Сојузот на композиторите на Македонија со почит се сеќава на Милка Ефтимова, истакната оперска уметница и педагог, чијшто придонес е трајно врежан во македонската музичка историја. Ефтимова почина на 13 август оваа година, на 89-годишна возраст.
Родена во Радовиш во 1936 година, Ефтимова првичното образование го стекна во Скопје, а студиите по соло пеење ги заврши на Академијата за музика во Љубљана. Нејзиниот дебитантски настап во 1961 година со Словенечката филхармонија под диригентската палка на Ловро фон Матачиќ набрзо ѝ ги отвори вратите кон европските сцени. Истата година настапи во Виена и Франкфурт, но есента 1961 се врати во Скопје и стана солистка на Операта при Македонскиот народен театар, каде ќе ја изгради својата импресивна кариера.
Во репертоарот на Ефтимова се вбројуваат значајни улоги од италијанската, француската и руската оперска литература, меѓу кои Амнерис во Аида, Азучена во Трубадур, Улрика во Бал под маска, Федора во Федора, Марфа во Хованшчина, но и голем број улоги од класичниот и веристичкиот репертоар. Сепак, нејзината интерпретација на Бизеовата Кармен остана нејзин заштитен белег и кулминација на сценската изразност. Со таа улога во 1991 година го имаше и својот последен настап на оперската сцена во Скопје.

Покрај импресивната изведувачка дејност, Милка Ефтимова имаше и значајна и богата педагошка кариера. Како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и во средните музички училишта во Скопје и Штип, таа подготви повеќе генерации вокални уметници кои продолжија да ја афирмираат македонската вокална школа.
Со над 1.200 настапи на повеќе континенти, Ефтимова беше еден од најистакнатите културни амбасадори на Македонија. За својата уметничка дејност и општествен придонес беше носител на повеќе државни признанија и награди, меѓу кои „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“, „Мајка Тереза“ и Орденот за заслуги за државата.
Со заминувањето на Милка Ефтимова, македонската музичка култура изгуби истакната уметничка личност чијшто глас и сценска појава обележаа цела една епоха. Нејзиното уметничко наследство и педагошката работа продолжуваат да живеат низ делото на нејзините ученици и низ колективната меморија на македонската јавност. Љубовта кон уметноста, посветеноста на оперската традиција и преданоста на едукацијата на нови генерации вокални уметници ја вбројуваат меѓу личностите што ќе останат трајна инспирација за иднината на македонската музика.
Со највисока почит,
Сојуз на композиторите на Македонија