Членови, Композитори

ГЛИГОР СМОКВАРСКИ

(Будимирци, Беровско – 08.05.1914 – Скопје, 15.03.1974)
композитор

По завршувањето на основното училиште станува питомец на Воената музичка школа во Вршац, која ја завршува во 1939 година. Потоа како воен музичар настапува во оркестрите во Ниш, Суботица и Белград. Во време на окупацијата извесен период е подофицер-музичар во бугарската војска. Во врска со разбивањето на определени контроверзи за овој период може да послужи службениот список под кој се водел во тоа време од кој сосема јасно се гледа неговата македонска национална припадност (списокот е направен од бугарските воени власти, и во графата народност е заведено дека е Македонец). По ослободувањето доаѓа во Скопје и е еден од втемелувачите на првиот симфониски оркестар и негов прв кларинетист. Настапува и во оркестарот на новоформираната Македонска опера. Подоцна се занимава и со педагошка дејност, предавајќи обоа и кларинет во Средното музичко училиште. Бил и собирач, мелограф и обработувач на македонски народни песни, што била добра насока за поставување на темелите на неговиот творечки стил.

Школувањето во Военото музичко школо во Вршац била доволна основа сериозно да се занимава со музиката и музичкото творештво. Првите композиторски обиди ги направил веднаш по Втората светска војна и тоа на полето на оркестарската музика. Во еден разговор објавен во „Млад Борец“ во 1955 година свртувањето кон творештвото на тогашниот кларинетист во симфонискиот оркестар, самиот Смокварски го опишува вака: „ … Еден ден во 1944 година дојде кај мене еден мој колега и ми кажа дека напишал мал дует за два кларинета. Ме молеше да му помогнам во правењето хармонска подлога, бидејќи тој немал можност да ја изучува науката за хармонијата. Јас му помогнав. Но, таа случка во мене ја донесе мислата да се опитам и самиот да напишам нешто свое. Можеби само ја ГЛИГОР СМОКВАРСКИ засили таа мисла што можеби веќе постоела кај мене, сега веќе не знам. Но таа мисла, сеедно, ме гонеше. И најпосле идната година таа се престори во една фантазија за симфониски оркестар … “. Фантазијата набргу беше изведена во една радиоемисија од Симфонискиот оркестар на Радио Скопје и не предизвика посебен впечаток. Дури и самиот Смокварски во спомнатиот разговор вели дека таа „имаше доста недостатоци“, но дека од колегите била примена добро. Но, тоа било сосем доволно тој дефинитивно да ѝ се посвети на создавањето оркестарска музика. Како посебен куриозитет звучи податокот дека тоа е единствената творба на Смокварски во која не се користени фолклорни цитати.

Во историјата на македонската музика ќе остане забележан како автор на првиот македонски балет „Македонска повест“ (1952). Освен оваа напишал уште низа оркестарски композиции – Скерцо (1951), 11 Октомври – Симфониска поема (1955), Рапсодија бр. 1 (1956), Стихија – симфониска поема (1970), Болен Дојчин – балет во три чина (1971). Гледано низ призмата дека тоа се едни од првите чекори на овие подрачја (особено за композициите настанати во четриесеттите и раните педесетти години), може да се каже дека и покрај видливиот недостиг на систематско композиторско образование, тие се значаен чекор кон освојувањето на новите творечки простори што доаѓа со генерацијата на првите дипломирани композитори. Идејата за создавање на првиот македонски балет, според зборовите на Смокварски, дошла сосема случајно: „…беше 1951 година. Во еден разговор со тогашниот кореограф на Балетот при Македонскиот народен театар, другарот Георги Македонски, разбрав дека тој има напишано сценарио за балет по драмата Печалбари од Антон Панов. Ми го даде текстот да го проучам. Тој многу ми се допадна и сè беше во ред. Јас веќе почнав да ја пишувам музиката…“ И покрај извесни забелешки што може да се стават на сметка на композициската техника, историското значење на оваа композиција е исклучително големо.

