Македонското музичко творештво – сегашност и минато
Со интенција да го развиеме и продолжиме одржувањето на „Музичките средби во СОКОМ“, кои за прв пат со одржаа во 2019 година, и оваа година, во петок, 25 март, Сојузот на композиторите на Македонија организира научни средби кои се одржуваат под темата „Македонското музичко творештво – сегашност и минато“.
Организирањето на „Музичките средби во СОКОМ“ е со цел да се поттикне и унапреди научно–истражувачката дејност во областа на музикологијата, етномузикологијата, музичката византологија, танцовата уметност, музичката педагогија, музичкото културно наследство, музиката и поезијата, музиката и медиумите. Освен претставување на научни истражувања, оваа година остваруваме и професионални разговори со определен повод (награда, јубилеј, значајно остварување надвор од нашите граници, ново дело, итн.) со музичките дејци за определени теми или дела од нивното творештво и дејност од областа на македонската музичка култура.
Координатор на настанот е музикологот д-р Мирјана Павловска Шулајковска, а претседавач е Академик проф. д-р Јане Коџабашија. Со свои излагања и разговори со истакнати музички дејци ќе се претстават македонски музиколози, етномузиколози, педагози, истражувачи, меѓу кои: д-р Огненка Герасимовска Димитровска, м-р Весна Малјановска, Академик проф. д-р Јане Коџабашија, м-р Снежана Анастасова Чадиковска, проф. д-р Александар Трајковски, д-р Мирјана Павловска Шулајковска, м-р Даница Стојанова, д-р Беким Рамадани и м-р Ивона Опетческа – Татарчевска.
Настанот ќе се одржи во петок, 25 март, во Музејот на македонската борба со почеток во 10 часот.