Новости

Шест совршени раце за шест возбудливи музички премиери

Концертот „Шест раце за шест премиери“ кој се одржа во Музејот на македонската борба, во рамки на 45.издание на фестивалот „Денови на македонска музика“ беше уникатно музичко доживување кое претставуваше сублимат на два исклучително важни аспекти – изведувачката креативност и одлично одбран програмски концепт. Совршени изведувачи и прогресивни дела на македонски композитори од помладата генерација – концепт кој, само по себе претставува одличен рецепт за возбудлива концертна вечер.

Програмски концертот беше беспрекорно конципиран, зошто сите дела кои ги чувме имаа свој автентичен печат и израз и фокус во третирањето на медиумот за кој беа напишани. Различни сензибилитети, инспирации, техники на компонирање и музичка естетика беа составен дел од звучниот пејсаж на овој концерт. 

Прва композиција која прозвуче оваа концертна вечер беше „Пулсирачки град“ на Ана Пандевска – дело исполнето со типичен звучен сензибилитет кој претставува фокус и примарен интерес на оваа македонска композиторка која својот опус го исполнува со музика инспирирана од џезот, амбиенталната музика и електроакустиката. Инспирацијата од главниот град и неговата специфична „звучност“ беа централен мотив и во „Пулсирачки град“, дело кое музички, како што сугерира насловот го отсликуваше пулсот на Скопје. Сите звуци на Скопје, совршени и несовршени, изградени од мелодични и какофонични звуци, сублимирани преку концептуалната призма на т.н. конкретна музичка беа примарен фокус во ова инспиративно дело на Пандевска.

Во „Часови“ на композиторот Михаило Трандафиловски чувме сосема нова музичка естетика исполнета со интензивна ритмичност и експлозивен израз. Минималистичка структура збогатена со интересна звучна структура која преку акценти и различни динамички нијанси ја полни со интензитет содржината на композицијата. Делото го отсликуваше авангардниот и современ израз типичен за авторскиот опус на Трандафиловски чие творештво се базира на различниот приод во дефинирањето на бојата/звукот на инструментите, нивната конструкција и начин на произведување на звук преку разнобојни хармонски мрежи.

Композицијата „Враќање („Тешкото“, „Везилка“ и „Починка“) на Дарија Андовска  претставува отворен циклус за 30 прсти инспириран од поезијата и напишан во чест на Блаже Конески – големиот поет, есеист и кодификатор на македонскиот современ литературен јазик. Делото на Андовска звучно ја следеше литературната предлошка на поезијата на Конески, нејзината наративност, „музиката“ скриена зад тежината на зборот, силната драматика на изговорената мака и страданијата на македонскиот народ, бунтовноста и исконскиот порив за создавање „проста и строга македонска песна“. Прецизно и со многу емотивност и дијалектика во креиерањето на музичката мисла, Андовска во ова дело (збогатено и со гласот на Васил Михаил кој рецитираше фрагменти од поезијата) музички на деликатен начин ја обликуваше поезијата на Конески, внесувајќи во неа дел од својата индивидуалност и специфичен творечки израз.

„Токата“ на Филип Иванов беше уште едно дело кое донесе нова звучност и естетика, инспирирано од музичката форма која се појави на крајот од ренесансата, а својот подем го имаше во барокот. Форма чиј наслов доаѓа од италијанскиот збор „toccare“ кој во буквален превод значи „да допреш“. „Токатата“ на Иванов инспирирана од повеќе векови старата музичка форма беше исполнета со современа звучност која го следеше виртуозниот „допир“ на пијанистките. Одлично одбрана форма, исполнета со модерен звук и импровизаторски карактер кој бараше од изведувачите врвни изведувачки перформанси.

Делото „Alisios“ Бете Илин имаше исклучително интересна ритмика, инспирирана од неправилните ритмови, типични за македонскиот фоклор. Моториката на ритамот беше фокус во ова динамично, фуриозно и звучно моќно дело.

Концертот заврши со изведбата на композицијата „Y to my gti turbo pride 3“ на Дамјан Темков, парче музика во кое целосно доаѓа до израз неговиот специфичен авторски јазик, посебно кога станува збор за делата напишани за пијано. Уште едно дело кое се инспирира од пулсот на популарната електронска музика, нејзината ритмичност и токатност, кое бара голема точност и артикулациски вештини од изведувачите.

Сите споменати дела ќе беа само музика без глас, лист хартија, да не беа совршените прсти на трите феноменални пијанистки – Марија Вршкова, Сара Пројковска и Елена Атанасовска – Ивановска кои не само што им дадоа живот, туку ги извадија на површина сите важни аспекти од нивната структура. Одлична изведба, врвни изведувачки перформанси и познавање на македонската музика демонстрираа трите пијанистки, кои фунционираа како едно, креирајќи совршена концертна целина.

Ангелина Димоска

СОКОМ