Марко Коловски (Струга, 1957), еден од најеминентните македонски музиколози во последните децении од минатиот и првите на овој век. Автор и коавтор е на над дваесет книги посветени на истражувањето на македонскат музичка култура, како и на десетици студии и неколку стотици критики, објавувани во стручни списанија (студии) и главно на програмите на Македонското радио (рецензии). Работниот век го минал во Македонската радио телевизија (како уредник на Музичката програма), а во еден мандат (2002-2006) беше директор на НУ „Танец“, со кој тој ги оствари најголемите проекти („Бистри води“, „Македонска љубовна приказна“, „За здравје и бериќет“, „Синтези 1 и 2“ …) и ги релизира најголемите концертни турнеи (Сиднеј, Москва, Париз, Мелбурн, Санкт Петерсбург, Рим, Париз, Виена, Истамбул, Брисел, Виена, Атина …) во неговата богата историја. Меѓу дваесетината книги објавени во последниве децении се и „Зографски“ (2011), „50 години Охридско лето“ (2010, коавтор), Од звукот кон музиката“ (2015), „47 Македонски композитори“ (2013), „Есеи за македонската музика I и II“ (2009 и 2017), „Боите на мојата музика“ (2022, – коавтор), „Антологиски кореографии Iи II“ (2020 и 2022, автор на текстови за кореографии и на нивни нотографии), „Чичко Маестро Џамбазов“ (2024, – коавтор), и други. Остварил и импозантна дејност на полето на дигитализацијата на културното наследство. Проектот „Дигитална архива на македонската музичка критика“ еден е од првите од тој вид кај нас и пошироко (https://kritiki.mk/), а дигитализирањето на неколку стотини снимки со дела од македонски автори и исполнители овозможи издавање на стотина носачи за звук (издавачи: Музички издавачки центар и Балкански музички форум), на кои тој беше уредник. Како издавач (МИЦ) и уредник – помогнал во издавањето на десетици значајни книги за македонската музичка култура („Шпато“, „Meta sonorem – Фимчо Муратовски“, „Жоро“, „Зина Креља“, „Васка Биџова – Гајдова“, „Мојот живот во музиката“, циклусот учебници „COMPENDIUM MUSICUM“ и други). Членувал во високите органи на ЈРТ (нејзин претставник и во меѓународната ОИРТ), СОКОЈ и СОКОЈ ЗАМП во поранешна Југославија. Од 2007 до 2012 година Претседател на СОКОМ. Победник е на повеќе конкурси за музиколошки трудови. За своите остварувања добитник е на многу стручни („Панче Пешев“, – двапати, „Трајко Прокопиев“ …) и општествени (наградата на град Скопје „13 Ноември“) признанија.