Во разноликата програмска концепција на 48. Денови на македонска музика, во салата на Музејот на македонска борба, го проследивме концертот на дувачкиот квартет „Консонанс“. Оваа концертна вечер проследивме впечатливи музички композиции од повеќе македонски автори, а дел од нив доживеаја премиерна изведба.
Од самиот почеток на концертот публиката беше воведена во интерпретација со убава кохезија, која го потврди градењето и развивањето на интерпретацискиот идентитет на дувачкиот квартет „Консонанс“. Ансамблот во состав: Елена Дојчинова – флејта, Маја Чанаќевиќ – англиски рог, Здравко Ангелов – кларинет, Сашко Темелковски – бас кларинет, остварува континуирана дејност од неговото формирање во 2007 година до денешни дни. Негувајќи ја оваа ретка формација на состав, дувачкиот квартет „Консонанс“ претставува значаен дел од нашата музичка култура. Со остварената дејност, овој состав придонесува во создавањето на нови дела за камерни ансамбли за дрвени дувачки инструменти од македонски композитори. Соединувањето на нивните интерпретативни уметнички достигнувања со творечката порака на авторите на современата македонска музика, со овој концерт го збогати признакот на уметничката детермината на квартетот „Консонанс“.
Концертот започна со изведбата на делото „Македонски танци и стара песна“ (2024) од композиторот Филип Иванов.Следејќи ги базичните темели во творештвото на Иванов и интересот кон богатството на нашата музичка традиција, авторот остварува личен творечки белег со сообразени органски целини и творби кои се разбирливи за современиот слушател. Со изведба на структурираната комбинирана ритмичка виталност, енергични и брзи делови со асоцијација на македонските танци и бавните сегменти кои ја пренесуваат меланхоличната убавина на „старата песна“, со модална хармонска подлога , членовите на квартетот „Консонанс“ мошне ангажирано и изразно ја предадоа композицијата како внимателен омаж на македонското музичко наследство.
Со стилска изразност беше изведено делото „Ѕвездин траг“од композиторката Валентина Велковска – Трајановска. Создадена во 2007/08 година за флејта, обоа, кларинет и фагот, композицијата „Ѕвездин траг“ е инспирирана од истоимената поетска творба на писателот Јован Стрезовски, а аранжирана оваа година за ансамблот „Консонанс“. Следејќи го творечкиот импулс кон озвучувањето и изразувањето на лични чувствени доживувања, како една од основните творечки карактеристики на композиторката Валентина Велковска – Трајановска, композицијата „Ѕвездин траг“ оваа концертна вечер прозвуче со мошне зрел приод и суптилно – музикална изведба на делото. Пронаоѓајќи ја инспирацијата во убавината и минливоста на животот во кој секој од нас остава белег, композицијата „Ѕвездин траг“ е одраз од автентичниот уметнички лик на композиторката Валентина Велковска – Трајановска.
На овој концерт премиерно беше изведено делото „ostCinLato“ од композиторката Бојана Петровиќ Алексова. Создадено во текот на оваа година за дејноста на ансамблот „Консонанс“, делото претставува рефлексија на личните доживувања и социолошки согледувања на авторката за општествените состојби. Со изведениот наслов од термините остинато и осцилато и структурата на делото со постојана тема – мелодија која ја менува константната интервалската структура со различен редослед и автентична звуковна обоеност, композицијата „ostCinLato“ е уметничка продукција која поттикнува потреба за рецепција на дијалектичките процеси на постојаноста и движењето.
Членовите на ансамблот „Консонанс“ концертната вечер ја збогатија со уште една премиерна изведба на композицијата „What was Sung on the Back of the Whale 59.0312872, 10.057632“ (2025) од композиторот Ангел Спировски. Инспирирана од пејсажните предели на крајбрежниот град Ларвик во Норвешка, композицијата „What was Sung on the Back of the Whale 59.0312872, 10.057632 “ претставува музичка рефлексија на пределот. Структурирана во три меѓусебно поврзани делови, во композицијата „What was Sung on the Back of the Whale 59.0312872, 10.057632 “ авторот Ангел Спировски создава драматуршки надополнувања на имагинативни звучни текстури и лирско оформени целини.
Со убава звучна боја и посебна инспирација членовите на квартетот „Консонанс“ ја изведоа „Медитеранска суита“ од композиторот Љубомир Бранѓолица.
На крајот на концертот ја проследивме композицијата „Минијатури“ од композиторот Благој Цанев (1952, 1970, 1971). Всушност, оваа „нова“ композиција претставува мошне инвентивен циклус составен од делови од антологиските творби на Благој Цанев: фолклорната суита „Овчеполка“, „Три пиеси“ и суита „Интермеца“ , сите за пијано. Изработени со голема музичка зрелост во одличен аранжман за дувачки квартет од страна на Филип Иванов во текот на оваа година (2025), ансамблот „Консонанс“ оствари мошне умешно изведени суптилни преминувања на елементите на музичките фрази низ регистрите на инструментите со длабоко чувство на заедништво во градењето на музичката целина.
Настапот на дувачкиот квартет „Консонанс“ на 48-то издание на фестивалот „Денови на македонска музика“ претставуваше концертна вечер со интерпретација на исклучителна музичко – уметничка софистицираност, со мека, топла и богата звуковна единственост и целина. Токму со оваа флуидност, со која мошне природно и со голема ерудитивност беа обликувани музичките елементи, членовите на дувачкиот квартет „Консонанс“ остварија изведби со прекрасна творечка кохезија со авторските идеи на делата од македонските композитори. Овие композиции би можеле да останат во концертниот репертоар на ансамблот како инвентиви остварувања со одлични музичко – уметнички исполнителски умеења.
Мирјана Павловска – Шулајковска
Фотографии: Маја Аргакијева










