Концертот симболично насловен „Надеж“ на ДММ на кој настапија помлади солисти донесе интересни музички енергии и инспирации кои го одразуваат индивидуалниот диверзитет во опусот на македонските композитори.
Секоја композиција што ја чувме имаше своја препознатливост, го одразуваше духот и времето во кое е напишана и секако индивидуалниот фокус на авторот кој ја создал.
Чувме музика инспирирана од џез, од фоклор, од популарна музика, апсолутна музичка мисла ослободена од стеги, како и дела создадени во процесот на учење и осознавање на тајните скриени зад мистичниот процес на создавање музика.
Концертот започна со изведба на композицијата „Once“ на Илија Пејовски, дело напишано во типичен манир препознатлив за творештвото на овој македонски композитор чија базична музичка рамка и пристаниште е џезот, со сите негови бои, хармонии, мелодиски и ритмички структура кои ја креираат слободата на овој специфичен израз. Напишано за пијано, инструмент кој дава неограничени можности за креација и слобода.
Делото „Осцилации“ за виолина од Маријана Јаневска звучеше како студентска вежба во која авторката ги истражува и детектира можностите за креација кои ги нуди овој инструмент, во исто време преиспитувајќи ги и индивидуалните афинитети во потрагата по свој личен израз.
Чувме и две дела од македонскиот композитор Тодор Бојаџиев – „Меланхолија“ и „Надеж“ кои ја рефлектираат неговата типична карактерност како автор. Инспирацијата од популарните жанри, сладуњав израз и хармонска и мелодиска предвидливост во текот на музичката мисла.
И композиторот Стојан Стојков во „Трио“ за виолина, виолончело и пијано музички ја отсликува својата препознатливост како автор кој постојано наоѓа инспирација од фоклорот, од неговата генеза, од различните хармонски и мелодиски модуси, ритмичност. Делото имаше малку тешка за детектирање формална структура, а содржината беше обоена во типичен авторски манир за творештвото на Стојков.
Најкреативните и највозбудливи дела ги чувме на крајот од концертот.
„Трио 25.713“ на Дамјан Темков имаше интересна структура, форма и содржина, во која доминантна улога имаше пијаното кое ја креираше ритмичко-мелодиската матрица над чија подлога се развиваше музичката мисла. Делата на Темков се секогаш интересни за слушање, затоа што имаат непредвидлив развој, не се заковани на само на една стилска табла, препознатливи се, а во исто време полни со неочекувани промени. Фоклорот, дури и во форма на цитат, кај овој македонски композитор е секогаш присутен, но деликатно инкорпориран и спакуван, до граница на непрепознатливост.
Варијациите за пијано квинтет на Филип Иванов претставуваа одлична завршница на овој концерт. Музиката на Иванов е структурно јасна, со инспиративна содржина која почива на „традиционална“ форма исполнета со музички решенија кои се движат на тенката линија меѓу современоста и неокласиката. Иванов пишува музика полна со музика, во неа има се што имаше во „старата“ добра класика, но јазикот е современ, и токму во таа корелација е сублимиран неговиот личен авторски печат.
Помладите солисти кои ги изведоа делата – Ивона Базгалоска (пијано), Памела Велкова (виолина), Маја Михајловска (виолончело), Ана Спасовска (виолина), Леона Кондратенко (виола) и пијанистката со повеќегодишно искуство на концертните подуми – Елена Атанасовска Ивановска одлично ја обликуваа музиката на македонските композитори, го допреа и извадија на површина нивниот различен сензибилитет и стил.
Концертот „Надеж“ претставуваше симболичен пресек на различноста која може да се детектира во нашата современа музичка историја. Онаа, подалечната, но и блиската, која ја живееме денес. Добро би било во иднина да чуеме и понови дела, посебно од помладите композитори, како Јаневска, Иванов и Темков чии композиции беа со „постар“ датум.
Еден мој пријател вели „добра работа кај современата музика е тоа што сите си одат дома без да можат да се сетат што слушале“. Е, па овој концерт воопшто не беше таков (иако делот „не можат да се сетат што слушнале“ не е употребен во негативен контекст, напротив, алудира на потребата на современите композитори да напишат нешто ново, автентично и уникатно). И тоа беше неговата добра страна – изградена на препознатливоста на композиторите, која се памети, зошто постојано е присутна како стилска матрица. Чувме дела на постари композитори кои имаат препознатлив стил граден со децении, но и дела на помлади автори, кои без оглед на својата „младост“ генерираат свој индивидуален печат. Освен, делото на Јаневска кое беше типична школска вежба.
Ангелина Димоска