Кон отворањето на „Деновите на македонска музика 2025“ – Концерт на дела за камерен оркестра, диригент: Иван Еминовиќ
Годинава Сојузот на композиторите на Македонија го реализира 48 – то издание на фестивалот „Денови на македонска музика“. Оваа значајна манифестација, посветена на македонското музичко творештво континуирано се одржува од 1978 година. Манифестацијата се одржува под покровителство на Претседателката и на Министерството за култура на Р. С. Македонија. И во ова издание на фестивалот, реализацијата на концертите во најголем дел ќе биде остварена од домашните музички уметници, со повеќе концерти на камерен оркестар, дувачкиот квинтет PHIL – HARMONIC 5, концерт на млади уметници, концерт на гудачкиот квартет „Атака“, концерт на дела за камерен ансамбл, дувачки квартет CONSONANCE, концерт на млади композитори, Оркестарот на Музичка младина на Македонија, концерт на пијано трио АСТНИДЕ од Германија и последниот концерт од фестивалскиот циклус посветен на 100 години од раѓањето на композиторите Властимир Николовски и Кирил Македонски, со учество на симфонискиот оркестар на Филхармонија.
Уметничкиот раководител на фестивалот, композиторот Филип Иванов со програмската осмисленост и содржина на овогодишното издание на фестивалот „Денови на македонска музика“ се обраќа кон сите генерации на слушатели и учесници, со впечатлив однос кон нашето музичко творештво. Претставената содржина воедно ја доживуваме и како одглас кон сите искушенија и предизвици за состојбите во создавањето на ново творештво. Разновидната програма претставува стручен поглед кон презентација на дел од македонското современо творештво и антологиските дела од нашата музичка историја.
Со богат спектар на творечка атмосфера, фестивалот „Денови на македонска музика“ беше свечено отворен со концерт на Камерен оркестар под диригентското водство на Иван Еминовиќ. Концертот беше одржан во Камерната сала на Филхармонија. Изведените дела за гудачки оркестар: „Стари танци“ од Властимир Николовски, „Зора“ од Валентина Велковска – Трајановска, „Езера“ од Панде Шахов, „Адаџо“ од Кирил Македонски и „PRE OoTtOoNnO – OoTtOoNnO PRE“ од Дарија Андовска, оформија концертна целина на композиции со различни ракописи на впечатливи и емоционално обоени музички приказни.
На самиот почеток на фестивалот, концертот претставуваше убав настан со застапените на дела на композиторите Властимир Николовски (1925-2001) и Кирил Македонски (1925-1984). Со карактер на творечкиот израз на композиторите, ги проследивме мелодиските структури и хармоничната сонорност на ансамблот во оркестрацијата на седумте барокни „Стари танци“ на Властимир Николовски, настанати во 1970 година и делото „Адаџо“ од Кирил Македонски, создадено во 1950 годниа (како „Адаџо и фуга“, н.з). Со почит и навраќање кон 100-годишнината од нивното раѓање, концертот ја потврди интенцијата за негување и чествување на творештвото на нашите композитори со творби кои остануваат во аналите на македонското музичко творештво.
Се чини дека со ова фестивалско издание и изведба на делата од помладата генерација, застапените творби на композиторките Валентина Велковска – Трајановска (1976), Дарија Андовска (1979) и композиторот Панде Шахов (1973), создадени во нивните порани творечки искажувања, а создадени пред повеќе од една или две децени постепено ги надминуваат искушенијата низ времето за суштествување на делата и презентација на музичкото творештво.
Особено чувствително прозвуче композицијата „Зора“ од композиторката Валентина Велковска – Трајановска. Создадено во 2003/04 година, како нарачка од СОКОМ и изведено во два наврати во рамките на ДММ во Скопје и во Битола. Делото „Зора“ ја прикажува програмската насоченост на композиторката Велковска – Трајановска која инспирацијата за своето творештво ја црпи од различните уметнички форми, ликовната уметност, поезијата, драмските дејствија или пак природните појави. Со музичкото сликање на единствениот момент на премин од темнина кон светлина, „зазорувањето“ со длабок и голем симболизам, не само на зората, туку воопшто на трансцеденцијата на човечкото постоење, делото „Зора“ го отсликува уметничкото кредо на Валентина Велковска – Трајановска во нејзиното храбро „отворање“ и претставување на личните согледувања и доживувања како уметник. Преку почетокот на звучното ткаење со пициката кои постапно се трансформираат во консонантна, светла, јасна музичка структура, во композицијата се развива деликатна тема на соло контрабас кој музички го отсликува човекот, композиторот, изведувачот, сонувачот, мислителот… и сите луѓе што ја дочекуваат зората, со новите желби, мечтаења и очекувања за новиот ден, живот и новото сонце. Инструментите, кои композиторката одделно ги конципира со различен музички материјал редоследно се наслојуваат и раслојуваат со различни темброви концепти што постапно не’ водат низ моментите на утринската зора. Композицијата „Зора“ претставува концизна, поетска и лирско – интензивна творба, полна со инструментални бои, кои композиторката Валентина Велковска – Трајановска ги користи во остварување на многу имагинативни, дури и мистични пресврти на посебен и многу суптилен начин.
