Новости

ДММ 2025 рецензија: Младите композитори мора постојано да трагаат по „својот“ звук

Младите композитори, по повеќегодишно отсуство повторно се вратија на програмата на фестивалот „Денови на македонската музика“. На концертот во салата „Империјал“ во неделата (12 октомври) чувме дела на пет млади автори – Сара Силјановска, Бојан Димитровски, Никола Ѓорѓиев, Зоран Трајчески и Лука Јанкуловски. Најголем дел од композициите беа напишани за соло пијано, слушнавме дела за вокал и пијано, за соло флејта, виолончело и за мешан состав. Делата беа интересни, впечатливи – црпеа инспирации од различен, но и од ист извор. 

Овие концерти секогаш биле најинтересни содржини на фестивалската програма, зошто претставуваат единствен подиум на кој можат да се чујат новите гласови на идните креатори на македонската музичка мисла. Концертите биле непредвидливи, исто како непредвидливиот дух на младоста, сме слушале различни дела, храбри и срамежливи, сме го препознавале влијанието на професорот во музиката на студентот, без да го прочитаме неговото име во програмскиот каталог, сме слушале емотивни, радикални, традиционални композиции. 

Пишувањето класична рецензија за овие концерти секогаш се сведувало на своевиден манифест за мотивација и поттик за младите преку кој од позиција на слушател сме се обидувале да им ја пренесеме пораката која треба да ја слушнат за да и го доближат своето творештво на публиката за која ја пишуваат својата музика. 

Затоа, наместо анализа на делата и изведбата, овојпат фокусот ќе биде на неколку тези и насоки како „можни“ одговори на прашањето – Што е најважно да сфатат младите композитори, оние кои ги прават првите чекори во создавањето музика?

Да пишуваат автентична музика, постојано да трагаат по својот „звук“, да користат нови техники, но само во прилог на идејата и концептот кои ги инспирираат во пишувањето на делата. Да имаат на ум дека современата музика мора да го рефлектира духот на сегашниот миг, па во тој контекст добро е да се инспирираат од актуелни општествени прашања како дигиталната изолација, екологија, идентитет, конфликт, да го истражуваат звукот на урбаниот свет…Да им биде јасно дека секој звук е свет – да ги отворат ушите за шумот, тишината, пулсот на градот, звукот наприродата.

Преку музиката да го презентираат својот став кон одредени прашања и да го преточат во звук и приказна која ќе допре до слушателот. Секогаш кога пишуваат музика да размислуваат на публиката, која не мора да ја разбере нивната музика, но мора да ја почувстува и да ужива во изведбата. 

Да сфатат дека современата музика може да биде сложена и авангардна, но за да допре до слушателот мора да има емотивен нерв и приказна која инспирира. Современост не значи да сеотфрли минатото. Добро е да воспостават креативен дијалог со Бах, Барток, или Пендерецки, да го познаваат „класичното“ музичко мајсторство, за да можат да го пронајдат својот глас во музиката. Да имаат почит кон музиката на нивните претходници, но и храброст да трагаат по нови концепти и идеи. Да сфатат дека традицијата не е товар, туку основа и дека дијалогот со минатото создава длабочина во современиот израз. Да создаваат дела со емоционална искреност, без разлика која емоција сакаат да ја преточат во својата музика. Да не бегаат од емоции.  Искрениот пристап во создавањето музика секогаш го наоѓа својот пат до публиката, дури и во најавангардната форма. Да бидат искрени, и тогаш кога се најрадикални. Да им биде јасно дека музиката е форма на комуникација, а не математички код. Дека „новото“ не се однесува само на музичкиот материјал, туку и на мислата што го води и развива. Да се инспирираат од своето време и простор, а музиката да го носи нивниот личен идентитет – културен, географски и емоционален. 

Само на тој начин ќе создадат дела кои ќе му пркосат на времето и ќе се изведуваат почесто, на заедничко задоволство и на изведувачите, и на авторите, и на публиката.

Ангелина Димоска

 

СОКОМ