Новости

ДММ 2025 рецензија: Современата музика не мора да биде „тешка“ за да кореспондира со денешниот миг

(кон концертот на Гудачкиот квартет „Атака“ на 48 -то издание на фестивалот „Денови на
македонска музика)

Гудачкиот квартет (состав од две виолини, виола и виолончело) е една од најсовршените
форми во камерната музика. Оформен е во 18 век, а Јозеф Хајдн, „таткото на квартетот“, ја
постави неговата класична форма. По него, Моцарт и Бетовен го издигнаа овој жанр до
врв на музичката мисла, експресија и емотивност. Во 19 век, квартетот стана простор за
романтична експресија преку творештвото на Шуберт, Брамс и Дворжак, а во 20 век,
Барток, Шостакович и Равел внесоа нови звучни димензии. Денес, гудачкиот квартет
останува симбол на совршена рамнотежа, дијалог и интимност во музиката.


Оваа популарна камерна музичка форма со публиката комуницира на интимен начин, а
преку инструментариумот е застапена доволна „количина“ на звук која на слушателот му
дава совршен баланс на интензитет и суптилност во исто време.


Во македонското музичко творештво оваа форма има свое посебно место – од првиот
Гудачки квартет напишан од Стефан Гајдов во 1934 година до најновите дела напишани
од новите генерации домашни музички творци.


Токму овој квартет на Гајдов, имавме можност да го слушнеме на концертот на гудачкиот
квартет „Атака“ кој се одржа на 6 октомври во Музејот на македонската борба во рамки на 48. издание на фестивалот „Денови на македонска музика“. Со изведбата на ова интересно дело во два става беа одбележани 120 години од раѓањето на композиторот Стефан Гајдов.
Првиот гудачки квартет на Гајдов е создаден во период на големи промени во музиката –
Арнолд Шенберг уште на почетокот од 20 век ги промовира серијализмот, атоналноста,
Чарлс Ајвс во тој период наголемо експериментираше со политоналност, атоналност…
Збогувањето со фолклорот и традицијата беше тренд кој во 1950-тите години доведе до
радикална музичка авангарда предводена од Штокхаузен, Булез, Кејџ…, автори кои
комплетно ќе ја сменат звучната перцепција и естетика на модерната музика. Во тој виор
од радикални промени, Квартетот на Гајдов можеби бил анахрон на тогашните тенденции
во современата музика – но, од денешна перспектива кога комплетно се чини исцрпена
„новата звучност“ која се промовираше кон средината на 20 век, ова дело нуди искрен и
логичен авторски сензибилитет, отпорен на времето, тенденциите, промените… Напишан
во класичен музички стил, инспириран од две македонски песни – „Јунак и гора“ во
првиот и „Билјана платно белеше“ во вториот став, ова дело е типичен музички тестамент кој ја отсликува нашата традиција на едноставен и ненаметлив начин, преку логични
хармонски и мелодиски решенија. Наивно, а искрено, ненаметливо, а впечатливо. Такво е
ова дело на Стефан Гајдов, претставник на првата генерација македонски музички творци.

На концертот на „Атака“ беа изведени уште три дела од помлади македонски
композитори, со различна естетика и стил, инспирации, тенденции и звучна припадност.
Делото „Цивилизиран примитивизам“ за гудачки квартет и лента на Ана Пандевска е
напишано во типичен стил на композиторката која во своите дела постојано ги
спротивставува традицијата и современоста, играјќи со „немузички“ звуци, шумови…
Пандевска на исклучително добар начин во своите дела го отсликува нашето секојдневие,
а електроакустичниот пристап и амбиенталноста се препознатливи за нејзиниот музички
јазик. Таква беше и композицијата „Цивилизиран примитивизам“ во која го осовременува
звукот преку можностите кои ги нудат современите технологии, а крајниот резултат е
дело кое постојано изненадува со неочекувани „акценти“…


Гудачкиот квартет „… we are (no)one“ на Бојана Петровиќ Алексова имаше интересна
со градација која ја диктираат динамиката и ритмичкиот импулс кој пулсира испрекинато,
но и во континуитет, држејќи го будно вниманието на слушателот со својата
непредвидлива музичка структура.


Младиот композитор Лука Јанкуловски во својата композиција „Within the frost field“ на
совршен начин музички го преслика насловот на делото – чувме композиција под чија
„скаменета“ површина трепереа разновидни музички структури, деликатни музички
нијанси… Слушнавме музика која е мирна, но во исто време неверојатно жива и
експресивна.


Четирите дела кои беа изведени на концертот на гудачкиот квартет „Атака“ промовираа
храброст, слобода и автентичност, посебно делата на помладите композитори. Тоа треба
да им биде примарен фокус на македонските композитори кога пишуваат музика, а не
отуѓеноста преку слепо трагање по нов звук и естетика. Современата музика не мора да
биде „тешка“ за да кореспондира со денешното време, со неговиот хаос, брзина… Треба да
се создаваат дела кои бараат активен слушател, подготвен да ја доживее оваа музика не
само како звук, туку и како емоционално и интелектуално искуство.

Гудачкиот квартет „Атака“, во кој музицираат четири фантастични уметници – Ева
Богоевска и Марија Трајковска (виолина), Илза Бафтиари (виола) и Маја Михајловска
(виолончело) ја потврди својата посветеност кон изведбата на современото македонско
творештво, вешто проникнувајќи во музичкиот јазик и естетика на делата кои прозвучеа
на концертот во Музејот на македонската борба. Преку својата изведба покажаа дека
современиот гудачки квартет е жив, динамичен организам кој преставува совршен мост
меѓу минатото и иднината. Делата за гудачки квартет напишани на современ музички
јазик претставуваа смела звучна лабораторија, во која традиционалниот состав доби
сосема нов идентитет. А, музичарките од „Атака“ со леснотија ги расплеткаа атоналните
структури, необичните ритми и проширените гудачки техники присутни во делата кои беа

изведени на овој концерт. Креираа богата палета на бои и енергии преку постојаното
истражување на односите меѓу звукот и тишината, логиката и хаосот, традицијата и
современоста.


Ангелина Димоска Миташева

СОКОМ