Новости

Одржани Музичките средби во СОКОМ

На Музичките средби што се одржаа изминатиов петок (25 март) во просториите на СОКОМ под наслов „Македонското музичко творештво – сегашност и минато“ проследнивме исклучително интересни осврти за минатото и сегашноста на македонската музичка култура. Излагањата на учесниците се однесуваа на културното-општествените состојби низ историјата и денешницата, развојот на творечката мисла на македонските композитори, нивното творештво во репертоарите на македонските музички уметници и застапеноста во медиумите, анализи на создадени мелодии во духот на византиската традиција на стихови од современи македонски поети, предизвиците на народната музика со парадигмите на глобализацијата и согледувања за македонската уметничка музика како наше културно наследство. Претставените истражувања и дејности на учесниците отворија простор и потреба за нови дискусии и почести средби со нашата културна јавност. Упатуваме благодарност до сите учесници на овој настан.

Во продолжение ги презентираме апстрактите на претставените реферати и излагања:

АПСТРАКТИ

Д-р Огненка Герасимовска-Димитровска: Состојбите на културните текови во Македонија во првата половина на XX век како ориентири за создавање на национален стил

За подобро да се согледа дејствувањето на првите композитори на македонската професионална музика потребно е да се истакнат одредени историски моменти преку кратка компарација на општествените услови, кои директно влијаат врз културните услови во Европа, Балканот, а со тоа Југославија и условите под кои во Македонија се создавале почетоците на професионалната музика, но во рамките на тогашна Југославија.

Во овој труд ќе ги посочиме и најзначајните моменти за македонската професионална музика, почетоците на музичките манифестации како битен сегмент за развојот на професионалниот музички живот во Македонија и потребата за создавање автентичен музички јазик а воедно и национална препознатливост на стилот на македонските композитори.

Академик, проф. д-р Јане Коџабашија: Мелодии во духот на византиската традиција на стихови од современи македонски поети

Хрисантовата невматска нотација која како новореформирана е објавена во 1814 година, на територијата на Македонија започна да се применува кон средината на 19-от век. Според досегашните сознанија, најстар црковно-музички ракопис откриен на територијата на Македонија е зборникот Црковна псалтика на Јанаки Стојменович од селото Оризари, Кочанско, создаден во 1849 година. На овој мошне значаен црковно-музички ракопис во моментов ги привршува своите завршни истражувања музикологот-византолог Мирјана Павловска – Шулајковска.

Во македонската музичка практика Хрисантовата невматска нотација во прв ред се употребува за нотирање на мелодии напишани врз богослужбени текстови на црковно-словенски јазик, а во поретки случаи таа се користи и за запишување на фолклорни и друг вид напеви со световен карактер. Заради недоволното познавање на Хрисантовата невматска нотација, некои автори на црковни творби ги пишуваат на европска нотација. Во првата четвртина на 21-от век се појавија и изданија со двојна нотација – (византиска и европска), подготвени од добро упатени автори во теоријата и практиката на црковното пеење од византиската традиција.

Првата псалтикија којашто е објавенаена кај нас на двојна музичка нотација е зборникот „Пасхалија“ на Јоан Хармосин – Охридски. Ова раритетно издание го подготвив и објавив на прагот на 21-от век во 1999 година, по повод 140 – годишнината од првото издание на хармосиновиот зборник „Пасхалија“ во Цариград, 1869 година. Во втората декада на 21-от век во македонската музичка наука се појавија уште два псалтикиски зборници со двојна нотација: „Краткиот воскресник“ од Андон Шахпаски во транскрипција од византиска на европска музичка нотација на д-р Мирјана Павловска – Шулајковска, и „Антологијата на македонското црковно пеење“, којашто ја објавив по повод прогласувањето на 2018 за  година на културното наследство со материјална подршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Во последниве 20-тина години во неколку наврати се зафатив со  компонирање напеви во духот на византиската традиција на стихови од современи македонски поети. Верувајќи дека овие музички творби ќе го заслужат вниманието на љубопитните слушатели, во оваа пригода ќе бидат претставени две мелодии кои ги напишав врз поетски стихови на Луан Старова и Раде Силјан.

М-р Весна Малјановска: Телевизиски приказ на творештвото на македонските композиторки во рамките на ДММ

Истражувањето ,,Телевизиски приказ на творештвото на македонските  композиторки во рамките на ДММ“ се однесува на застапеноста на женските композитори и нивното творештво изведено и снимено во програмите на Македонската телевизија. Оваа манифестација одбрана заради тоа што претставува единствена манифестација која го негува македонското музичко творештво. Целата е да се се направи еден историски преглед на застапеноста на женските композитори во програмите кои се снимени и емитувани на каналот на Македонската телевизија која оваа манифестација ја следи уште од 1985 година. Преку ова излагање ќе се добијат информации какви дела компонирале македонските композиторки, какви состави ги извеле и колку и какво е нивното понатамошно творештво.

М-р Снежана Анастасова Чадиковска,проф.  д-р Александар Трајковски: Соло песните од македонските композитори, во репертоарот на оперската првенка Милка Ефтимова

Во текот на својата долготрајна и исклучително богата професионална кариера, оперската првенка Милка Ефтимова особено внимание му посветува на македонското творештво, реализирајќи низа капитални дела од домашната оперска и вокално инструментална литература (ораториуми, кантати и соло песни).