Патот што потоа го мина преку низата други оркестарски творби па сè до последниот балет „Болен Дојчин“ (1972) покажува видлива еволуција во однос на музичкиот јазик користен на почетокот и во подоцнежните негови дела, и дека во последното дело, и според општата оценка на музичката структура, на хармонскиот јазик, на музичкиот развој, на оркестрацијата итн., Смокварски се претставува како зрел композитор. Како автор кој не западнал под влијание на модните музички трендови на своето време и кој модерното го сфаќа, како што многупати истакнува, „како природен развиток на музичката мисла.“ Делата на Смокварски без сомнение можат да се сметаат како битно скалило во развојот на македонското музичко творештво. Поголемиот дел од нив во последната деценија на дваесеттиот век доживеале своевидна ренесанса, и се снимени и издадени на носачи на звук. Добитник е на наградата „11 Октомври” (1973).
ТВОРЕШТВО
ОРКЕСТАРСКО: Симфониска поема „Сердарот“ (незавршена), – за симфониски оркестар; Фантазија, – за симфониски оркестар, (1945); Симфониска предигра „Тиквешанки“, – за симфониски оркестар, (1949); Скерцо, – за симфониски оркестар, (1951); Симфониско оро бр. 1, – за симфониски оркестар, (1952); Симфониска предигра, – за симфониски оркестар, (1952); Симфониска поема „11 Октомври“, – за симфониски оркестар, (1955); Рапсодија бр. 1, – за симфониски оркестар, (1955); Симфониска поема „Јанинка и Јанкула“ (незавршена), – за симфониски оркестар, (1955); Разделба, – за симфониски оркестар, (1958); Сплет на далматински народни песни, – за оркестар, (1959); Скерцандо, – за симфониски оркестар, (1962); Симфониска суита, – за симфониски оркестар, (1966); Симфониска поема „Стихија“, – за симфониски оркестар, (1970); Беровско оро, – за камерен оркестар;

МУЗИЧКО -СЦЕНСКО: Празник – балет (незавршен); Снегулки – балет (незавршен); Македонска повест, – балет во три чина, (1952); Болен Дојчин, – балет во три чина (1971)

КАМЕРНО: Гудачки квартет, (1954); Пасторала, – за кларинет и пијано, (1957); Концерт, – за кларинет и пијано, (1964); Дувачки квинтет, (1974)

ВОКАЛНО -ИНСТР УМЕНТАЛНО: Онаму долу крај бунарот, – за сопран, алт, тенор и симфониски оркестар; Бог да бие кој прв почна, – за хор и симфониски оркестар, (1951); Чичо, чичо Костадинчо, – за сопран, баритон и симфониски оркестар, (1965)

СОЛО ПЕСНИ: Пионерско катче, – за глас и пијано, (1950); Малино моме, – за глас и пијано, (1954); Приспивна, – за алт и пијано, (1959)

ХОРСКО: Родна земјо, – за мешан хор; Младост наша, – за мешан хор; Повратници од туѓина, – за мешан хор; Марш на Партијата, – за мешан хор; Младоста наша, – за за мешан хор; Од цара абер дофтаса, – за машки хор; Ој, ти пиле, – за машки хор; Повратници од туѓина, – за мешан хор; Родна земјо, – за мешан хор; Марш за Партијата, – за мешан хор, (1950); Ајде Анѓо, – за хор, (1952); Ајде брала мома, – за хор, (1954); Три народни песни, – за мешан хор, (1955); Детенце мое, – за мешан хор, (1958); Партизанске песме, – за хор и хармоника, (1959); Пионир, – за хор, (1962); Пет песни, – за машки октет, (1964); Славеј, – за хор, (1966); Развиј лисје, – за хор, (1966); Република, – за хор, (1974)

СОЛИСТИЧКО: Полка, – за кларине

ОБРАБОТКИ: Ваташки цутови, – за глас и оркестар; Туљо бре Туљо, – за пејачка група и оркестар; Изникна жолто цвеќе, – за солисти, машки хор и камерен оркестар; Ѓурѓа пере во реката, – за народен оркестар; Ѓузел Севдо, за солисти, мешана група и народен оркестар; Изникна жолтото цвеќе, (1958); Заспало е челебиче, (1958); Темна се магла зададе, (1958); Заблејало рудо јагне, (1958); Ојде Милена на вода, (1958); Те кажуваат бре Илино моме, (1958); Жени се Радо мори, (1958); Калино, мори Калино, (1958); Заљубил се млад делија, (1958); Каде си тргнала Кито, (1958); Лисаветка болна лежи, (1958); Гу гу гувче
галено, (1958); Кога да дојдам Стефке, (1958); Како што е таа чаша,
(1965); Ваташки цветови, – за глас и оркестар, (1968);

