Синоќешниот концерт во рамките на годинашниве „Денови на македонската музика“ кај дел од повозрасните присутни, бездруго, будеше носталгија. Или, подобро – радост и носталгија. Е, сега, ако се прашувате како тоа „радост и носталгија“, тогаш ќе се обидам да појаснам натаму. Барем за моите чувства.
Носталгијата ја предизвикуваа спомените од почетокот на деведесеттите години на минатиот век: од времето кога во истовреме (дури и речиси буквално, на едно од изданијата на „Охридското лето“) на нашите сцени настапуваа три врвни камерни ансамбли: оној на Македонската радио телевизија, раководен од маестро Фимчо Муратовски, потоа – Македонскиот камерен оркестар, во тоа време воден од магичната рака на маестро Ванчо Чавдарски и Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, раководен и воден од различни, реномирани светски диригенти. Овој, последниов, во една покуса епизода, но, доволно за да биде дел од тоа несекојдневно и, подоцна недоживеано ривалство. Се родија тогаш многу дела наменети токму за овие ансамбли и се одржаа низа концерти кои и денес се во сеќавањето на нас повозрасните. Ниту еден од овие ансамбли денес ги нема и затоа беше оној дел за „носталгијата“.
Радоста, за која натаму ќе зборувам, синоќа беше предизвикана од чувството (можеби и само надежта, но, ајде да бидеме оптимисти!) дека сме сведоци по повеќе години на раѓање на еден млад, ентузијазиран, полетен и вешт камерен ансамбл што ѝм недостига и на македонската музичка култура, и на македонското музичко творештво. Неговото име е „АЈГА“ и не сакам да правам никакви алузии од самото тоа (на пример, некакви непотребни историски реминисценции, за кои верувам дека и нема ниту потреба, се надевам – ниту намера!), бидејќи побитно е тоа што покренувач за негово созадавање се токму оние најзасегнатите: македонските композитори, односно СОКОМ, а преку нив и преку нивното идно творештво за ваков ансамбл – и нашата публика и сѐвкупната македонска музичка култура. Радоста, натаму, беше предизвикана и од самиот концертен чин: од начинот на кој тие, сите млади и мотивирани, ѝ пришле на зададената задача и, конечно, од нивото на реализацијата на истата. Не можам да кажам дека на нивниот пулт се наоѓаа „најтврдите залаци“ на (овојпат) нашата музичка литература за ваков состав, но фрагментите од музиката за филмовите „Заминувањето на Пасквелија“ и „Црвениот коњ„ од композиторот Љупчо Константинов, потоа Суитата од музиката за филмот „Мими“ од композиторот Александар Пејовски, и композициите „ЈАС“ од Стојан Стојков, „Залез“ од Скаловски/Аврамовски и „Двете антички перли“ од Љубомир Бранѓолица беа сосема доволен, или одлично одмерен предизвик за да можат да се покажат и моменталните потенцијали и да се предвидат идните перспективи на овие млади музичари. Според она што го чувме – пред нив е, доколку имаат шанса да опстојат како ваков ансамбл – убава (да не речам: блескава) иднина. И, мојата препорака до надлежните во оваа држава е него, значи овој ансамбл, под ова или под кое и да е име, соодветно да го поддржат. Да му дадат шанса бидејќи тој, без каков и да е сомнеж, има потенцијал да ја пополни ужасната празнина и да даде поттик на македонското музичко творештво.
Ако, еве од ваква опсервација со прилично „раширена бленда“ се фокусирам на она што го слушавме синоќа, тогаш нема да можам, а да не го истакнам она што ми остави најсилен впечаток. Тоа, и покрај потребата да се биде краток во еден ваков осврт, беа повеќе нешта. На пример, воедначеноста во звукот во композициите или музиката, како сакате, на Љупчо Константинов. Добро, тука нема некои сложени мелодиско-хармонско-полифони заплеткувања, но, сеедно, – тука има простор и потреба да се покаже хомоген звук во главно сонорните епизоди. И, доколку во одделни мигови тие прозвучат како Дворжаковите Адаѓа од неговите оркестарски композиции, – тогаш не ви преостанува ништо друго туку да констатирате дека ансамблот ја постигнал поставената цел. На радост на целата, овојпат – многубројна публика. Или, кога ќе ги слушнете кусите звучни епизоди од композицијата (музиката) на Александар Пејовски, кои, сосема јасно, се пишувани да доловат определен филмски наратив, и кога ќе констатирате дека тие, и навидум, и навистина прилично еднолични отсечки се, најнапред споени од авторот, а потоа изведени од ансамблот за да личат на една, сега нова и кохерентна музичка приказна, – тогаш, повторно, не ви преостанува ништо освен да се поклоните пред младешката вештина, дисциплина и ефект (пазете: ништо од ова речиси не оди со младиста!) на младите членови на оркестарот. Слично беше и со изведбите на делата на Стојков, Скаловски/Аврамовски, Бранѓолица. Само што тука, бидејќи се работи за програмска музика, обидот имаше уште една димензија. Низ специфичната музичка емоција да се долови интенцијата на авторот. И тие тоа го остварија. Во три композиции, со солистички епизоди настапија тројца истакнати уметници, членови на Македонската филхармонија: Владимир Костов на виолина (во првото дело од Константинов), Маја Чаначевиќ на англиски рог (во композицијата Залез) и Горан Јанев на хорна (во второт дело од Константинов). Сите тие го дадоа својот целосен придонес за успешноста на композициите. Ако некој посебно треба да се издвои, – тогаш тоа беше Владимир Костов. Тој и онака е одличен солист, но овој пат имаше и мотив повеќе што ќе го спомнам на крајот.
