Членови, Композитори

ДИМЧЕ НИКОЛЕСКИ

(Косел, Охридско, 13.01.1943 – Скопје 02.04.1998)
композитор и музички критичар

Многу рано дошол во допир со музиката, но систематското образование го започнал дури по завршувањето на Учителското училиште во Битола. Потоа се запишува на Педагошката академија во Скопје, а неговиот талент го забележува и му ги дава првите часови по композиција, композиторот – академик Властимир Николовски. Сакајќи да го продлабочи своето музичко образование тој се определува студиите по музика да ги продолжи во Белград, каде што е примен во класата на професорот Василије Мокрањац. Кај него и дипломира во 1976 година. По завршувањето на студиите се вработува во Радио Скопје, каде што го минува целиот работен век, сè до неговата прерана смрт.

Николески, како еден од поистакнатите претставници на генерацијата композитори што својата активност ја развија главно во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, живееше релативно кратко, но творечки интензивно при што својот потенцијал, освен во музичкото творештво, го распосла и во сферите на музичката публицистика и во други подрачја на општествената активност. Како истакнат новинар, напишал стотици критики, и создал повеќе авторски емисии посветени на теми и личности од македонскиот музички живот. Реализирал и голем број документарни емисии. Во ова време ги остварил и своите највисоки композиторски дострели, Гудачки квартет (1969), Четири асоцијации на една народна песна (1988), Две бакрорези според Петко Дабески за глас, виолина и пијано (1989). Напишал и поголем број хорски композиции. Од покрупните форми единствени се Увертирата за оркестар (1975) и кантата за солисти, хор и оркестар „И бол и бес“ (1973). Во неговите дела до израз дојде солидното композиторско образование стекнато во Скопје и во Белград, при што главно се фокусира на жанровите на камерната музика. Иако, имаше излети и во сферите на хорската и, поретко на оркестарската музика. Во сите нив има неколку нишки водилки: (1) фолклорот како неисцрпен вруток на творечки инспирации за секој современ композитор; (2) лириката – како една од доминантните емотивни карактеристики што ги пронижуваат неговите дела и (3) умереното користење на современите изразни средства и неповедувањето по, во тоа време заводливата сила на модерните и авангардни струења. Неговото творештво, благодарение на сево ова, има изградена лична физиономија и претставува значајна алка во развојот на современата македонска музичка култура.

Со низата публицистички трудови: критики, портрети, есеи, коментари и друго, со неговите авторски емисии емитувани на програмите на Македонското радио Николески стана, од една страна – промотор на македонското музичко творештво, а од друга – музички просветител што даде голем придонес во градењето на музичката култура во Македонија.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Увертира, – за симфониски оркестар, (1975); Четири асоцијации на една народна песна, – за глас и гудачки оркестар, (1988); Два става од циклусот „Светла надеж“, – за вокален солист и камерен оркестар, (1992); Два става по една народна песна, – за вокални солисти и камерен оркестар, (1993); „Корените на Методија Ст. Тошевски“, – за вокален солист и камерен оркестар, (1996);

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО: И бол и бес, – кантата (1973);

КАМЕРНО: Апасионато, – за виолина и пијано, (1964); став 2, – за виолина и пијано, (1965); Трио соната, – за пијано трио, (1966); Скерцо, – за пијано трио, (1966); Пијано квинтет, (1968); Гудачки квартет, (1969); Две бакрорези според Петко Дабески, – за глас, виолина и пијано, (1989); Аромански песни – од циклусот „Света надеж“, – за глас и гудачки квартет, (1990);

СОЛИСТИЧКО: Пет фолклорни игри, – за пијано, (1964); Тажен танц, – за пијано, (1964); Свита, – за пијано, (1965);

ХОРСКО: Рапсодија, – за мешан хор, (1964); Скерцо, – за мешан хор, (1964); Тажачка, – за мешан хор, (1965); Хумореска, – за мешан хор, (1968); Празнична 1, – за детски хор, (1968); Празнична 2, – за детски хор, (1968); Попадиска, – за мешан хор, (1969); Врапчева молба, – за детски хор, (1970); Патишта, – за мешан хор, (1971); Крвава низа, – за мешан хор, (1971); Елегија, – за мешан хор, (1972); Дунав, – за мешан хор, (1973); Три потсмешливки, – за мешан хор, (1974); Три глувчевки, – за детски хор, (1974); Молба, – за детски хор, (1974); Приспивна, – за женски хор, (1976); Полноќ, – за женски хор, (1979); Веј се, – за женски хор, (1980); Попадиска 2, – за мешан хор, (1984); Циганско лето, – за женски хор, (1987); Пирин, – за детски хор, (1987); Кукушка ракатка, – за мешан хор, (1988); Вранов гроб, – за мешан хор, (1988); Фолклорна суита, – за машки хор, (1988); Свечена песна, – за мешан хор, (1989); Зборови, – за женски хор, (1989); Похвала Кирилу и Методију, – за машки хор, (1989); Ехо на квечерината, – за машки хор, (1989); СОЛО ПЕСНИ Залез, (1965); Лирска суита, – за детски глас и пијано, (1966); Лирска суита, – за детски глас и пијано, (1966); Илинденска, (1968); Комитска, (1968); Четири молитвенија, – за глас и дрвени дувачки инструменти, (1968); Тажачка, (1974); Од зрно, – за глас и пет инструменти, (1975);

ПЕСНИ ЗА ДЕЦА: Облаче, (1974); Празнична песна, (1980); Празнична честитка, (1981); Вчера сетив топла рака, (1984); Радување, (1986); Другарување, (1987);

ПУБЛИЦИСТИКА • Портрети на голем број македонски композитори и музички уметници на програмата на Радио Скопје • Повеќе циклуси радио-емисии, меѓу кои „Развојот на музичкотворечката мисла во Македонија“, „Револуција и музика“, „Сведоштва“, „Траги во времето“ итн. • Голем број написи за позначајни теми за музичкиот живот во Македонија (Улогата на хорскиот аматеризам во изградувањето на културниот живот во Македонија; Одзивот на НОБ во македонското музичко творештво; ЗКМ и неговата професионална и културно-општествена дејност и др.) • Голем број критики, осврти и коментари за концерти и фестивали објавени на програмите на Македонското радио и во „Комунист“, „Разгледи“, „Нова Македонија“, „Вечер“, „Млад Борец“, „Екран“ итн.

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