Новости

Новиот авторски компакт диск на македонскиот композитор Михаило Трандафиловски Step(pe)s објавен од страна на Neuma Records

Најновиот авторски носач на звук на македонскиот композитор, виолинист и едукатор Михаило Трандафиловски Step(pe)s деновиве беше официјално издаден од страна на американската издавачка куќа Неума Рекордс (Neuma Records). Претходните авторски компакт дискови на Трандафиловски се публикувани од Метиер (2018), Инова Рекордингс (2015) и Лорелт (2011), и истите се реализирани со блиските соработници на Трандафиловски: Питер Шепард Скервед, Нил Хајд, Роџер Хитон, Родрик Чедвик, Одалин де ла Мартинез, Лонтано, Кројцер Квартетот и Новиот лондонски камерен хор. Овие континуирани и долготрајни соработки се централни во дејноста на Трандафиловски како композитор и му овозможуваат да истражува и проширува инструментални техники на идиоматски и често безкомпромисен начин.

Музиката на Михаило Трандафиловски е изведувана од водечки состави за современа музика, како на пример ансамблите Хоризонте (Германија), Реконсил (Австрија), Фракталес (Белгија), Меитар (Израел), МАСМ (Русија), Квартет Диотима (Франција), а и македонските ансамбл Контемпора, инструменталистите Хајди Елзесер, Ана Гацева, Љубиша Кировски, итн.

Како виолинист е член на Кројцер квартетот, со кого има снимано и изведено бројни албуми и концерти. Една од неговите централни истражувачки активности е вклучувањето на современата музика во областа на педагогијата, и на оваа тема има докторирано на Кралскиот Колеџ за Музика во Лондон.  Исто така, има предводено повеќе проекти кои спојуваат разни уметнички гранки и го промовираат современиот уметнички израз кон пошироката публика.

Трандафиловски живее и работи во Лондон, и неговате композиции се публикуваат од Јунајтед Мјузик Паблишинг (UMP).

СОКОМ