“ за композицијата „Во Струга“, меѓу другото, пишува: „…во џезерски стил и со ‘заразна’ моќ; тешко е да се остане рамнодушен на „Во Струга“. Трпчески го презентира околу светот, и делого го заслужува вниманието…“. Џорџ Хејл (George Hall) во „Гардијан“, а по изведбата на „Песни и шепоти“ напиша дека тоа е „навистина богато и атрактивно дело“. За истата композиција Питер Рид (Peter Reed) во „Classical Source“ напиша дека тоа е „со влијание на надразнувачки џез како кај Стравински и Пуланк. Богатата виртуозност на делото, во слична мера како кај Рахмањинов, совршено му одговараше на Трпчески“. Слични одгласи имаше и по повод други негови дела. За неговата композиција „Саксофон квартет“ Ротлинген Генерал-Анцајгер (Reutlingen General-Anzeiger) рече дека „ја ослободува манијата за танц, толку особена за Балканот. Но користи и енергичен пулс во кружни движења, карактеристични за минимализмот“, а Зорица Којиќ („Данас“, 12.11.2013) напиша дека тоа е „…свест за погоните на преуреденото време, метеорологија, мртвилото кое се разбива до последните атоми, кои, напротив, создаваат врвулица, поскокнувајќи со живот, со жесток и доближувачки наум…“.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Соната, – за гудачки оркестар (мин. 65432), (1994); Чело концерт, – за соло виолончело, гудачи, 2 харфи, удиралки, пијано и челеста, (1997); Острови, – за виолончело и камерен ансамбл, (2000); Prelude/Con tenerezza , – за харфа, удиралки и гудачи, (2000); Надеж, – за гудачки оркестар (мин. 65432), (2000); Варијанти, – за гудачки оркестар (мин. 65432), (2001); Prelude/Con moto , – за харфа, удиралки, пијано и гудачи, (2002); Prelude/Con delicatezza , – за харфа, удиралки, пијано, челеста и гудачи, (2004); Концерт за кларинет, – за соло кларинет, гудачи, харфа, удиралки, пијано и челеста, (2005); Пијано концерт, – за соло пијано и гудачки оркестар, (2008); Mosaic/Con forza , – за харфа, удиралки, пијано, челеста и гудачи, (2010); Пејсажи, – за гудачки квартет и почетни гудачи, (2010); Фолклорни песни, – за гудачки оркестар (мин. 65432), (2010); Пијано концерт (верзија), – за соло пијано, гудачи, удиралки и харфа, (2013);

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО: Un grand sommeil noir, – за сопран, 2 кларинети, виола, виолончело и контрабас, (2001); Песни на љубовта и смртта, – за сопран, флејта, кларинет, хорна, харфа, виолина и виолончело, (2011);

КАМЕРНО: Минијатура, – за виолончело и пијано, (1991); Варијации, – за виолина и пијано, (1993); Октет, – за флејта, кларинет, фагот, хорна, виолина, виола, виолончело и контрабас, (1995); Безистен, – за флејта, кларинет, 2 тромбони, туба, удиралки, електрична гитара и пијано, (1996); Гудачки квартет, (1999); Заминувања, – за камерен состав, (1999); Crux fidelis, – за камерен состав, (2000); Divertimenti, – за флејта, кларинет, пијано, виолина и виолончело, (2001); Гудачко трио, (2003); Мала суита, – за 2 пикола и 4 флејти, (2004); Парафразирања, – за флејта, кларинет и пијано, (2004); Северна ѕвезда, – за флејта, кларинет, труба, виолина и виолончело, (2004); Квартет саксофони, – за квартет саксофони (сопран, алт, тенор, бас), (2006); Околу, – за 3 перкусии, (2007); Фанфари, – за 3 труби, 2 тромбони, еуфониум и туба, (2009); Напев, – за англиски рог и вибрафон, (2009); Фолклорни песни, – за виолина, виола и виолончело, (2010); Трио, – за кларинет, виола и пијано, (2010); Неколку ноти за читање, – за камерен состав, (2012); Тремор, – за флејта, кларинет, виолина и виолончело, (2012); Тремор (верзија), – за камерен состав, (2013); Јазол, – за 3 удиралки, (2013);

СОЛИСТИЧКО: Мала суита, – за пијано, (1991); Six Vignettes, – за пијано, (1992); Quasi ciaccona, – за кларинет, (1995); Песни и шепотења, – за пијано, (2009); Хераклеа, – за труба, (2012); 196 ХОРСКО Песна, – за мешан хор, (1990); Нуркачко ѕвоно, – за мешан хор, (1992); Подесувањата на Мејер, – за 16 гласови (SSSS AAAA TTTT BBBB), (2011); Тебе појем, – за мешан хор, (2012);

СОЛО ПЕСНИ: Бисери, – за сопран и пијано, (1990); Оваа ноќ, – за мецо-сопран и пијано, (1992); Градот надвор од пејсажот, – за мецо-сопран и пијано, (1992); Ѕвоно, – за мецо-сопран и пијано, (1992); Просјак, – за сопран и пијано, (1999);

МУЗИКА ЗА ТЕАТАРСКИ ПРЕТСТАВИ: Часови по криминал (Ionesco/Поп Трајков); Евангелието на Јуда (Петровски); Luna Prima (Тренчовски); Уште од првиот здив (Коцевски);

МУЗИКА ЗА ПЕРФОРМАНС: Звукот на водата го кажува она што го мислам, – за флејта, обоа, удиралки, виолина и виолончело, (2010);

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