Во оваа прилика, а во чест на доделувањето на Орденот за заслуги за Република Северна Македонија, кој претседателот на државата ѝ го доделува за исклучителниот придонес во развојот на македонската култура, ова излагање има за цел да се осврне на нејзината изведба на соло песните од македонските         композитори, кои чинат прилично голем и значаен дел од нејзиниот концертен репертоар.

Д-р Мирјана Павловска-Шулајковска: Средба со повод – проф. Евушка Трпкова-Елезовиќ

Проф. Евушка Трпкова – Елезовиќ, една од   доајените во македонската музичка уметност и уметник  со остварен значаен придонес во развојот на пијанизмот во Македонија, е припадник на првата генерација дипломирани пијанисти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и генерацијата на македонски пијанисти кои го започнаа своето професионално делување во периодот на шеесетите и седумдесетите години од минатиот век. Реализираната концертна и долгогодишна педгошка дејност ја вбројуваат Евушка Трпкова – Елезовиќ во низата афирмирани македонски музички дејци кои остваруваат активен развој на музичката уметност и култура во Македонија. Рецензентите ја оценија како уметник чија интерпретација е: „…пронижена со префинета сензибилност, која во ниту еден момент не преминува во сентименталност“. Одбележувањето на Наградата „Златна лира“ за животно дело, доделена од Сојузот на музички уметници на Македонија е повод за разговор со неа.

М-р Даница Стојанова: Македонското музичко творештво во репертоарот на пијанистката Даница Стојанова

Градењето на творечката креативност низ повеќедецениските настапи на домашната и меѓународната сцена изискуваат создавење и постојано надоградување на репертоарот на музичкиот уметник. Во соодветното создавање на мојот пијанистички репертоар, неизоставно место припаѓа на делата од македонските композитори. Одговорноста кон негувањето на македонското музичко творештво и тенденцијата за негово претставување и на домашната сцена и  надвор од нашите граници е еден од сегментите кои го продолжуваат “животниот“ процес на создадените дела од композиторите, кон музичките уметници кои ги изведуваат делата, па се’ до публиката. Оттука и потребата за целосен сериозен и интелектуален пристап кон нивните изведби изискува соодветна концентрација, сензибилност и зрелост, особено истакнувајќи ја соработката и заедничките согледувања со композиторите-современици во претставувањето на суштината на изведените дела.

Д-р Беким Рамадани: Предизвиците на народната музика со парадигмите на глобализацијата

Нашата народна музика се соочува со многу тешкотии во бурата  на транзицијата и на глобализацијата. Организираниот хаос се случува во сите жанрови на уметноста и културата, но сепак музиката останува уметноста која е најмногу изложена на парадигмите на глобализацијата токму поради нејзиниот универзален карактер. Последниве децении на народната музика и се закрпени различни варијанти, прикажувајќи ја во нови облици како џез фолк, поп фолк, турбо фолк, нео фолк итн. Оваа „современа народна музика“, која во научниот дискурс побудува бројни дебати за тоа како се одвива еволуцијата на традиционалните форми, се чини, е спирална еволуција, бидејќи помагањето на злото, безвредноста и уништувањето, помага да се создаде нов поредок, современа реалност полна со деструктивна музика, музика што го возвишува култот на телото, музика која ги занемарува моралот, духовната убавина и човечкиот однос. Сцените што ги гледаме преку телевизиските екрани, каде што различните ликови ни се претставуваат голи, нè загрижува и разочарува. Нека го разгледаме турбо-фолкот како пример. Оваа музика која не го прифаќа животот, постојано создава реалност во којашто настаните што не треба да се случат, имаат голема медиумска поддршка, бидејќи многу телевизиски емисии претставуваат изобилна „екологија“ на емоционално и културно загадување. Од овој правлив воздух, „белите дробови“ на цивилизацијата се сериозно оштетени, создавајќи ја болеста наречена акултурација што се шири во форма на „малигна метастаза“.

M-р Ивона Опетческа-Татарчевска: Покана за дискусија: Македонската уметничка музика како културно наследство Заштитата на уметничката музика како процес наоѓа своја оправданост и основа во најмалку три понекогаш и спротивни насоки и токму поради комплексноста има тенденција да отвора повеќе прашања истовремено. Нејзиното зачувување е согласно повеќе постоечки закони (Закон за заштита на културното наследство, Закон за авторски и други сродни права, потоа, за медиумски услуги, влегува и во доменот на Законот за филмска уметност, за аудиовизуелно наследство, за библиотеки, музеи и сл.) и е во ингеренции на различни институции, што најчесто ја става во една статична позиција, како на крстопат од кој таа ‘заштита’ постојано тргнува и застанува. Паралелните процеси на валоризирање како правен механизам за заштита заедно со фактичката, директната заштита на музиката, постојат веќе неколку децении, а ние сѐуште не можеме да се пофалиме со создавање на барем една институтционално оформена ем активна аудио музичка архива, не постои ниту нов музеј на тема музика, ниту истражувачки центар, или спомен куќа на барем еден композитор или музичар од Македонија и сл. Засега само ‘Музичката збирка’ при НУ. НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, достојно стои и максимално се труди да ги зачува од заборав легатите на македонските композитори и друг вид збирки кои индиректно ја штитат музичката уметност. Оваа покана за дискусија е со намера постковидно да ги отвориме прашањата кои ја мачат музичката фела и колегите од сите музички жанри кои создаваат, интерпретираат, собираат и негуваат музика во надеж дека преку вмрежување, транспарентна размена на мислења може да ја мрднеме оваа дејност во посакуваната насока. 

СОКОМ