Со особено задоволство публиката ја проследи изведбата на делото „Езера“ од композторот Панде Шахов. Изведена кај нас и на фестивал во организација на Хрватското друштво на композитори – “Кантус“, овој циклус за гудачки оркестар композиторот го создал во 2016 година. Циклусот „Езера“ претставува исклучителна музичка идеја која го плени вниманието на слушателот со создадениот широк прегледен и звучен простор како своевиден омаж на импресиите на композиторот при посета на повеќе езера. Составен од четири става со наслов „Охрид“, „Пелистер“, „Bourget“ и „Roselend“, овој циклус на композиторот Панде Шахов претставува умешно компилирана и содржински богата музичка творба. Преку трансформација на бојата на музичките инструменти и тембр на гудачкиот ансамбл, наместа со употреба на унисони акорди и педална хармонија која постепено се напластува тој создава речиси фантастични впечатоци на каледиоскопски одблесоци на езерските води на Охридското езеро. Употребата на дисонанци и патувањето на звукот во различни групи изведувачи, композиторот ја користи како асоцијација на променливиот планински пејсаж на Пелистер, со навраќањето на 5/4 такт како омаж на „Gumnopedies“ на Ерик Сати и ненадејни промени на латентните модални хармонски основи, Панде Шахов создава елегантна референца за импресиите од езерото Бурже во Франција, и мелодиска линија како дел од хармонските прогресии во претставувањето на впечатоците од езерото Розлан во високиот планински превој на Алпите. Циклусот „Езера“ на композиторот Панде Шахов со јасноста на поетичниот уметнички израз претставува значајна творечка целина како емоционално обоена музичка приказна.








Сериозен пристап кон изведбата на програмата Камерниот оркестар прикажа и во изведбата на композицијата „PRE OoTtOoNnO – OoTtOoNnO PRE“ од композиторката Дарија Андовска, кое публиката со воодужевување го проследи. Како комплетно авторско остварување според делото „Otoño Porteño “ на Астор Пјацола , композицијата „PRE OoTtOoNnO – OoTtOoNnO PRE“ претставува мошне „жив“ ракопис на Дарија Андовска, настанат во 2010 година, досега повеќе пати изведуван и на странските концертни подиуми. Создадено по интенција на нарачано дело од музичките кругови во Швајцарија за создавање на аранжман на композицијата „Otoño Porteño “ од Астор Пјацола, композицијата „PRE OoTtOoNnO – OoTtOoNnO PRE“ како своевиден дијалог со посоченото дело, е мошне впечатлива интенција на композиторката за рекомпонирање на старите дела со современ обид. Поаѓајќи од самиот налов на делото кој асоцира на музичко – формални промени кои композиторката ги воведува, композицијата „PRE OoTtOoNnO – OoTtOoNnO PRE“ се преточува во дело со авторски печат на Дарија Андовска. Оваа композиција на Дарија Андовска е остварување кое органски се вколопува во нејзиниот композиторски израз. Делото „PRE OoTtOoNnO – OoTtOoNnO PRE“ за флејта, обоа, хармоника, контрабас и гудачки оркестар, композиторката Дарија Андовска филигрански го ткае со мунициозен пристап и гест, со многу мерка и внимание кон разработката на ритмиката и музичкиот материјал и со големо познавање и искуство во креирањето на степенот на изразност на музичката идеја, врамувајќи ја целината на почетокот и крајот на делото. Изведбата и повторното претставување на делото „PRE OoTtOoNnO – OoTtOoNnO PRE“ од Дарија Андовска на самиот крај на концертот плени со својата мобилност и експресивен набој кој произлегува од движењето на танцот, едноставно компресирано во израз кој го освојува слушателот со постојан интензитет.
Со својот настап пред фестивалската публика Камерниот оркестар и диригентот Иван Еминовиќ претставија мошне солидна изведба на делата со јасен диригентски гест и студиозно приоѓање кон музичката материја.
Имајќи ги предвид нашите доживувања за создадената свесност и од страна на публиката која со се’ поголемо разбирање се однесува кон суштината на македонското современо творештво и секако интенцијата на нашите музички уметници кон суштинско читање на уметничко – творечкиот израз и пораки на македонските композитори, посакуваме позитивниот впечаток од првата фестивалска вечер да провејува во целосното издание на 48 – те Денови на македонска музика.
Пишува: Мирјана Павловска – Шулајковска
Фотографии: Маја Аргакијева