Во рамките на 48. „Денови на македонска музика“ и оваа година пред нашата публика во салата на Музејот на македонската борба се претставија повеќе млади музички уметници. Впрочем и целесообразноста на една ваква музичка смотра на македонското музичко творештво како што се „Деновите на македонска музика“, во текот на нејзиното реализирање во децениите наназад, со големо внимание укажува на потребата за поставување на нашата музичка продукција во едукативниот процес на младите уметници. Токму и затоа Концертот на млади музички уметници, застапен во структурата на „Деновите на македонска музика“ претставува вредна фестивалска вечер, во која публиката има можност да ги проследи интерпретациските остварувања на младите уметници и нивниот приод кон македонското музичко творештво.
Како солисти настапија уметници кои штотуку го оформиле своето образование или се кон крајот на студиите, со истакнати остварувања во текот на досегашната едукација. Со взаемноста на уметничката форма, беше сочинета концертна вечер на разновидни композиции од повеќе македонски автори. Избраната програма опфаќаше дел од најрепрезентативните дела на македонското камерно и солистичко творештво. Целокупноста на интерпретациите посведочи за подготовки со кои младите уметници пристапиле со внимание и во совладувањето на техничката страна на изведбата, како и елементите за толкување на музичката содржина на делата.
Концертот започна со композицијата „Корал“ за труба и пијано од композиторот Стојан Стојков. Оваа творба со впечатливо спокојна мелодиска линија, инспирирана од записите на народните песни од Малешевијата, создадена во амбиентален и широк дијапазон (а истата употребена и во „Трио“ за кларинет, обоа и пијано од авторот) доживеа пријатна изведба од Марија Најдовска – труба и пијанистката Ивона Базгалоска. Со ваков приод тие ја изведоа и композицијата „Тешкото“ за труба и пијано од Благој Ангеловски. Пијанистката Ивона Базгалоска со тонска обоеност го изведе делото „Вечерен ѕвон“ од композиторот Гоце Коларовски. Мошне инспирирано и со навлегување во содржината на композициите беа изведени „Шарпланинска“ за глас и пијано од композиторот Тодор Скаловски и „Цветови“ за глас и пијано од композиторот Благој Цанев, од сопранистката Ангела Андовска и пијанистката Искра Атанасова – Митуш. Со запазена музичко – формална целина, таа изведе „Десет минијатури“ за пијано од композиторот Томислав Зографски, а во состав со Ивона Базгалоска претставија „Два спектрални танци “ за четирирачно пијано од композиторот Михајло Трендафиловски. Со лирски карактер виолинистката Ивана Здравкова ги изведе композициите „Песна “ за виолина од Томислав Зографски и „Елегија“ за виолина и пијано од Драган Ѓаконовски – Шпато, со пијанистката Искра Атанасова – Митуш. На крајот на концертот го проследивме вдахновеното и ангажирано музицирање на флејтистката Јана Каевска, која со изградени стилски показатели оствари инспиративни изведби на „Два прелудиуми“ од композиторот Гоце Коларовски и „Дојранка“ за флејта и пијано од композиторот Трајко Прокопиев, во соработка со пијанистката Ивона Базгалоска.
Во иднина посакуваме уште многу успешни остварувања на младите уметници кои настапија оваа концертна вечер. Им изразуваме стремеж за негување на интересот кон македонското музичко творештво и изведби на делата од македонските композитори како органско поврзување со нивниот уметнички лик и значаен дел од концертниот репертоар. Впрочем, во историјата на нашата музичка култура, сведоци сме на повеќе генерации македонски музички уметници, кои кон македонското музичко творештво се однесуваат со пиетет и ентузијазам, остварувајќи антологиски интерпретации.
Секако, во нашиот музички живот, посакуваме и настани од овој вид, кои ќе бидат во поголем обем и ќе претставуваат поттик за задлабочена интерпретацијата на македонското музичко творештво со соодветно толкување на естетско-психолошкиот и емотивен набој во делата и детално промислено, музички и стилски соодветно исполнителство.
Автор: Мирјана Павловска Шулајковска




