Членови, Композитори

МИРОСЛАВ СПАСОВ

(Скопје, 02.12.1964)
композитор и диригент

Музичкото образование го започнува во Скопје. Најнапред студира композиција на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Тома Прошев, а дипломира во класата на проф. Томислав Зографски во 1992 година. Во 1993 година дипломира диригирање во класата на проф. Фимчо Муратовски, по што специјализира оркестарско диригирање во Виена во класата на проф. Урош Лајовиц (1993/94 година). Магистерски и докторски студии завршува на Универзитетот во Калгари, Канада кај професорите Алан Бел и Дејвид Игл (1997 – 2002). Од 1989 до 1996 година посетува приватни часови кај Илија Пејовски (џез – хармонија и аранжирање) и Марко Стропа (електроакустична музика). Од 1993 до 1997 година е уредник и музички продуцент во Македонската радио-телевизија, а во истовреме е и асистент-диригент на Хорот на Македонската радио-телевизија. По завршувањето на студиите во Канада станува предавач на Универзитетот во Калгари (2002), а во 2003 година е доцент на Источен Медитерански Универзитет во Северен Кипар. Својата педагошка дејност во 2005 година ја продолжува во Кил, Велика Британија, каде што најпрвин е доцент на тамошниот универзитет (2005), а потоа – директор на програмите за музика и музичка технологија (2010 – 2012), вонреден (2010) и редовен (2013) професор. На овој универзитет работи и денес. Во меѓувреме организирал и предавал на низа семинари и симпозиуми, главно за проблемите сврзани со музичките технологии и музичката композиција, во повеќе земји во светот: Острава – Чешка (2001), Конектикат колеџ – САД (2003), Кил – Велика Британија (2006), Ковентри – Велика Британија (2010), Баден-Баден – Германија (2011), Карлсруе – Германија (2012 и 2013), Сао Паоло, Рио де Жанеиро, Ресифе – Бразил (2012) и во други земји.

Неговите дела се изведувани на фестивали и соло концерти во Британија, Италија, Австрија, Германија, Холандија, Португалија Словенија, Унгарија, Канада, САД, Австралија, Бразил и други земји. Работел и како уметнички раководител и диригент на „Land’s End“ – ансамблот за современа музика во Канада, а диригирал свои дела со Симфонискиот оркестар од Регина (Канада), како и со Јаначек Филхармонијата од Чешка. Добитник е на неколку поголеми грантови за инструментални и интерактивни електроакустични композиции меѓу кои од Советот за уметност на Канада (во 2004 и 2007), како и нарачки од разни институции и ансамбли (СОКОМ, Фондацијата за уметност на Алберта, Канада во 2003, „Land’s End“ од Канада, Квартетот Кројцер и бас – кларинетистката Сара Вотс од Британија, трубачот Петер Алтофт од Германија и многу други. Меѓу другите награди, неговата композиција „Мета-Антропос Еволуција 1” за флејта и електроника, ја освои првата награда на познатиот натпревар за електроакустична музика „Пјер Шефер“ во Италија (1999), додека композицијата „Лево, Десно, Горе” за оркестар беше наградена на меѓународниот натпревар за оркестарски композиции во Безансон, Франција во 2000 година.

Творештвото на Мирослав Спасов главно се одвива во повеќе подрачја: (1) композиција, развој на софтвер за интерактивна музика, интердисциплинарен пристап, кој се однесува на музиката на телесни гестови и когнитивните науки. Неговото истражување има направено значителен придонес за воведувањето нови техники и естетски пристапи во креативна практика: генерирање и развој на музички материјал и фрази од спонтани гестови, развој на музички структури со примена на напредни техники со користење на не-линеарни математички равенки, особено хаотични атрактори, и физички гестови, како и нивно мапирање врз параметри кои ги контролираат звукот, синтезата и обработката во реално време. (2) Развој на две големи софтверски апликации за интерактивна композиција, ENACTIV, кој го користи за да ги компонира „Ова сум јас сега“ (2011), која беше изведена на меѓународната конференција во Баден-Баден – Германија, во 2011 година и „Чудни атракции“, која беше нарачана и изведена од квинтетот „Анкара“ (Турција) во 2012 година. Апликациите се објавени „on-line“ со „Cycling ‘74“ и веќе се преземени од повеќе од 25.000 луѓе од целиот свет. Мирослав Спасов својата исклучително успешна творечка активност ја докажува и со фактот дека пет негови композиции се добитници на грантови од истакнати ансамбли: композицијата „Embodiments“, за бас кларинет и електроника (изведена во три големи бразилски градови – Сао Паоло, Рио де Жанеиро и Ресифе) во 2008 година ја доби наградата (грант) на Канадскиот совет за уметност. „ECHOS“ – за мешан хор е изведена од „New London“- Камерен хор (NLCC ) во март 2013 година во „Music Hall“ – Вилтон во Лондон. „Чудни атракции“ – за флејта, кларинет, хорна и мултиканална електорника во живо, имаше премиера од квинтетот „Анкара“, еден од најистакнатите ансамбли во Турција. Гудачкиот квартет (2013) и Sabda Vidya (2013) – за виолина, виолончело и електроника во живо, беа нарачани од „Квартетот Кројцер“, кој премиерно ги изведе во есента 2013 година. Токму еден од водечките уметници во „Кројцер“ (Питер Шепард Скервед) за квартетот на Спасов напишан во годината кога се славеше стогодишнината од „Посветувањето на пролетта на Стравински“, изјави дека тој „ја содржи страста на Баховата музика…Композиција осцилира меѓу боја и хармонија во многу нешта потсетува на електро-акустична музика… Стравински никогаш не напиша голем квартет…Спасов како да го презема тој предизвик.”

