Новости

ДММ 2025 рецензија: Свечено затворање на фестивалот

Затворањето на фестивалот „Денови на македонска музика 2025“ се одржа на 16 октомври со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Борјан Цанев и беше во знакот на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на композиторите – академик Властимир Николовски (1925 – 2001) и м-р Кирил Македонски (1925 – 1984). 

Традиционално на концертот на Филхармонијата, Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ ги доделува наградите „Георги Божиков“ и „Панче Пешев“. 

Наградата „Георги Божиков“ за музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна интерпретација на дела од македонски композитори во претходната година, за 2024-та година комисијата при СОКОМ им ја додели на Камерниот ансамбл „Алтус НЗ“ и на диригентката Јасмина Ѓорѓеска-Каро. Наградата „Панче Пешев“ која претставува највисоко признание кое СОКОМ го доделува на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните музички достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата во текот на една година, за 2024-та година СОКОМ ѝ ја додели на композиторката Ана Пандевска за делото „Куклици“.

На концертот публиката имаше можност по долго време на фестивалската сцена на ДММ да ги проследи делата: Суита „IN MODO ANTICO“ за симфониски оркестар (1957), циклусот „ПО ПАТИШТАТА“ за глас и симфониски оркестар (1960) од Властимир Николовски и СИМФОНИЈА БР. 4 (1960) од Кирил Македонски.

Програмската концепција за одбележување на овие јубилеи не случајно се фокусираше на нивното симфониско и вокално-инструментално творештво ако се земе предвид фактот дека и Властимир Николовски и Кирил Македонски се композиторите коишто во историјата на македонската современа музика се сметаат за дел од генерацијата што го поставува симфонизмот и ги афирмира вокално-инструменталните форми. 

Суитата „IN MODO ANTICO“ на Властимир Николовски е изградена врз карактеристичните „модални, тонски низи“, старите модуси на античката, средовековната музика, но и фолклорот на многу народи. Секој од ставовите, во конкретниот случај  петте минијатури (I. Martellato II. Scherzoso III. Grotesco IV. Lirico V. Rustico) отсликуваа богат симфонизам што е карактеристичен за композиторот, создавајќи сугестивни оркестарски музички фрагменти и расположенија.

Во циклусот „ПО ПАТИШТАТА“ (I. Молитва II. На патот III. Молба IV. Закана V. Далеку патував) како солист настапи сопранистката Мила Јаневска (1996). На овогодинешните „Денови на македонска музика 2025“ Мила Јаневска се претстави на два концерти, изведувајќи ги и „Сумерските записи“ за два сопрани и гудачки оркестар на композиторот Стојан Стојков. Станува збор за еден млад уметник кој својата професионална кариера ја гради на оперските и концертни сцени низ Европа. По настапот со циклусот „ПО ПАТИШТАТА“, таа се потврди како квалитетен уметник кој длабоко проникнува во идејата и програмските насоки на секоја композиција одделно. Мила Јаневска, со сценска изразност ги пренесе емоциите и карактерот на музиката на Властимир Николовски, иако на места не можеше нејзината експресивност да дојде до израз со оглед на тоа што оркестарот не покажа доследност во третманот на солистот при изведбата на оваа вокално-инструментална форма.  

Четвртата симфонија (I. Grave – Allegro – Moderato assai – Allegro II. Larghetto mistico – Allegro moderato – Tempo I III. Allegro scherzando IV. Moderato – Allegro vivio – Maestoso) на композиторот Кирил Македонски прозвуче динамично, изразно, во духот на доцноромантичниот период, но со карактеристиките што потекнуваат од музичкиот фолклор на нашето поднебје. 

За свечената атмосфера на овој концерт и музичкото доживување придонесе маестро Борјан Цанев кој е еден од нашите најафирмирани диригенти, и кој секогаш со исклучително внимание и почит пристапува кон изведбата на делата на македонските композитори. Диригентот маестро Борјан Цанев со овој концерт уште еднаш го покажа своето големо искуство, знаење и труд, со кој испишува сопствен белег и се издвојува во македонската диригентска уметност.

Атмосферата на овој концерт,  приемот на публиката и секако, почитта на музичарите кон творештвото на овие великани на македонската современа музика, покажаа дека македонското симфониско и вокално-инструментално творештво треба да биде редовно застапено на програмите на нашите национални музички институции.

Стефанија Лешкова, музиколог

СОКОМ