Новости

Вечер на впечатливи авторски одлики

Кон концертот „Концертни записи“ на 45-тите „Денови на македонска музика“

Концертот на Филхармонија со наслов „Концертни записи“ во рамките на овогодишната манифестација „Денови на македонска музика“, по повеќе поединости претставуваше несекојдневно и посебно музичко доживување. Нашата публика имаше можност да проследи целовечерен концерт чија  програмска концепција претставуваше симфониско творештво од домашни автори,  кое по својата суштественост е есенцијално во македонската продуктива, но и нови симфониски дела кои ја испишуваат македонската музичка историографија : „Концерт за пијано и оркестар“ (II и III став) од Властимир Николовски, премиерната изведба на „Концерт за флејта, кларинет и оркестар“ од Љубомир Бранѓолица,  со која се одбележува  90-годишнината од раѓањето на композиторот и симфонијата „Убави денови“ од Живојин Глишиќ создадена во 2021 година. Овој концерт својата ексклузивност ја надополни и со учесниците – оркестарот, диригентот и солистите, кои од една страна претставуваа  нова генерација на изведувачи на делото на Властимир Николовски и можност за споредба со предходните изведби, но воедно и генерација на музичари кои ги поставија темелите на изведбите на новонастанатите и премиерни дела, кои ќе ја претставуваат основата со која ќе бидат компарирани  изведбите во иднина. Така, публиката во салата можеше да очекува, а воедно и да присуствува на настан со мошне интересна програмска концепција која беше успешно изведена, а аплаузот на крајот на концертот тоа и го потврди.

Имено, зад диригентскот пулт на оркестарот беше Борјан Цанев, еден од нашите најистакнати диригенти, а како солисти настапија флејтистката Билјана Камчева, кларинетистот Лазар Соколов, пијанистката Огненка Герасимовска-Димитровска и баритонот Горан Начевски. Не е прв пат диригентот Борјан Цанев предводејќи го симфонискиот оркестар на Филхармонија пред нашата публика  да се претстави како студиозен толкувач и одличен познавач на делата на македонските композитори. Со уверлив израз и концентрација, целосно вложување на ансамблот во подготовката и изведбата на делата,  диригентот Борјан Цанев овозможи вистински контакт на слушателите со претставените композиции. Со неговата музичка подготовка, одлична контекстуализација при разработката на делата и стабилните секции во оркестарот,  ансамблот на Филхармонија донесе мошне уредна тонска слика која со флуидниот тон и „проточност“ на музиката овозможија концертот да помине во еден здив.

Најавената програма обединувајќи ги симфониските дела на македонските композитори Властимир Николовски, Љубомир Бранѓолица и Живојин Глишиќ упатува на исклучителен и  особен дел од македонското музичко творештво и продуктива на 20-от и 21-от век кој со претставените симфониски творби претставија впечатливи авторски одлики, индивидуални приоди и творечки интереси кон нашата фолклорна  и духовна традиција.

Изведбата на  „Концерт за пијано и оркестар“ од композиторот Властимир Николовски, создаден во 1978 год. претставуваше градење на стилски доследна интерпретација на ова дело кое несомнено се вбројува меѓу капиталните дела во македонската професионална музика, а особено во пијанистичката концертна литература. Со изведените втор и трет став од Концертот беше остварена идејноста и автентичноста на трајниот музички израз на академик Властимир Николовски со успешно исполнување на „Тропарот“ (вториот став) и „Тешкото“ (третиот став). Преку сонорноста, мелодиските контури и метроритмичката структура со кои е изградена композицијата, со отсликување на камбаните и црковното пеење со спокојна изведба на  „молитвена“ мелодија разместена во определена група инструменти, како дијалог помеѓу висок машки и женски црковен хор, па се’ до експресивната содржина на третиот став и постепеното забрзување на музичкото дејствие беше постигнат снажен звучен интензитет.

Пијанистката Огненка Герасимовска-Димитровска оствари изведба со голема инвентивност во градењето на музичката атмосфера на ставовите во Концертот, одлично остварувајќи дијалог и надополнување со оркестарот, изразена сугестивност и сликовитост во оформувањето на пијанистичката делница, суверено и силно чувство во изведбата на изразените динамички и карактерни контрасти со што во изведбата на делото остави посебен впечаток.

Вокалната мелодија во Концертот со карактеристики на  назално пеење, напишана на  старословенски јазик,  во ова концертно претставување  ја изведе тенорот Горан Начевски со мошне концентрирана изведба тонски стабилно и со добро нагласени клучни сегменти.

Особено впечатлива беше премиерната изведба на „Концертот за флејта, кларинет и оркестар“ од  композиторот Љубомир Бранѓолица.  Творбата е создадена во рамки на автентичниот композиторов стил со елегичен призвук,  преплетување на неокласичниот и неороматнтичниот стил, наместа со полифони структури,  питоми и распеани прекрасни звучни линии во флејтата и кларинетот  и вешта и богата оркестарска делница. Публиката со особено задоволство оствари звучна и мисловна поврзаност  со  уникатното творечко кредо и композиторски јазик на  Бранѓолица.  И ова  ново симфониско дело повторно ја потврди еклатантната позиција на композиторот Љубомир Бранѓолица и неговото творештво со беспрекорното мајсторство и остварување на релацијата творец-интерпретатор-слушател.

Флејтистката Билјана Камчева и кларинетистот Лазар Соколов претставија изведба со целосна уметничка зрелост, со сензибилна музикалност, ритмичка прецизност и интерпретација која ја  согледуваме како продолжителна алка на нивната уметничка развојна линија за интерес и негување  на македонското музичко творештво.

На овој концерт, со особена импресија, стилски доследна со богати музички содржини, свој одблесок претстави изведбата на симфонијата „Убави денови“ од композиторот Живојин Глишиќ. Создадена во 2021 година,  ова дело својата премиера ја доживува  на прославата на 30-годишнината од независноста на нашата земја. Како прва симфонија во богатиот и разнороден композиторов опус,  симфонијата „Убави денови“ претставува сериозен творечки потфат на композиторот  Живојин Глишиќ  со особено музикална разработка на тематскиот материјал,  јасни формални и структурни движења во неокласичен стил и контемплативно проникнување во атмосферата на етничноста на нашата земја (особено Охридскиот регион). Формално поставена во два става во сонатна форма, базирана на елементи од македонскиот фолклор, пишувана со особено познавање на елементите на симфонизмот, со стрктрурални, ритмички и полифони разработки, хармонско-мелодиски проширени идеи, со наместа користени мотиви од народната песна „Деспина“, но и мелодиски елементи целосно апсорбирани од идиомот на нашиот фолклор  како негов авторски јазик, симфонијата „Убави денови“ претставува соодветен придонес во насоката и процесот во кој се развива македонското музичко творештво.

Изведбата на споменатите дела претставуваше дел од одличното остварување на 45. Денови на македонска музика. Со различен карактер, временски период на нивното создавање и впачатливи авторски одлики концертот претставуваше единствен и интегрален чин на креација на симфониски творби од македонските композитори и целовечерна програмска концепција со значаен прилог во македонската музичка продукција, која и во иднина посакуваме редовно да ја проследуваме на концертните подиуми.

Мирјана Павлоска Шулајковска, музиколог

СОКОМ