(Скопје, 08.07.1931 – Скопје, 03.01.1987)
композитор
Се родил во музичко семејство. Татко му Васил бил еден од најпознатите предвоени музичари во Скопје, а постариот брат Хари, исто така, се занимавал со музика и подоцна станал член на оркестарот во Финска. Драган почнал виолина да учи од својата шеста година. Набрзо, по три години престанува да свири виолина, но не престанува неговиот интерес за музиката. Татко му Васил, искусен музичар и педагог, лесно ги препознал предиспозициите и желбите на син му и му купил хармоника („Хохнер“ за која подоцна Шпато напишал дека била неговиот „инструмент од соништата“). Првиот свој јавен настап го имал како член на семејното трио (со татко му и брат му), за ранетите партизани во манастирот во село Љубанци. Вистинското јавно претставување му било со истото трио во програмата на Радио Скопје (за што самиот Шпато вели „…мислев дека ќе летнам од некоја возбуда, задоволство, радост…“) и тој настап на триото „Шпато“ многумина го сметаат за почетокот на македонската забавно-музичка сцена. Во тој момент Драган почувствувал дека музиката ќе биде негова животна определба. Со брат му Хари формираат Забавен салонски оркестар, кој во почетокот свирел од печатени аранжмани, но набргу за него почнал да прави своевидни инструментации (аранжмани) самиот Драган Ѓаконовски. Тоа било причина да ги проучи инструментите во секоја смисла (во кој регистар најдобро звучат, кои се неговите изразни можности и сл.). Сепак, во 1946 година се запишал во Средното музичко училиште каде што еден од професорите му бил Стефан Гајдов („… најголемиот човек во Македонија за музичка теорија, кој им даде темелни знаења на денес големите творци…“). Паралелно со ова продолжил да ја следи светската, главно џез – музика (толку колку што било можно во тоа време) и да мелографира и да аранжира музика од тогашните најголеми светски имиња. Постојано свирел со мали состави и со оркестарот на брат му. Во 1948 година формира нов, поголем ансамбл– „Саџо“ (Студентски аматерски џез оркестар) за кој мелографирал и аранжирал голем број композиции. Во тоа време ја создал и својата прва композиција „На игранка“, компонирана во стил на блуз дванаестерец. Таа во 1983 година на Скопскиот џез – фестивал неофицијално е прогласена за прва македонска џез – композиција. Во деценијата потоа Драган Ѓаконовски Шпато интензивно музицира, снима за потребите на Радио Скопје, пишува своја музика и главно аранжира светски хитови за различни состави. Легендарна е вистинската приказна за филмот „Бал на вода“, кого Шпато го гледал вкупно 26 пати (еднаш во Белград и 25 пати во Скопје), успевајќи да ја мелографира и да ја запише музиката од целиот филм. Во педесеттите години работи во Оркестарот на милицијата, бил член на тогаш формираниот Ритмички секстет на Радио Скопје, од кој во 1956 година се формира поголемиот Забавен оркестар, а во 1961 година Танцовиот оркестар (Биг-бенд) на Радио Скопје (Шпато бил негов прв диригент). Со сите нив главно раководел Шпато. Токму кон крајот на педесеттите Шпато влегол во редовен работен однос во Радио Скопје каде што останал до крајот на својот работен век. Крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години се и години на пробив на Шпато на сцените на тогашна Југославија. Учествувал на повеќе фестивали и бил добитник на многубројни награди, главно за најдобар аранжман. Легендарен е успехот на песната „Еден бакнеж“ изведена на фестивалот „Опатија 1962“ година, токму аранжирана од него. Поттик за сето тоа, како и за развојот на забавната музика во Македонија бил Танцовиот оркестар на МРТ. Во него се промовираат голем број од истакнатите македонски уметнички и композиторски имиња (меѓу кои и Александар Џамбазов, Илија Пејовски, Кире Костов, Живојин Глишиќ итн.). Во 