Дојрана Прокопиева е музиколог и културен промотор. Од 2018 година работи како проект менаџер во културната установа Zavod Druga godba во Љубљана, Словенија. Родена во Скопје, Дојрана дипломира и магистрира музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под менторство на проф. д-р. Димитрије Бужаровски. Во 2007 година ја добива наградата на Фондацијата „Томислав Зографски“ за најдобар студент од Одделот за композиција, музикологија, етномузикологија и музичка теорија и педагогија. Постдипломски студии од областа на културологијата завршува на Факултетот за општествени науки при Универзитетот во Љубљана, Словенија.

Од 2007 година Дојрана е активно инволвирана во организација, продукција и промоција на настани од областа на културата, соработувајќи со повеќе културни институции во нашата земја. Пред преселбата во Љубљана, таа своето искуство го стекна работејќи за некои од најзначајните музички фестивали во Македонија („Скопски џез фестивал“, „Оффест“, „Денови на македонска музика“, „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, „Златна лира“), каде што презема различни улоги во областа на проект менаџмент, фестивалска продукција и ПР и односи со јавност. Во 2012 година кратко време е ангажирана и како хонорарен соработник – музички критичар во дневниот весник „Дневник“. Од 2012 до 2016 година работи како проект менаџер во Установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“. Авторка е на трудови од областа на музикологијата и културологија, музички рецензии и интервјуа, дел од кои се објавени во списанија и зборници како „Музика“, „Кинопис“, „Театарски гласник“,  монографијата „70 години СОКОМ“ и други.

СОКОМ