Новости

Звукот на дамарите

Хорската музика во македонското творештво е една од најекспонираните форми на израз во опусот на нашите композитори. Песните го одразуваат времето во кое се пишувани, и најчесто текстуално се инспирирани од народните песни, но и од богата ризница на македонската поезија. Нашето хорското творештво генерално има препознатлив музички сензибилитет, се потпира на традицијата и во тонска и во текстуална конотација. Песните кои ги пишувале нашите композитори ја опејуваат борбата за слобода, тешката судбина на нашиот народ, тие всушност ја пресликуваат историјата преку типичен вокален израз.

Концертот на хорот „Про Арс“ воден од диригентот Саш Татарчевски, насловен „Дамари“ кој се одржа во рамки на 44. Издание на фестивалот „Денови на македонската музика“ понуди одличен пресек на хорскиот опус на нашите композитори, прецизно пресликувајќи ја тежината и контекстот на песните и времето во кое се пишувани.

Она што генерално се провлекуваше како латентна нишка на овој концерт е еднообразноста на македонската хорска музика во која секоја од авторите има сличен пристап кон медиумот за пишува, но и своја препознатлив печат со кој на песната и дава личен, автентичен призвук.

Прво дело кое хорот „Про Арс“ го изведе пред публиката во Музејот на македонската борба беше „Елегија“ на Драган Шуплевски, напишана според поезија на Кочо Рацин. Шуплевски е еден од најзначајните автори и диригенти во земјава, пионер на хорската уметност во Македонија. Најчесто обработувал народни песни, но, воедно и пишувал свои авторски дела во кои длабоко се инспирирал од мелодиката и ритамот на изворната песна. Токму таква е и „Елгија“, хорска композиција која има лирско епски карактер како што сугерира и насловот, преку длабоката поетска нишка на Рацин.

Стефан Гајдов е уште македонски композитор кој бил инспириран од мотивите на македонските народни песни. На концертот, „Про Арс“ изведе две негови композиции – „Песна за Делчев војвода“ и „Копачите“ работена според текст на Кочо Рацин. Гајдов одлично ја познавал генезата на македонската песна, а неговите композиции секогаш рефлектираат длабоки чувства, топлина, комплексна ритимика. Неговата софистициран пристап во третманот на музичката содржина имаше изразена присутност и во двете дела кои ги чувме на „Деновите на македонска музика“.

Уште една композиција од автор кој има посебно место со својот вокален опус во историјата на македонската музика прозвуче на оваа хорска средба чиј основен концепт, претпоставувам беше да се направи пресек на нашето хорско творештво. Ја чувме и „Свадбарска“ на Трајко Прокопиев, македонскиот композитор кој со своите циклуси „Кумановски“ остави траен печат, поставувајќи ги темелите на националниот музички стил. И во „Свадбарска“ Прокопиев природно ги следи своите авторски интереси формирајќи вокално дело од кое извира автентичност и препознатлив стил.    

Стојан Стојков е композитор чие творештво е изградено на националниот музички фундамент, на фоклорот и традиција кои во неговиот опус се третираат на специфичен и препознатлив начин. Таква е и неговата „Шени се горо“, која има полифона структура, а фоклорните елементи се третираат на софистициран и длабоко емотивен начин.

Пасијата кон вокалната црковна практика е фундус од кој извира музичката мисла на Јане Коџабашија, чија композиција „Македонија Екумена“ ја доживеа својата прва изведба на овој концерт. Црковното византиско пеење е основната инспирација во ова хорско дело на Коџабашија, обликувано со финеси на препознатлив авторски печат. 

На концертот го чувме и хорскиот циклус „Вена“ на Кирил Македонски, авторот на првата македонска нацинална опера – „Гоце“. И овој циклус рефлектира типичен вокален израз кој се темели на основните постулати на народниот, изворен контекст.  Во таа насока се движеше и вокалната структура на композицијата „Ние сме млади“ од Благоја Ивановски, иако во неа има и една малку посовремена нишка во третманот на музичката мисла и структура.

Освен овие композиции, напишани од автори кои воглавно им припаѓаат на постарите генерации македонски композитори – на концертот чувме и две хорски дела на помлади автори.

„Про Арс“ изведе обработка на Тихомир Јовиќ на народната песна „Нели ти реков“, композиција која и е добро позната на пошироката јавност, обликувана и аранжирана во примарен музички контекст, онака како што ја знаеме.

Композицијата на младиот македонски композитор Ангел Спироски „Се ќе помине“ која за првпат прозвуче на овој концерт беше вистинско освежување на оваа концертна вечер. Своевиден патоказ, насока по која треба да се движат помладите композитори кога пишуваат хорска музика, која излегува од „рамките“ на она што како наследство ни го оставија постарите генерации автори. Спировски ги разбива овие рамки со иновативен третман на музичката мисла, со храбро „излегување“ од матрицата. Неговата композиција треба да ги охрабри и инспирира младите македонски автори да пишуваат во овој домен, да го истражуваат гласот, како примарен музички медиум кој нуди бескрајно многу можности за рефлектирање на индивидуалните творечки потенцијали. Неговата композиција всушност беше зрак светлина, отвори можност за нови перспективи и насоки во кои би се развивала хорската музичка мисла во иднина, обликувана и моделирана од новите генерации композитори.

Хорот „Про Арс“ под диригентската палка на маестро Татарчевски уште еднаш го потврди своето исклучително место во креирањето на хорската музичка мисла кај нас. Прецизни и деликатно музички профилирани, хористите ги изведоа споменатите дела со неверојатна леснотија, со жар и посветеност. Со нивната изведба им го вратија животот на хорските дела кои оддамна не прозвучеле, а во исто време им го трасираа патот и на новите дела кои допрва го започнуваат својот живот на сцената. Ова беше одлично заокружување на една десетка, една деценија од постоењето на овој хор кој со својата работа постојано ја придвижува вокалната уметност, онаа, која во себе ја носи есенцијата на создавањето, преку најсофистицираниот инструмент – човечкиот глас.    

Ангелина Димоска, музиколог

СОКОМ