(Егејска Македонија с. Ранци 28.02.1944 – Скопје 17.11.2008)
Својата композиторска едукација ја започна уште за време на своите средношколски денови кај композиторот Властимир Николовски (како негов прв ученик). Студиите ги продолжува во Белград, најнапред во класата на Миленко Живковиќ, а потоа и во класата на Енрико Јосиф. Од 1968 година до 2000 работи во МРТ, најнапред како музички соработник, а од 1981 до 1985 година како помошник на директорот за музика. Во меѓувреме извршувал и други важни стручни и општествени функции: претседател на СОКОМ (1980/81), претседател на музичката комисија на поранешната ЈРТ, член на Советите на речиси сите позначајни македонски музички фестивали од областа на класичната музика, член на други стручни тела во земјава и во странство. Во текот на својот работен век во Македонското радио разви исклучително плодна рецензентска и публицистичка дејност, оставајќи драгоцени траги за музичкиот живот во времето чијшто сведок беше.
Творештвото на Стојче Тошевски се одвива во две фази: едната започната во почетокот на шеесеттите години што се протегаше до крајот на седумдесеттите, во која главно преовладуваа камерни и хорски дела, и втората што започна во почетокот на деведесеттите години со Концертот за пијано и оркестар и во која беше надмината речиси десетгодишната творешка осека, што се поклопуваше со неговите други службени функции. Во оваа фаза (особено во деведесеттите години) преовладуваат оркестарски композиции. Композиторско кредо на Тошевски тргнува од ставот дека големината на творецот не се мери според обемноста на опусот, според бројот на создадени композиции туку, пред сè според досегот на креативните дострели на композиторовата инвенција. Оттаму и неговиот строг, дури аскетски однос кон секој мотив, секоја фраза, секоја творба. Токму затоа не е ни чудно што неговиот опус не е фасцинантен според својот обем, но е со белези што му овозможуваат неодминливост и траен живот. „…Зарем е чудно, тогаш, што неговите “МАДРИГАЛИ” – тие чудесни творечки резби во благородното фолклорно ткиво живеат интензивен живот и неколку децении по нивното создавање, за да сведочат, меѓу другото, и за мајсторското владеење со полифоната барокна техника и за нејзиното вешто интегрирање со јазикот на народниот гениј…“ (Коловски, 1998) Главни карактеристики на творештвото на Стојче Тошевски се стремењето кон остварување единство на формата и изразот, за чистота на композициската структура, за цизелирање на најситните детали. Во своите композиции, тој не бега од влијанија. Дури, сосема свесно се подложува на нив сметајќи дека од најблескавите примери на творечката инвентивност не треба да се бега, туку треба да се оди по нив и низ нив да се доаѓа до сопствен музички израз. Во првата творечка фаза, освен „Мадригалите“, вниманието го сврти и неговата Сонатата за две пијана (1965). Пишувана е во раната творечка фаза на Тошевски и е една од првите дела за ваков состав во македонското музичко творештво. Во неа до израз доаѓаат младешкиот жар и елан, љубопитноста и проникливоста, во неа се чувствува подготвеноста да се прифаќаат најмаркантните творечки искуства на великаните на музичката историја. Сонатата е наградена на конкурсот на Музичката младина на Македонија. Меѓу делата што се позначајни од неговата последна творечка фаза спаѓаат „Господи помилуј ме“ и „ден на гневот“, кои заедно со La shate mi morire се дел од трилогијата „исповедни молитви“. Пишувани се ве периодот од 1994 до 1998 година, но и покрај тоа се одликуваат со стилска монолитност и компактност. Инспирирани се од мотиви од светската духовна музика, што уште еднаш го потврдува своевидното творечко кредо на Тошевски во кое секогаш има место за најблескавите егземплари од музичката историја. Во „Господи помилуј“ и во „Ден на гневот“ текстот е старословенски. На сосема друг творечки круг му припаѓа делото „Музика на ангелите“ кое е инспирирано од туѓи теми. Овојпат тоа се мелодии од стари индиски автори. Трагајќи по примери што ќе бидат едноставни, чисти, возвишени, – теми што најдобро ќе ја изразат намерата на авторот, – имено да создаде дело што со своите простодушни, просветлени, проѕирни мелодии најсоодветно ќе ја изразат синтагмата „ангелска песна“, Тошевски ги зема овие примери и со сосема умесни и соодветни, но крајно едноставни композиторски интервенции целосно ја постигнува својата цел. Притоа, земено на поширок план, прави и извесна противтежа со релативно „темните“ тонови со кои е обоено неговото творештво во оваа фаза и ја најавува „победата“ на оптимизмот над своевидната депресија. Ораториумот „Децата на македонија“ е создаден (и за прв пат изведен) по повод Втората средба на децата – бегалци од Егејска Македонија што се одржа во 1998 година во Скопје. Како еден од трагичните протагности на оваа историска голгота, Тошевски со посебен пиетет се обрнал кон оваа тема и врз основа на свои, како и на текстови од Ташко Саров и Методија Тошевски создал своевидна сага за трагедијата и надежта на еден народ. Целата композиција базира врз оригинални и народни мелодии, пишувана е во реалистичен, во извесна смисла неоромантичарски јазик, типичен за поголемиот дел од творечкиот опус на авторот.
