(Скопје, 28.02.1921 – Скопје, 14.05.1994)
композитор
По завршувањето на основното училиште, во 1936 година се запишува на Военото музичко училиште во Вршац. Бидејќи не потекнувал од музичко семејство, определбата за музика, барем според едно нeгово кажување (Радио Скопје) било резултат на една случајност: „…На нашата улица „Прохор Пчински“ … имаше една угорнина која беше Еврејско Маало. Таму живееа посиромашните Евреи… Таму имаше еден наредник – воен музичар, Евреин, – чичко Кунади, и во една средба со моите родители ги убеди дека сум музикално момче и дека би требало да одам во таа школа. Така се случи да се запишам во воената школа … во која критериумот беше строг…“ Во Вршац главно се подготвувале идните инструменталисти на воените оркестри. „…Се учеше малку хармонија, полифонија, теорија, не се учеа музички форми. Меѓутоа имаше добри педагози, професори, особено за дувачки инструменти. По завршувањето на испитот (веројатно мисли завршниот, заб. М.К.) веројатно сум оставил добар впечаток и веднаш бев преместен во кралската гарда во Белград. Тоа беше во 1940, поточно ‘41 година…“.
По распаѓањето на предвоена Југославија, се враќа во Скопје, а во 1944 година му пристапува на Скопскиот одред, како заменик на командантот на II одред. Кон крајот на 1944 година станува член на штотуку формираниот Симфониски оркестар (подоцна Македонска филхармонија). Дури и овој чекор дошол, по малку неочекувано: „… Случајно го сретнувам Трајко Прокопиев на Камени Мост, и, бидејќи се познававме, ми соопшти дека се создава Македонска филхармонија, и дека јас, како еден од ретките професионални музичари кои имаат некаква школа, би било ред да им се придружам…“.
Со првите композиторски обиди (1947) се јавува и желбата за натамошно стручно усовршување. Во 1948 година се запишува на Музичката академија во Белград, најнапред во класата на Миховил Логар, а подоцна во класата на Љубица Мариќ. Во 1953 година ги прекинува студиите по композиција и се враќа во Скопје. Речиси целиот работен век потоа го мина во Радио Скопје извршувајќи одговорни функции, меѓу другите и уредник на Музичката продукција на Радиото. Во повеќе наврати беше член на раководството на Здружението на композиторите на Македонија, а еднаш и член на главниот одбор на тогашен СОКОЈ. Ако се изземат првите творечки обиди (Фантазија – 1945; „Разделба со родниот крај“ – 1947), делата создадени по школувањето во Белград, разбирливо, им припаѓаат на помалите музички форми.
Потоа поголемиот дел од творечкиот опус на Ивановски му е посветен на симфониското творештво, во чии рамки доминираат историски теми. Тоа произлегува од една страна од фактот што една од преокупациите во време на војната му била проучувањето на историјата на македонскиот народ, а од друга страна – неговото потекло. Имено, потекнувал (по лозата на мајка му) од комитско семејство. Поради отпорот кон Турците, дедо му бил во ропство 7-8 години, подоцна бил гаваз во Бугарската гимназија (оттаму и прекарот Стојан Гавазот), а во 1903 година со своја чета се борел против турскиот аскер кога и загинал. Првото дело со кое се навестила неговата идна успешна кариера како композитор е композицијата „Размислување“ (1954), која освен одличниот прием и оценки кај тогашната македонска стручна јавност и критика, доживеала низа изведби во повеќе земји во светот. Веќе во него се открива врската на авторот со македонската народна традиција (5/8 такт), која ќе биде присутна во целиот творечки опус („…сега ми е опсесија да направам неколку македонски симфониски танци… бидејќи секој танец, зависно во кој период е создаден, носи една историска порака… (1991)“). Подоцна создава уште низа оркестарски композиции, главно со програмска содржина и историска тематика (на пример – трилогијата „Самуилова епопеја“).