И, сега, сакам да кажам неколку збора или реченици, за младата диригентка Ана Спасовска. Таа плени со самата своја појава: убава, стројна, шармантна. Но, уште при првиот излез на сцената – чувствувате некаква харизма, енергија, па и неопходна строгост. Зошто да не. Дури и во изразот и погледот. Кога ќе го отслушате и одгледате внимателно концертот, како што го направив јас, тогаш поголем дел од заслугите за впечатоците и оценките што ги изнесов погоре ќе ги ставите на нејзино конто. Прво, – затоа што тоа е сосема нормално. Диригентот е тој кој што е „со штитот или на него“. Зависно од епилогот. Овој пат, сите звучни флексии, сиот тој воедначен звук, сите тие внимателно градени градации каде што тоа беше потребно, звучните сенчења во вкусно осветлената мала сала на Македонската филхармонија, сето тоа и уште многу друго не ќе беа такви ако не беше нејзиниот, ту строг, ту озарен, ту тажен, ту радосен израз. Ако не беше таа мимика што како магија се пренесуваше врз изведувачите. Ако не беше тој прецизен диригентски гест кој не даваше можност за „тетеравења“, иако, рака на срце, во овие бавни, сонористички дела немаше многу опасност од тоа. Но, таа, дури и во Алегрото од композицијата на Стојан Стојков (кое, види чудо, беше изведено и на бис!), беше прецизна како швајцарски часовник и обезбеди финале кое барем навестува како би се справила со дела со поинаков карактер: еднакво сигурно и суверено. Не. Не треба да се паѓа во непотребна егзалтација. И нема место за тоа. Бидејќи пред неа, сосема очигледно и сосема јасно, стојат уште многу неосвоени пространства, но кога сето она што го слушнавме ќе се стави во корелација со нејзината возраст и искуство изнесените оценки не се никакво преувеличување. Попрво мотив да се оди натаму.
И, конечно, она што реков дека ќе е крај. Виолинистот Владимир Костов, еден од големите докажани „пријатели на македонското музичко творештво“ синоќа имаше мотив повеќе за инспиртивна и емотивна изведба. Кои и ги оствари. Тоа беше фактот што СОКОМ нему и на неговата придружничка и подеднаква „пријателка на нашата музика“ – пијанистката Марија Вршкова им ја додели наградата „Георги Божиков“, што се добива и за најдобри изведби во претходната година и за континуирани изведби на дела од наши автори. Тие двајцата веќе неколку децении тоа го прават суверено. Вториот и најпогоден факт со кој можам да го завршам овој осврт е податокот дека наградата „Трајко Прокопиев“ што се доделува за животно дело во областа на музичкото творештво и/или музикологијата годинава ја доби истакнатиот македонски композитор Љупчо Константинов. Слушајќи ги фрагментите од композициите синоќа на сите им беше јасно дека тоа е повеќе од заслужено. Особено оние што знаат дека неговиот огромен опус се протега од полето на популарната музика (со низа незаборавни хитови во изведба на нашите најголеми ѕвезди), преку филмската музика со врвни остварувања за кои добил значајни меѓународни награди (на пример Пулската Арена) до театарската музика каде што во над стотина претстави (меѓу кои и во најзначајните на големиот Паоло Маѓели) дал колосален придонес во растежот на оваа уметност. Затоа, велам, синоќа со почит и со длабок наклон му честитав на мојот драг пријател за она што го остварил, а денес тоа го нотирам и во овој краток текст за сите други.
Марко Коловски
Фотографии: Маја Аргакиева