Периодот на музичкиот барок е еден од најпотентните во историјата на музика. Комплексен, математички прецизен, структурно совршен, музички избалансиран – овој стил во себе ја инкорпорира идејата дека музиката треба да биде емотивна, но во прецизно детерминирани дози. Во овој период од историјата, композиторите за првпат отворено ги изразуваат своите емоции, се ослободуваат од некои претходно утврдени правила и норми, и почнуваат „послободно“ да пишуваат музика.
Станува збор за навистина инспиративен музички период, препознатлив по совршеноста на делата кои ги напишаа Бах, Хендл, Вивалди…
Звукот на барокот во фузија со дела од македонски современи композитори кои се инспирираат од структурните придобивки на овој музички стил беше во фокусот на концертот насловен „Барокна рефлексија“ во рамки на фестивалот „Денови на македонската музика“ кој се одржа во понеделникот (3 октомври) во Камерната сала на Филхармонија. Идејата да се конципира концерт на кој програмски ќе бидат спротивставени дела од барокот и современата македонска музика беше одлично програмско освежување на фестивалот. На концертот чувме идејно, просторно и временски оддалечени автори – оние кои ги поставиле темелите на класичната музика, и современи македонски автори кои се инспирирале од фундаментот кој го оставиле големите мајстори на барокот.
Концертот го отвори изведбата на Увертира во ге-дур од германскиот композитор Јохан Бернхард Бах, еден од синовите на големиот барокен композитор Јохан Себастијан Бах. Увертирата има типичен барокен формален карактер на класична суита, изградена од неколку парчиња инспирирани од танцови форми. Фузиозно барокно дело, кое остава без здив и бара од изведувачите исклучителна посветеност и внимание. Гудачкиот оркестар „Ајга“ воден од диригентот Вернер Ерхард од Германија многу презицно, музички ја отслика инспиративната музика на Бернхард Бах.
Овој оркестар, составен од млади и поискусни музичари одлично ја пренесе магијата на барокната музика која ја чувме на овој концерт, но и делата на македонските композитори Благој Цанев, Александар Лековски и Властимир Николовски кои се инспирираат од различни аспекти блиски на барокниот стил.
На концертот како солистка настапи и германската сопранистка Мариана Херциг која изведе три арии од оперите „Алчина“, „Риналдо“ и „Ариоданте“ од Георг Фридрих Хендл, уште еден музички маг на барокот. Нејзината пасија кон барокната музика, извираше од секој отпеан тон, обоен со деликатните бои и интерпретаторски специфики на овој музички стил. Извонреден вокал, одлична пејачка која совршено го познава барокниот репертоар, кој бара посебна вокална и стилска техника на изведба.
Гудачкиот оркестар „Ајга“ ги изведе и „Ленто за гудачки оркестар“ на Благој Цанев, „Меланхолија – Танц бр. 4“ од Александар Лековски и „Стари танци“ од Властимир Николовски.
„Ленто за гудачки оркестар“ од Цанев, досега сме го чуле во повеќе изведби на нашата музичка сцена. Оваа, во изведба на камерниот оркестар „Ајга“ беше навистина впечатлива, зошто на површина извади некои аспекти од делото кои досега не биле потенцирани на изведбите кои сме ги чуле. Музичарите од овој оркестар покажаа дека имаат извонредно деликатно чувство за креирање на атмосфера и бои и потенцијал да ја извадат есенцијата на музичкото дело на површина. Еднакво добри беа и во изведбата на делата од Лековски, а посебно во „Старите танци“ на Николовски, кои комплетно се инспирирани од музичкиот барок и во себе содржат цитати од најпознатите дела од овој период во класиката.
Барокот е исклучително тежок за изведба, има толку многу „ноти“ за свирење, не остава простор за грешка, не дава време за земање здив, исцрпувачки е до максимум. Оркестарот „Ајга“ изненадувачки добро се избори со комплесноста на барокот, и различната индивидуалност која ја носеа делата од македонските автори. Направија навистина одличен концерт со програма каква што, ретко, во последно време имаме можност на чуеме на нашата концертна сцена.
Ангелина Димоска
Фото: Маја Аргакиева