ТВОРЕШТВО
ОРКЕСТАРСКО: Циклус „Песна без зборови“, – за мандолински оркестар; Концерт , – за кларинет и гудачи, (1968); Циклус „Сокол ми лета високо“, – за мандолински оркестар, (1986); „И Бол и Бес“, – за пијано и оркестар, (1992); Концерт, – за пијано и оркестар, (1993); „La schate mi morire“, – за сопран и гудачки оркестар, (1994); „Господи, помилуј ме“, – за сопран и гудачки оркестар, (1995); „Ден на гневот“, – за сопран, пијано, удиралки, англиски рог, камерен оркестар, (1996); „Трба, трби“, – за сопран, баритон, камерен оркестар, (1997); 14 Мадригали, – за сопран, хор, дувачи и голем симфониски оркестар, (1997); Музичка жртва, – за симфониски оркестар, (1998); Четири Багатели, – за гудачки оркестар, (2001); Романса, – за симфониски оркестар, (2001); Поема „Дафина платно белеше“, – за гудачки оркестар, (2006);
КАМЕРНО: Варијации , – за кларинет и пијано, (1962); Прелудиум „Леле Јано“, – за пијано, (1963); Соната, – за две пијана, (1965); Варијации за осум инструменти, – за гудачки и дувачки квартет, (1966); Соната , – за гудачки квартет и клавсен, (1967); Минијатури , – за кларинет и пијано, (1973); Суита „Музика на Ангелите“, – за ударни инструменти, харфа, пијано, (1998); Пасија, – за рецитатор и камерен ансамбл, (2000); Соната, – за гудачки квартет и пијано, (2003?); Камерна рапсодија „Кога цутат трендафилите“, – за англиски рог, удиралки, пијано и гудачи, (2004); Поема, – за гудачки квартет и пијано, (2004); Апотеоза на Пејо прчот, – за виолончело и пијано, (2005); Трендафилите пеат, – за три тромбони и туба, (2005); Триптих, – за три тромбони и туба, (2006); Македонски танци, – за нонет (вокали и пијано), (2010);
ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО: Чајорије шукарије, – за сопран, мешан хор и камерен оркестар; 12 молитви за Пенелопа, – за седум сопрани и пет инструменти, (1963); Т‘га за југ, – за баритон и камерен оркестар, (1971); Мадригали, – за солисти, хор и оркестар, (1972); Партизански мадригали, – за солисти, хор и оркестар, (1982); „Деца на Македонија“, – ораториум за солисти, хор, оркестар, (1997);
СОЛИСТИЧКО: Три минијатури, – за пијано, (1961); Суита, – за пијано, (1964); Капричо за Живко Фирфов, – за виолончело, (1999); Капричо за Тодор Светиев, – за пијано, (1999);
ХОРСКО: Хор девојки, – за женски хор и пијано, (1961); Свирките, – за мешан хор и пијано, (1961); Петгласен мадригал „Песма слободи“, (1964); Корални мотети, (1967); Врни росице, – за детски хор, (1968); Кој што е, – за детски хор, (1968); Бисера, – за мешан хор, (1970); Селска мака, – за мешан хор, (1973); Македонски триптих, – за мешан хор, (1974); Ој ти пиле гласовито, – за два мешани хора, (1978); Безброј пати името Тито, – за мешан хор, (1981); Пролет нека дојде, – за женски хор, (1984);
СОЛО ПЕСНИ: Љубов моја, – за глас и пијано, (1962); Порака, – за глас и пијано, (1969); Песна за војникот два метра в земја, – за глас и пијано, (1975); Коњуктура, – за глас и пијано, (1980);
ОРКЕСТРАЦИИ: „Галебе мој“ – Трајко Прокопиев; „Вардар“ – Трајко Прокопиев; „Смртта на Гоце“ – Трајко Прокопиев; „Жалбена“ – Трајко Прокопиев; „Шарпланинска приспивна“ – Тодор Скаловски;
ПЕСНИ ЗА ДЕЦА: Очите на мама, (1973); Мило ми е, драго ми е, (1974); Ѕвезда, (1974); Пролетна песна, (1984); Сонце, (1987);
ПОПУЛАРНИ ПЕСНИ: Песна за град Прилеп, (1963);
МУЗИКА ЗА ДРАМИ: Најстрашна приказна; Соседи; Осилово лето; Вечерашниве јунаци од дневникот на Церемоние, (1971); Големо судирање од светски размери, (1972); Одлука, (1974); Хумористични бранови, (1976); Окрвавен камен, (1978);
ПУБЛИЦИСТИКА • Голем број авторски емисии, осврти, рецензии и коментари објавувани на програмата на Радио Скопје како и во весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“, меѓу кои и • Осврт врз музичкото творештво во Македонија 1945 – 1975, (1975) • Струшка музичка есен ‘75, (1975) • Состојбите во македонската музиколошка мисла, (1987)
Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)