Во рамките на манифестацијата „Денови на македонска музика“ го проследивме настапот на пијано триото „Астниде“ од Есен, Германија. Концертот се оддржа во соработка со Гете – институт Скопје и Здружението за македонско – германско пријателство. Во реализацијата на манифестацијата, гостувањата на странските уметници и ансамбли придонесуваат за негување на континуираната меѓукултурна соработка и размена на идеи и музички програми меѓу странските и домашни музичари. Овие соработки и концертни вечери секогаш ги дочекуваме со голем интерес, бидејќи тие претставуваат убава можност делата на македонските композитори да ги проследиме во изведба на странски музички уметници, а воедно и да го почувствуваме духот на уметничкото творештво од други музички средини. Членовите на триото „Астниде“: виолинистот Петар Манчев, виолончелистот Феликс Цимерман и германско – јапонската пијанистка Марико Судо, се одлични музички уметници кои се школувале на Универзитетите за уметности во европските центри, каде и остваруваат богата уметничка и педагошка дејност со учества на бројни фестивали, соработки со реномирани уметници, дискографски проекти и настапи во повеќе оркестри и ансамбли во Германија, низ Европа, САД и др.
Концертот започна со изведбата на делото „Фолклорни канони“ за виолина, виолончело и пијано од композиторот Благој Цанев (1937 – 2020). Суитата „Фолклорни канони“ која авторот првично ја создал за дувачки квинтет во 1982 година, подоцна во своето творештво, во 2004 година ја пројавил и како творба за различен изведувачки состав – за флејта, виолончело и пијано. Во одвивањето на музичките настани, сведоци сме на континуирана застапеност на оваа композиција во настапите на камерните ансамбли во различен состав, секогаш побудувајќи голем интерес кај изведувачите. Следејќи ја структурата на цикличност и традиционалните форми во дел од творечкиот израз и опус на Благој Цанев, со користење на композиторски техники и постапки од минатите епохи, Фолклорните канони својата целосност ја остваруваат во автентичниот израз на композиторот со користењето на македонскиот музички фолклор и неговата трансформација во единствените мелодиски теми и контрапунктски постапки. Токму со ваква јасност и длабоко проучување на делото и неговите ставови Largo, Presto, Lento i Prestissimo, композицијата „Фолклорни канони“ во изведбата на триото „Астниде“ беше исполнета со инспиративно пројавување и надополнување на музичките елементи низ инструменталните делници, создавајќи прецизност во градење на структурата на делото со значаен уметничко – професионален израз и пристап. Изведбата на делото „Фолклорни канони“ од композиторот Благој Цанев беше една од највпечатливите интерпретации на ова дело кои досега сме ги слушнале. Членовите на триото „Астниде“ со одлична согласност во интерпретацијата, динамиката и фразирањето на мелодиско – ритмичките структури на делото, остварија убава заедничка целина во изведбата на композицијата „Трио 25.713“ од Дамјан Темков (1981), создадена во 2008 година.
Соодветно на програмската концепција на настанот, оваа концертна вечер членовите на триото „Астниде“ претставија изведби на дела од македонски композитори и светски класици. Во продолжението на концертот го проследивме Клавирското трио бр.1 оп.8 од германскиот композитор Јоханес Брамс, едно од бисерите на музичката литература од периодот на романтизмот. Создадено во 1854 година, во периодот на неговата младост како оригинална верзија, ова дело композиторот го ревидирал триесет и пет години покасно, во 1889 година. Како верзија која го прикажува младешкото вдахновение на композиторот согледано од позрела перспектива, ова издание и денес вообичаено се изведува на концертните подиуми. Навлегувајќи во структурната кохезија на делото со сложен тематски развој и прекрасно отсвирената тема во првиот став трансформирана во сите четири ставови Allegro con brio, Scerzo, Adagio i Allegro, изведбата на Клавирското трио бр.1 оп.8 претставуваше емоционална нарација со динамичен дијалог помеѓу тројцата инструменталисти на камерниот состав „Астниде“.
Оваа концертна вечер членовите на трио „Астниде“ остварија впечатливо камерно музицирање со изразено чувство за приспособени динамички вредности, единство во формално – музичката структура на делата и координираност во изведбата со која совршено се движеа низ различните творечки стилови и содржина на композициите. Настапот на трио „Астниде“ остави силен впечаток во квалитетните концертни вечери на манифестацијата „Денови на македонска музика“.
Мирјана Павловска – Шулајковска