Членови, Композитори

ДАРИЈА АНДОВСКА

(Скопје, 02.01.1979)
композитор

Студиите по композиција ги заврши на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски, а магистрира во Цирих – Швајцарија (ZHdK), – современа музика во класата на И. Мундри и филмска и театарска музика и продукција кај Д. Ферари и А. Белмо. Во моментов (2013 г.) е на докторски студии во класата на К. Черновин, на Институт Харвард во САД. Во меѓувреме својата едукација ја збогатила и со учество на мастеркласови и работилници во повеќе светски градови (Санкт Петербург, Белград, Штутгард, Утрехт итн.). Андовска е автор на повеќе солистички, камерни, оркестарски дела, како и на музика за филм, театар, танц. Таа е автор и на мултимедијални проекти. Еден е од најизведуваните македонски млади композитори во странство (Швајцарија, Италија, Германија, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Мексико, Канада, САД, Ерменија, Полска и други), а нејзините композиции се ставани на носачи на звук во Македонија, Швајцарија, Италија, Србија, Босна и Херцеговина, Германија. Дел од нив и се печатени, освен во СОКОМ (Македонија) и од „Nuova Stradivarius“ – Италија и „Sordino“ – Швајцарија. Дарија Андовска во својата музика на извесен начин сака да ги пречекори лимитите на вербалната комуникација. Понесена од примарната идеја дека музиката треба „да ги пренесе оние чувства, мисли, слики, за кои зборовите не се доволни“, таа во своите композиции се обидува да создаде „енергија која комуницира, музика и звуци кои креираат слики, емоција која е директна, незаобиколива и неумолива“. Притоа, истражувањето во сите сфери на композициската техника и во царството на звукот го смета за conditio sine qua non, што само по себе подразбира оддалечување од познатите и широкоприфатени манири. („ …Во никој случај не ги полирам своите композиции за да бидат допадливи и „слаткасти“, не правам компромиси со својата идеја и не се адаптирам на вкусот на пошироката публика…“). Во таквиот композициски свет користењето звучни блокови и колажно-монтажна техника на компонирање со материјали кои се контрастни по сите основи е една од можностите за кои таа главно се определува во својот композиторски опит. Судирот меѓу тематските блокови најчесто резултира со висок степен на набој, со напрегнатост, со енергија. Ваквиот принцип се забележува и во третманот на динамичката компонента којашто многу често се движи во своите екстреми. Некои од западноевроспките критичари во сево ова успеваат да забележат „извесна архаичност“, други – „нерафинираност и панкерски однос“ за што најчесто се поттикнати токму од енергетскиот набој што се создава во композициите на Андовска. Дарија Андовска веќе е добитник на повеќе меѓународни награди за композиција и музика за филм и театар. Во 2013 година, како дел од проектот MusMA (Music Masters on Air), е избрана меѓу најдобрите шест млади и актуелни композитори во Европа. Добитник е на наградата „Виртуози“ за најдобар композитор во 2012 година.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Космогонија, – за симфониски оркестар, (2002); OoTtOoNnO PRE, – за гудачки оркестар, флејта, обоа, контрабас и хармоника, (2010);

КАМЕРНО: Илуминации, – за две виолини, виола и виолончело, (2001); Одисеја Балканика-Македонија 2001, – за пијано, хармоника, виолина, фагот и две виолончела, (2002); Калипсо, – за пијано, флејта, вибрафон, електрична бас гитара (или бас кларинет), (2003); Wallmemories, – за хармоника, флејта, кларинет, пијано, удиралки и виолончело, (2004); Shadowmemories, – за хармоника, флејта, кларинет, пијано, удиралки и виолончело, (2004); ДОрМИрНО, – за пијано, флејта и кларинет in B, (2004); IN2ERrUPTION, – за флејта, обоа, пијано, удиралки и баскларинет, (2006); Oblivions, – за флејта, обоа, контрабас и хармоника, (2007); Farewell, – за флејта, обоа, контрабас и хармоника, (2007); Eudynia, – за бас-кларинет и хармоника, (2008); Fade, – за флејта, обоа, контрабас и хармоника, (2009); 220

СОЛИСТИЧКО: Шепотење, – за соло виолончело, (2000); Лилит, – за соло алт флејта (и 4 асистенти), (2004); CruorMellis, – за четврттонска хармоника, (2009); МУЗИЧКО-СЦЕНСКО OUCH- C- OUCH, – (балет – театарски перформанс – колаж од неколку камерни композиции), (2005); JOHANNES 1:1, Звучење низ простор, време, тишина, лента, актер и мал оркестар, – електронска опера за камерен ансамбл и лента, (2009);

МУЛТИМЕДИЈАЛНО И ЕЛЕКТРОНСКО: “Pass_PORT” project (мултимедијално дело во 4 дела) , – за хармоника, флејта, кларинет, пијано, удиралки, виолончело, видео, простор и снимки, (2004); Agent Solitude, Приказна во паралелен простор, звук, светло и димензии на движење, – за 24 канален систем, 40 звучници, електронска и конкретна музика, (2009); Zugzwang, – за удиралки, електроника, пијано, виолина и простор, (2011); Book Of The Devil Valley Master, – за соло перкусии и лента, (2013);

МУЗИКА ЗА ФИЛМ, ТЕАТАР И ЕКСПЕРИМЕНТАЛЕН ТЕАТАР: Name This Film After Me, – (музика за филм) – за електроника, (2004); If You Need Me, – (музика за филм) – за електроника, (2006); Snowflakes, – (музика за филм) – за електроника, (2007); The Mr. X Dossier, – (музика за експериментален театар) за електроника, (2008); The Bear, – (музика за театарска претстава) за електроника, (2010); The Beauty Queen of Leenane (by M. McDonagh), – за електроника, (2011);

СОЛО ПЕСНИ: Молитва, – за глас и пијано, (2000).

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