Дојрана Прокопиева е музиколог и културен проект-менаџер. Родена во Скопје, таа дипломира и магистрира музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под менторство на проф. д-р. Димитрије Бужаровски. Во 2007 година ја добива наградата на Фондацијата „Томислав Зографски“ за најдобар студент од Одделот за композиција, музикологија, етномузикологија и музичка теорија и педагогија. Постдипломски студии по културологија завршува на Факултетот за општествени науки при Универзитетот во Љубљана, Словенија.
Од 2007 година е активно вклучена во организација, продукција и промоција на настани од областа на културата и музиката, соработувајќи со бројни институции и фестивали. Пред преселбата во Љубљана, своето искуство го стекнува работејќи за некои од најзначајните музички фестивали во Македонија („Скопски џез фестивал“, „Оффест“, „Денови на македонска музика“, „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, „Златна лира“), каде што презема различни улоги во областа на проект-менаџмент, фестивалска продукција и односи со јавноста. Во 2012 година кратко време е активна и како хонорарен соработник – музички критичар во дневниот весник „Дневник“. Пишувала стручни текстови и осврти за концертни програми и фестивалски изданија на „Мајски оперски вечери“, „Охридско лето“, „Скопско лето“ и манифестацијата „Виртуози“.
Од 2012 до 2016 година работи како проект-менаџер во Установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“. Во периодот од 2018 до 2024 година е проект-менаџер во културната установа Zavod Druga godba во Љубљана, една од водечките организации во областа на т.н. „музика од светот“. Во 2024–2025 година е програмски координатор во Центар Рог – креативен хаб во Љубљана. Во последно време е активна како самостоен културен организатор и координатор на настани, соработувајќи со различни организации и проекти на меѓународно ниво.
Авторка е на трудови од областа на музикологијата и културологијата, како и на музички рецензии и интервјуа, дел од кои се објавени во списанија и зборници како „Музика“, „Кинопис“, „Театарски гласник“, зборниците на IRAM – Contemporary Trends in Musicology & Ethnomusicology и други публикации.