ХАРМОНИЗАЦИИ: А мори, седнала си Јана, – за салонски оркестар, (1952); Ајде жалај ме Малино, – за глас и камерен оркестар, (1952); Ајде брала мома, за глас и камерен оркестар, (1952); Алија море делија, – за глас и камерен оркестар, (1952); Ах, минав гора, – за салонски оркестар,
(1952); Ах, минав гора, – за глас и камерен оркестар, (1952); Барабанот
бие, – за глас и камерен оркестар, (1952); Благуно, дејче, – за салонски
оркестар, (1952); Бог да бие, – за глас и салонски оркестар, (1952);
Болно сум мале, – за салонски оркестар, (1952); Викнала Панда, –
за глас и камерен оркестар, (1952); Ѓурчин бре Стојане, – за глас и камерен оркестар, (1952); Девојка је зелен бор, – за салонски оркестар,
(1952); Девојчице, сонуваш ли мене?, – за глас и камерен оркестар,
(1952); Добро утро лична Недо, – за глас и камерен оркестар, (1952);
До девет години, – за глас и камерен оркестар, (1952); Ја стани
Ленче, – за глас и камерен оркестар, (1952); Зашто ми се срдиш
либе, – за глас и камерен оркестар, (1952); Жали моме, – за глас и
камерен оркестар, (1952); Ја си го имам, – за салонски оркестар,
(1952); Магла падна по полето, – за глас и камерен оркестар,
(1952); Мајка на Марика думаше, – за глас и камерен оркестар,
(1952); Момиче бело црвено, – за глас и камерен оркестар, (1952);
Мори Елено, – за глас и камерен оркестар, (1952); На пат сретнав
моми Дреновки, – за глас и камерен оркестар, (1952); Од Цара абер
дојде, – за глас и камерен оркестар, (1952); Ој Недо, бела Недо, – за
глас и камерен оркестар, (1952); Пратила ме мајка Бојана, – за глас
и камерен оркестар, (1952); Се собрале моми Тиквешанки, – за
глас и камерен оркестар, (1952); Свекрва ми лоша, – за салонски
оркестар , (1952); Севдалино моме, – за салонски оркестар, (1952);
Ќе ти купам широк фстан, – за салонски оркестар, (1952); Шетало
моме, барало, – за глас и камерен оркестар, (1952); Што ми е мило,
невеста да бидам, – за глас и камерен оркестар, (1952); Што толку
синоќ седевте?, – за глас и камерен оркестар, (1952); Аничко, ле
Аничко, (1954); Гајдарско оро, (1954); Горо ле горо, (1954); Дигни
си очи, (1954); Добро утро, (1954); Ѓурѓа пере крај реката, (1954);
Ја грабила Јана, (1954); Ослепила мајко, (1954); Сирак се Стојан
разболе, (1954); Ставре ми се ожени, (1954); Чичо сака, (1954);
Седнала си Јана, – за глас и камерен оркестар, (1955); Па стани Ленче, за глас и камерен оркестар, (1956); Ајде Јано да повечераме, – за
глас и камерен оркестар, (1958); Ајде Милена, – за глас и камерен
оркестар, (1958); Болна е легнала, – за глас и камерен оркестар,
(1958); Заспало е челебиче, – за глас и камерен оркестар, (1958);
Седнала в градина, – за глас и камерен оркестар, (1958); Сношти
минав, – за народен оркестар, (1958); А бре воденичару, – за глас
и камерен оркестар, (1964); Гугутче, – за глас и камерен оркестар,
(1964); Каде си тргнала Кито, – за глас и камерен оркестар, (1964);
Калина грло болело, – за глас и камерен оркестар, (1964); Темна
магла, – за глас и камерен оркестар, (1964); Калино, мори Калино, за глас и камерен оркестар, (1966); Ај, по друм одам, – за камерен оркестар, (1967); Каде се чуло видело , – за глас и камерен оркестар, (1967); Разболе се Дана , – за глас и камерен оркестар, (1967); Горо цветна , – за глас и камерен оркестар, (1968); Дојди, дојди Доне, – за глас и камерен оркестар, (1971); Споменче цветче, (1973)

ПЕСНИ ЗА ДЕЦА: Космонаут; Разделба со мачето; Прваче; Овчарче, – за детски глас и ансамбл, (1967); Пчеличка, – за глас и оркестар, (1968); Песна за патоказите, (1973);

ЕДНО ГЛАСНИ ПЕСНИ: Земјо наша; Шумна Сутјеска; Бакље слободе; Титов бригадир, (1955); Три детски песни, (1970)

МУЗИКА ЗА ФИЛМ: Селскиот учител, (1957); Фрески, (1957).

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