Всушност, историското минато на македонскиот народ како трајна инспирација, драматиката и трагиката како негови постојани константи, музички јазик што никако не може да се нарече конзервативен, ниту пак авангарден, најдобро – умерено модерен, се главните карактеристики на неговото творештво. Можеби уште и шематизираниот пристап и во третманот на формата и во однос на основните композициски постапки. Со сето тоа тој стана и остана еден од најистакнатите македонски симфоничари на дваесеттиот век, за што беше добитник на многубројни стручни и општествени награди и признанија.
ТВОРЕШТВО
ОРКЕСТАРСКО: Концерт, – за соло флејта, вибрафон, удиралки и гудачки оркестар; Музика, – за пијано, вибрафон, удиралки и голем гудачки оркестар; Рапсодија „Разделба од родниот крај“, – за симфониски оркестар, (1947); Симфониска поема „Размислување“, – за симфониски оркестар, (1954); Историска поема, – за симфониски оркестар, харфа и дрвени дувачки инструменти, (1957); Фолклорни импресии, – за гудачки оркестар, харфа и дрвени дувачки инструменти, (1957); Симфонија „Леста“, – за симфониски оркестар, (1957); Пасторали, – за камерен оркестар, флејта и обоа, (1958); Историска поема, – за симфониски оркестар, (1958); Симфониска поема „Фрески“, – за симфониски оркестар, (1961); Трилогија симфониски поеми „Самоилова епопеја“ за симфониски оркестар, (1970); Симфониска поема „Вардар“ за симфониски оркестар, (1979); Циклус „Во спомен на моите родители“, – за глас и камерен оркестар, (1980); Симфониски танци, за симфониски оркестар, (1981); Симфониска поема „Нерези“, – за симфониски оркестар, (1984); Поема за Гоце „Хероика“, – за симфониски оркестар, (1984); Музика, – за камерен оркестар и удиралки, (1987);
КАМЕРНО: Три композиции, – за обоа и пијано; Транскрипции од симфонијата „Леста“ 2, 3 и 4 став; Две ора, – за дувачки квинтет; Песна, – за виолина и пијано, (1950); Суита, – за виолончело и пијано, (1956)
СОЛИСТИЧКО: Две ора, – за пијано, (1950); Детска суита, – за пијано, (1952); Варијации, за пијано, (1952); Минијатури, – за пијано, (1957)
ХОРСКО: Ние сме млади, (1952);
СОЛО ПЕСНИ: Јунак и бука, (1951); Во полската куќичка, (1951); Кој си ти, (1956); Зима, (1960); На Нова година, (1960); Дон Кихот, (1960)
ПЕСНИ ЗА ДЕЦА: „Продавница на детски играчки“; „Убави имиња“; „Земја дембелија“; „Фифи“; „Гроздобер“; „На Денот на младоста“; „Авион“; „Ај на санки“; „Пчела и мед“; „Весело оро“; „29-ти Ноември“; „Летување“; „Поздрав на бригадите“; „Новогодишна песна“ „Приспивна песна“; „Жаба“; „Пчела“
ЗА ДЕТСКИ ОРКЕСТАР: Волкот и трите прасиња, (1960); Црвенкапа, (1961); Шумски часовничар, (1961); Шеќерно дете, (1962); До дождлив ден, (1962); До сончев ден, (1963); Над сто обработки на народни песни и ора;
ПУБЛИЦИСТИКА:
•• Бела Барток – портрет („Разгледи“ бр. 21), (1955)
•• За народната музика („Разгледи“ бр. 5), (1956)
••По повод „Приспивната песна“ од Тодор Скаловски („Разгледи“ бр.
13), (1956)
•• Творештвото врз база на народната музика („Културен живот“ бр.
2), (1963)
•• За и против новокомпонираната песна („Екран“, бр. 816), (1986)
••ФОЛК ФЕСТ Валандово – ревитализација на македонската народна
песна и бизнисот, (1987)
Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)