Во понеделник, на 17 март 2025, во Фоајето на Филхармонијата, во рамките на свеченото отворање на 48-мите „Денови на македонска музика“, ќе биде поставена изложбата на акварели „Мапирање на спокојот“ на македонската композиторка Јана Андреевска. Изложбата нуди ретка можност за јавноста да ја запознае Андреевска во една поинаква светлина – како уметница кој, иако својата уметничка енергија пред сè ја вложува во музиката, спонтано и со љубопитност истражува и во сферата на сликарството.
Истата вечер, на свеченото отворање на фестивалот, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија ќе го изведе нејзиното дело „Мандала“, со што на присутните ќе им понуди уникатна можност да ги доживеат боите и звукот, како два аспекта на креативната личност на Андреевска.
Истата вечер, на свеченото отворање на фестивалот, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија ќе го изведе нејзиното дело „Мандала“, со што на присутните ќе им овозможи уникатна можност паралелно да ги доживеат боите и звукот, два аспекта на креативната личност на Андреевска.
Инспирација во природата и фотографијата
Изложените акварели се избор од нејзиното творештво од крајот на 2023 година до крајот на јануари 2025 и се групирани во три тематски целини. Пејзажите со најмал формат се целосно инспирирани од фотографиите на хрватската фотографка Лилјана Чичиќ, која живее во Славонски Брод и со својот апарат на волшебен начин ги овековечува магливите сцени покрај Сава.
Пејзажите со најголем формат, со исклучок на неколку, се во најголеми дел инспирирани од прекрасните фотографии на Ема Кушевска и Михајло Филиповиќ – неуморни хроничари на чудесните промени на охридското крајбрежје. Акварелите со цветни мотиви ја изразуваат скорешната фасцинација на авторката со исландските булки.
Изложбата како спој на музиката и сликарството
Јана Андреевска веќе неколку децении претставува значајна фигура на меѓународната композиторска сцена. Сепак, нејзината уметничка имагинација не е ограничена само на музиката. Сликањето за авторката последниве години прерасна во интимен и автентичен творечки простор, што резултира со изложбата „Мапирање на спокојот“.
„Веќе подолго време поттикот за изложба го добивав од многумина што ме следат на Фејсбук. Пред некој месец сфатив дека обемот на тоа што го имам сработено, разновидноста од тематики и формати овозможува и со еден многу строг избор да можам да изложам еден задоволителен квантум. Филхармонијата ми се чинеше како најприродна средина за таа намена – јас сум пред се музичар и со акварел се бавам аматерски и би било претенциозно да барам своите ликовни дела, особено за првпат, да ги изложам во простори наменети за професионални ликовни уметници. Покрај тоа и мојата ликовна публика се во најголемиот дел луѓе од мојот еснаф, мои пријатели со кои јас одам и се среќавам на концерти во филхармонијата. Бидејќи просторот изворно не е наменет за изложби, се чинеше најлогично изложбата да биде придружен настан кон некој концерт, а во периодот кога сакав да се случи изложбата беше планирано отворањето на ДММ 2025, и така чекор по чекор се „наместија“ коцките. Сосема случајно на крајот излезе дека на денот на изложбата, на концертот ќе се изведува и моја композиција.“




Паралела меѓу сликарството и музиката
Андреевска ги споредува процесите на создавање музика и сликарство и посочува дека разликите најмногу произлегуваат од фактот што музиката ѝ е професија, додека сликарството е нејзино хоби.
„Со самото тоа тежината, високите критериуми, па со тоа и товарот на одговорноста, пред мојот еснаф, пред моите студенти и публиката во музиката за мене се многу поголеми. Сликањето ми е одмор. Не е дека не си поставувам се поголеми и поголеми предизвици, но не го чувствувам истиот притисок.“
Таа истакнува дека создавањето музика е процес што минува низ повеќе етапи и се остварува низ различни форми на соработка, за разлика од сликањето кое го доживува како индивидуална и многу поинтимна уметничка активност, ослободена од потребата за посредници и туѓо учество.
„Музиката и како процес на создавање од замисла до реализација на партитура како временска уметност, потоа врзана со тимска работа за да се заокружи со изведба, опфаќа многу различни фази и во таа смисла е многу покомплексна и подолготрајна. Сликањето не е толку сложено во таа смисла, тука сте сами и не ви треба никој. Но, за мене и двете бараат висок степен на концентрација, потреба од јасност на намерите и соодветно избрани средства и воопшто една посебна духовна состојба, внесеност при која времето тече со друга брзина, внесеност без која создаденото не би имало магија.“
Во однос на нејзиниот пристап кон сликањето, Андреевска нагласува: „Во изложените, повеќе сакав да доловам некоја конкретна атмосфера, да се почувствува воздухот или некој мирис, отколку да постигнам некоја композиција на формата.“
Јана Андреевска (р.1967, Скопје) e композитор, професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и уметнички организатор во светот на современата класична музика. Таа е првата македонска жена-композитор и една од меѓународно најизведуваните македонски композиторки.
Интересот кон сликањето го пројавува уште на рана возраст, но и покрај големата желба тоа да и биде професија, дефинитивно целосно им се посветува на студиите по композиција и на музиката која и станува професионална определба. Со акварел почнува поактивно да се занимава во текот на пандемијата со Ковид 19.