1969 година Шпато е иницијатор на создавањето на познатиот вокален квартет „Импулси“ со кои остварува исклучително плодна творечка активност внесувајќи нов здив во македонската поп и џез музика. Во 1971 година, по неколкугодишна пауза, назначен е повторно за диригент на Танцовиот оркестар на МРТ. Во седумдесеттите години почнуваат неговите здравствени проблеми, кои не го спречуваат да продолжи интензивно да работи, но само до 1978 година, кога веќе не е во можност да биде диригент на ТО на МРТ. Неговото творештво, неговиот неисцрпен порив продолжуваат и во наредните години кога создава низа композиции што станаа дел од македонската музичка историја. Има многу единечни искази на негови колеги, современици, ученици кои сведочат за легендарната дарба на Драган Ѓаконовски Шпато. Сите тие откриваат дел од таа магија. Но, можеби неа најдобро ја опишал уште еден генијален уметник што се вградил во македонската музичка култура, – пијанистот и композитор Ладислав Палфи: „ … со својата музичка генијалност тој беше далеку над времето во кое забавната музика и џезот се наоѓаа во Македонија. … Беше единствен по својата генијална способност да ги дешифрира тонските снимки … Тоа не беше препишување, туку една вистинска музичка креација … од таа музика тој правеше совршени аранжмани за скромните музички ансамбли …“. 70
ТВОРЕШТВО
ИНСТРУМЕНТАЛЕН ЏЕЗ
„Блузот на црната жена“; „Песна на младоста вечна“; „Reg Time“;
„Балада за Бранка“; „Балада за гитара“; „Блузот на црната пејачка“;
„Во спомен на старото пријателство“; „Гарача“; „Гермијан“; „Гитарата
ја оплакува смртта на Муриета“; „Главна тема“; „Далечен крај“;
„Дојди есен“; „Егзотика“; „Еден бакнеж“; „Елегија за тромбон“;
„Ехо од далечното минато“; „Злато најдоа, злато во Калифорнија“;
„Идила“; „Импресија“; „Индекс и љубов“; „Исповест на црномурестата
жена“; „Кога си сама“; „Лајт мотив 1“; „Лајт мотив 2“; „Лајт мотив 3“;
„Лени“; „Летна ноќ задна ноќ“; „Мамбо Гарача“; „Марија“; „Ми вети
ти“ (џез верзија); „Мими“; „Младоста е убава“; „Молчи една долина“;
„На игранка“; „Народна игра“; „Осаменост (Молчи една долина)“;
„Песна на русокосата пејачка“; „Поздрав до А. К. Жобим“; „Поздрав
до оркестарот“; „Радост на победата“; „Свечена игра“; „Синтеза“;
„Тема број 1, Транскрипција на една замислена тема“; „Титовиот
пат“; „Убава си како музика“; „Чилеанска игра“; „Јас не сум ти“;
„Љубовна тема“; „Балада“; „Титови граничари“;
ВОКАЛНИ КОМПОЗИЦИИ
„Акорди по едно лето“; „Без повраток“; „Блузот на црната пејачка“;
„Во име на цветот“; „Гарача“; „Глас од далечината“; „Далечен крај“;
„Даниела“; „Девојка и песна“; „Ден љубен безповратен“; „Дојди
есен“; „Единствена песна“; „Ехо на љубовта“; „Жолта липа“; „За
нас почнува живот“; „За тебе е се“; „Загатка“; „Зар вистина е крај“;
„Зар се одминало“; „Знамето на мојот одред“; „Играј и пеј калипсо“;
„Идила“; „Идила секогаш што била“; „Илузија“; „Илјада проблеми“;
„Импресија“; „Индекс и љубов“; „Индијана“; „Исповест на црномурестата
жена“; „Калипсо“; „Катерина“; „Кога пеам, кога љубам“; „Кога си
сама“; „Копнеж за танц“; „Лени“; „Ми вети ти“; „Младоста е убава“;
„Молчи една долина“; „Мојот дом“; „Нашиот Титов ден“; „Не ме
заборавај“; „Незаборав“; „Неповратни дни“; „Носталгија“; „Песна за
вечната младост“; „Песна за Кузман Јосифовски“; „Песна за мојата
пријателка“; „Планината во спомени“; „Последен ден на разделбата“;
„Прва љубов“; „Роден крај“; „Само надежта останала“; „Се боревме
за светла иднина“; „Се боревме за светла иднина“; „Си одам и се
враќам пак“; „Сини очи“; „Снегулки“; „Со Тито и Партија“; „Те носам
во себе“; „Титовиот пат“; „Тој и таа-јас и ти“; „Убава си како музика“;
„Што се дворој без нас“; „Љубов од дамни дни“; „Љубовна тема“;
Неколки стотини аранжмани на композиции од други македонски
и странски автори