Членови, Композитори

ДРАГАН ШУПЛЕВСКИ

(Скопје, 19.07.1933 – Скопје, 10.06.2001)
диригент и композитор

Музичкото образование го започнува во Скопје, а го продолжува на Музичката академија во Белград, каде што во 1959 година дипломира на Наставно-теоретскиот оддел. Потоа се враќа во Скопје и извесно време работи како наставник во Средното музичко училиште (1960 – 1963 година). Од 1963 до 1966 година е шеф на Музичката продукција на Македонската радио-телевизија давајќи значаен придонес во работата на ансамблите на МРТ и на збогатувањето на вкупната македонска музичка продукција. Во 1966 година станува член на првиот наставнички состав на штотуку формираниот Факултет за музичка уметност, каде што останува до крајот на својот работен век.

Се истакнува како уметник – диригент, оформувач и раководител на повеќе хорски ансамбли во Македонија, но и како педагог од чијашто школа, освен големиот број раководители на аматерски хорски ансамбли во Македонија и надвор од неа, излегле и некои од денес најафирмираните диригентски имиња во областа на хорското диригирање (И. Зориќ, З. Запров, С. Татaрчевски и др.). Драган Шуплевски е исклучително заслужен за развојот на хорската музика во Македонија. Основач и раководител на речиси сите релевантни хорски ансамбли во последните четири децении од дваесеттиот век („Мирче Ацев”, „Хорот на Македонската радио-телевизија” – во кој во еден период и асистент на Стефан Гајдов). Со нив постигнал извонредни успеси остварувајќи голем број студиски снимки со дела од македонски композитори. Од (1960 до 1973) и (1984 до 1992) година го раководел академскиот хор „Мирче Ацев” и настапувал во земјата и странство. Со академскиот хор во 1962 година, на меѓународен хорски фестивал во Ланголен – Англија, во конкуренција на шеесетина хорови од Европа и Америка, го освојува првото место во категорија за мешани хорови.

Во 1966 година го формира детскиот хор „Развигорче”, а 1972 година женскиот младински хор „25 мај” во Младинскиот културен центар – Скопје. Со хорот „Развигорче” во 1971 година на Југословенскот фестивал на детски и младински хорови во Цеље – Словенија освоил златна плакета. Најголемите успеси како хорски диригент Драган Шуплевски ги постигнал со хорот на Радио Телевизија – Скопје (денес Македонска радио-телевизија), кој континуирано го раководел 22 години. За успесите на овој хор на многубројните концерти во земјата и странство најдобро зборуваат критиките во домашниот и странскиот печат: Рим – Италија „…Со концертот на хорот на РТВ – Скопје, со кој диригираше Шуплевски, старата слава на славјанските хорови доби уште едно признание…”. Не ретко неговата дејност била пресудна за содавање на голем број хорски композиции од македонските автори.

Како композитор, разбирливо, своите творечки преокупации ги бара во доменот на хорската музика. Напишал неколку десетини хорски творби во кои речиси без исклучок се инспирирал од македонскиот музички фолклор. Особено е познат со обработките на народни песни – „Чае Шукарие”, „Рум, дум, дум”, „Орал дедо”, „Дафино, вино”, „Пошла мома на вода”, „Ајде да се земеме” … и др. Неговите песни се обликувани со ново руво и со зачувана мелодиска и ритмичка фолклорна изворност. На овој начин, Шуплевски ја подигна македонската народна песна на повисоко уметничко рамниште. Речиси нема хор во нашата земја, што на својот репертоар нема барем една творба од Шуплевски. Неговите комозиции се наградувани на повеќе хорски фестивали. Создал и неколку инструментални (камерни) композиции. Автор е и на извонредно значајната монографско-педагошка книга „Уметноста на хорското пеење” (1999). За неговата севкупна дејност одликуван е со „Орден заслуги за народ со сребрен венец”, награда на град Скопје „13 Ноември“ и републичката награда „11 Октомври”.

ТВОРЕШТВО
ОРКЕСТАРСКО: Капричо бр. 1, – за виолина и камерен гудачки оркестар, (1982);

КАМЕРНИ: Десет детски варијации на народна тема, – за виолина и пијано, (1982); Капричо бр. 2, – за виолина и пијано, (1984); Капричо бр. 1, – за виолина и пијано, (1984); Капричо бр. 3, – за виолина и пијано, (1987);

СОЛО ПЕСНИ: Партизанска пролет, – за мецо-сопран и пијано, (1985);
ХОРСКО: Рум дум дум, – за мешан хор, (1961); Радио џив, – за детски хор, (1964); Славеј пее, – за мешан хор, (1965); Трактор, – за детски хор, (1966); Чае Шукарие, – за мешан хор, (1968); На денот на младоста, – за детски хор, (1970); Пошла мома на вода, – за мешан хор, (1970); Са ноќ седам Трено за машки хор, (1974); Кажи ми, кажи Катинке, – за мешан хор, (1975); Сербез Донка, – за мешан хор, (1976); Пролет, – за детски хор, (1977); Фолклорна бурлеска бр. 1, – за мешан хор, (1977); Јанко Апостолов, – за мешан хор, (1977); Оче наш, – за мешан хор, (1977); Ајде да се земеме, – за мешан хор, (1977); Фолклорна бурлеска бр. 2, – за мешан хор, (1978); Пролетни гости, – за детски хор, (1979); Зајко, многу знајко, – за детски хор, (1980); Епилог, – за женски хор, (1980); Крвава блокада, – за мешан хор, (1980); Партизанска пролет, – за мешан хор, (1980); Партизанска суита, – за мешан хор, (1980); Петокрака ѕвезда, – за детски хор, (1981); Потсмевалка, – за детски хор, (1983); Желка мома, – за мешан хор, (1983); Гурманка, – за машки хор, (1984); На кинисуење, – за мешан хор, (1984); Елегија, – за мешан хор, (1984); Не си го продавај Кољо чифликот, – за мешан хор, (1984); Скерцо, – за мешан хор, (1984); Варијации на народна тема, – за женски хор, (1985); Оздола иде мале, – за мешан хор, (1985); Македонски танц, – за мешан хор, (1986); Гатанки, – за мешан хор, (1987); Девојченце, црно ле око, – за мешан хор, (1987);

ОБРАБОТКИ НА НАРОДНИ ПЕСНИ: Избркан мрак, (1985); Борјано Борјанке, (1985); Орал дедо, (1991); Пошла мома на вода, (1991); До три моми, (1991); Рум дум дум, (1991); Песна за Јане Сандански, (1991); Партизанска китка, (1991); Славеј пее на трендафил, (1991); Посакала мама да ме мажи, (1991); Лош дедо бре, (1991); Орданка ми се лулаше, (1991); Давај ме мила мамо, (1991); А што ми е мило ем драго, (1991); Песна за Таки Даскалот, (1991); Одоздола иде мале, (1991); Горо ле горо, (1991); Развивај горо зелена, (1991); Темен се облак зададе, (1991); Бојот започна, (1991); Огин го гори Брезово, (1991); На сред село тапан чука, (1991); Меанџика Дона мома, (1991); Ела си сине у селото, (1991); Бог да бие петлето, (1991); Цуцул ми пасе говеда, (1991); Нашите моми, (1991); Црпи Јано вода, (1991);

ПЕСНИ ЗА ДЕЦА: Земјо моја,(1979);

ПУБЛИЦИСТИКА: Уметноста на хорското пеење, Скопје, 1999

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“)

СОКОМ