Новости

Издаден научниот труд „Нови сознанија за потеклото на Кукузел“ од проф. Јане Коџабашија во изданието ARCHAEOLOGICAL SITES OF EURASIA FROM THE NEOLITHIC TO THE MIDDLE AGES

Во изданието ARCHAELOGICAL SITES OF EURASIA FROM THE NEOLITHIC TO THE MIDDLE AGES е издаден научниот труд „Нови сознанија за потеклото на Кукузел“ од проф. Јане Коџабашија. Овој труд на композиторот, долгогодишен член на Сојузот на композиторите на Македонија, а во моментов претседател на Собранието на СОКОМ и истакнат научен деец е дел од обемните научни истражувања во областа на музичкото културно наследство и црковното пеење од византиската традиција кај нас.  

Посоченото издание, посветено на 80 годишнината на археологот Јон Пислару претставува збирка на  научни трудови од истакнати меѓународни истражувачи од областа на археологијата од Молдавија, Романија, Германија, Казахстан, Бугарија, Турција и Русија.

Со застапениот труд, проф. Коџабашија преку соодветни научно-методолошки истражувања и анализи, изнесува толкување за потеклото на големиот средновековен мелург и музички творец. Воедно, трудот „Нови сознанија за потеклото на Кукузел“ од проф. Јане Коџабашија, беше победник на третиот конкурс за музиколошки труд на Сојузот на композиторите на Македонија во 2015 година. Трудот претставува дел од значајното издание „Антологија на македонското црковно пеење“, печатено во 2018 година во рамките на Европската година на културно наследство овозможено од Делегацијата на Европската Унија на Македонија.

Издавањето на научниот труд „Нови сознанија за потеклото на Кукузел“ од проф. Јане Коџабашија  во списанието ARCHAELOGICAL SITES OF EURASIA FROM THE NEOLITHIC TO THE MIDDLE AGES претставува уште еден значаен придонес во развојот и презентацијата на нашата научна мисла во меѓународни рамки.

СОКОМ