Членови, Композитори

НИКОЛА ДИМУШЕВСКИ (КОКАН)

(Скопје, 26.04.1958)
композитор

Средно образование завршува на јазично-филозофскиот смер во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје. ФМУ запишува на отсекот за теорија и диригирање и формално го завршува своето високо образование со завршена трета година. Потоа следува негово самодообразување посетувајќи часови кај разни европски композитори за современа музика, како и во дописни школи во САД за електронска музика. На 17 годишна возраст (1976-77) во Нови Сад го снима својот прв носач на звук за ПГП РТБ (поранешна Југославија) како клавијатурист, композитор и аранжер со групата Леб и Сол. Членувајќи во оваа култна група со која досега има снимено 18 плочи и компакт дискови. Во тој период примен е во редовен работен однос во Биг-Бендот на Македонската радио-телевизија како пијанист. Тука доаѓа до проширување на неговиот творечки интерес кон сферите на џезот при што создава повеќе композиции и аранжмани за овој оркестар. Љубопитноста и истражувачкиот дух го водат и во сферите на мултиканалното снимање и продуцирање на музиката, и набрзо станува еден од најбараните тон-мајстори и продуценти. Како продуцент снима и продуцира повеќе од 15.000 наслови музика за потребите на МРТ.

Добитник е на едно од најголемите признанија во екс ЈУ- „Седум секретари на СКОЈ“ – за музиката за легендарната претстава „Ослободување на Скопје“ во 1978 год. Тоа е поттик да работи како композитор на многу театарски претстави. Во наредните години создава музика за осумдесетина театарски претстави со кои има освоено награди на фестивалите „Стеријно Позорје“ (Белград) и „Војдан Чернодрински“ (Прилеп). Постојаниот творечки немир и блискоста со електрониката, го води и во сферите на електронската музика. Во 1977 година во студиото 6 на МРТ ја снима својата прва електронска композиција која е наградена истата година на деновите на тогашните Југословенски радиостаници (Денови на ЈРТ). Успехот го повторува и во 1990 година, кога врз сценарио на Душко Димитровски и Марко Коловски ја создава радиофонската композиција „Силјан Штркот“.

Истражувачкиот дух на Никола Димушевски придонесува неговиот авторски опус да е исклучително богат и разновиден. Освен жанрите на поп и рок – музиката, тука спаѓаат радиофонските дела, музиката за театар и филм, современа електронска музика, џез – музиката за големи и мали состави, камерни дела, дела за симфониски оркестар, многу музички авиза за потребите на РТВ станици, играни ТВ серии итн. Заради широчината на опфатот во секоја смисла, неговиот творечки манир неизбежно носи елементи на еклектицизам, типичен за многу автори на дваесеттиот век. Во 1997 година неговото внимание го привлекува староцрковното и македонското песнопојаније, при што тој се ограничува на интервенирање врз оригиналните напеви со електронски инструменти, создавајќи целосно нов и интегриран звук и звучна експресија. Има издадено повеќе од 40 компакт дискови а како продуцент, аранжер и клавијатурист има снимено над 70 носачи на звук од различен вид. Од 1998 г. до 2002 г. Димушевски работи како продукт специјалист и инженер за познатата светска компанија за производство на класични и дигитални инструменти „Јамаха“ од Јапонија. За рекламни потреби на „Јамаха“ има издадено 3 компакт диска со различни музички содржини, стилски и оркестарски формации. Во 2007 година е назначен од ОБСЕ за предавач професор по радиодизајн и дигитална софтверска монтажа за потребите на тон-мајсторите и новинарите во МРТ. За својата ангажираност и работа на полето на радиодизајнот добитник е на пофалници од BBC и Радио Франција, додека како тон мајстор неколкупати има освоено гранпри награди на европското биенале за тонски снимки и тон мајстори „ТАКТОНС“, кое се одржува во Нови Сад.

Во последниве години неговите музички интереси се свртуваат кон компонирање за таканаречените „класични оркестарски формации“ кои ги дополнува со електроника, при што компонира неколку оркестарски композиции, дела за големи камерни оркестри, квартети итн.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Календар, – за оркестар, хор, пијано и електроника, (2008); Colours and Colours, – за оркестар, хор, виолончело, пијано и електроника, (2010); Litro and litro, – за ХГМ џез оркестра, (2010); Lamina, – за ХГМ џез оркестар, (2010); Mandarina, – за ХГМ џез оркестар, (2010); Леб и игри, – за ХГМ џез оркестар, (2010); Leb i Sol Symphony, – за Леб и сол и симфониски оркестар, (2011); Switchoffonia, – за симфониски оркестар, (2012); Ring Ring, – за симфониски оркестар, (2012); Metania, – за симфониски оркестар, (2012); Airless, – за симфониски оркестар, (2012); Суита „Reflections“, – за флејта и камерен оркестар, (2013); Бело лице љубам јас, – за симфониски оркестар, (2013); Suite for electric flute, – за oркестaр, електроника и соло флејта, (2013);

КАМЕРНО: Суита „Dance with the leaves“, – за квартет флејти, (2012);

РАДИОФОНСКИ МУЗИЧКИ ДЕЛА: Скорпион, (1980); Музика, (1981); Екстаза, (1983); Без име, (1984); Сеништа, (1986); Силјан Штркот, (1990);

СОЛИСТИЧКО: New York evening piano, – за пијано, (2013);

МУЗИКА ЗА ТЕАТАРСКИ ПРЕТСТАВИ: Расела, (1985); Ослободување на Скопје, (1978); Расколникот од Хетиим, (1984); Мостoт на честа, (1984); Глоговиот жбун, (1985); Рашела, (1985); Ловечка сказна, (1985); Анера, (1985); Тоа е човек, (1986); Метастабилен Граал, (1986); Рок опера-балет Травијата, (1987-88); Комедија од заблуди, (1988); Канадски фрагменти, (1988); Источен диван, (1989); Бакхантке, (1989); Мадона, (1990); Змејовите заминуваат, (1994); Fable, (1994); Сарајево, (1995); Хамлет, (1995); Phaedra, (1996); The Glass Managerie, (1997); The Inspector General, (1997); Three Tall Women, (2001); The Trojan Women, (2001); The Mud, (2001); Woman War Desert, (2007); The Seagull, (2009); The Ophelia Landscape, (2010); МУЗИКА ЗА ФИЛМ Циркус, (1980); Напред – Назад, (1985); Југославија, (1990);

МУЗИКА ЗА ТВ СЕРИИ: Зачувување на културните наследства на Македонија, (1981); Шарам – Барам, (1986); Дали, Како, Што?, (1986); ТВ Шоу, октет Македонија, (1987); Трст виа Скопје, (1987); Љубопитни здраво, (1989); Music for…, (1996); Храна и вино, (2009); The Philantropist, (2010); Турни ме да кинисам , (2011); Сооблекување, (2012); Тврдокорни, (2013);

ИНСТАЛАЦИИ, ВИДЕО АРТ, ПЕРФОРМАНС: Sounsite, (1996); Walking on cold water according to Dr. Knaipp, (1997); It’s not the bullet that kills you, It’s the hole, (1997); Space and Space, (1999); Space and Space II, (2003); Together in the past, together today, (2011);

КОМПАКТ-ДИСКОВИ: Double life, (1993); Music for…, (1995); Live, (1995); Oktoechos, (1997); Mountain over the mountains, (1997); Yamaha Export NV21, (1998); Yamaha Musical Highlights, (1999); Sketches from the past, (2005); Works, (2006); Dreams, (2009); Bagatelle, (2013).

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