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Акценти 1 и 2, – за гудачки оркестар, (1994); Just a Joke, – за биг бенд, (1999); Areas – за ударни инструменти и гудачки оркестар, (1999); „ … à gauche , à droite , en haut …“ , – за симфониски оркестар, (2001); Сон, – за гласови и камерен ансамбл, (2001); Metaanthropos / Evolutio 2, – за симфониски оркестар, (1999); Symphonia Musaicus – за симфониски оркестар (2002);

КАМЕРНО: Интермецо, – за флејта и пијано, (1986); Соната, – за виолина, виола и пијано, (1990); Квинтет, – за виолина, кларинет, контрабас, пијано и синтесајзер, (1990); Два моменти, – за виолина и пијано, (1993); Фигури од Кварц, – за виолина, фагот и гитара, (1995); Дувачки квинтет, – за флејта, обоа, кларинет, труба и фагот, (1996); Варијации, – за виолина и пијано, (1997); Гудачки Квартет (1998); Percussion Concerto – за пет изведувачи (1999); Voyage , – за виолина, виолончело и удиралки, (2001); So Dance! – за две виолини, (2004); Vesna Ayama – за гудачки квартет, (2013);

СОЛИСТИЧКО: Суита, – за пијано, (1986); Варијации, – за пијано, (1988); Мi Cantare, – за бас кларинет, (2013);

ХОРСКО: ЕCHOS – за дванаесет гласен мешан хор, (2000);

ЕЛЕКТРО-АКУСТИЧКО: Metaanthropos / Evolutio 1, – за флејта и електроника, (1999); Најдобриот од сите светови, – за комјутерски генерирани аудио медиум, (2006); Афоризми, – за фиксeн аудио медиум, (2006); Etudes for Liteners, – за пијано и електроника, (2006); Trumpety за микротонска труба и електроника во живо (2008); Speak Up – за глас и повеќе/канална електроника во живо (2009); Еmbodiments, – за бас кларинет и мултиканална електроника во живо, (2009); This is me now! – монодрама, – за глас и електроника, (2010); Strange Attractions, – за флејта, кларинет, хорна и електорника во живо, (2012); Sabda Vidya No.1 – за виолина, виолончело и електроника во живо (2012); Sabda Vidya No.2 за флејта, тенор саксофон и елетроника во живо (2013);

СОФТВЕРСКИ АПЛИКАЦИИ: Attractors Library v2.0, MaxMSP софтвер за нелинеарно процесирање (2010); ENACTIV v2.0 , Интерактивен Мултимоделен систем, (2010- 2011);

ПУБЛИЦИСТИКА: Creative Mapping – Strange Attractors and ENACTIV, 22 Меѓународна конференција за системи Истражувања, информатика и кибернетика , Баден-Баден , Германија. Меѓународниот институт за напредни студии во системи за истражување и кибернетика ( IIAS ) Канада, (2010) • Originality and Uniquness of Artistic Research and Findings, 23- ти Меѓународната конференција за системи Истражувања, информатика и кибернетика, Баден-Баден, Германија. Меѓународниот институт за напредни студии во системи за истражување и кибернетика (IIAS) Канада, (2011) • Music Composition as an Act of Cognition: ENACTIV Interactive Multimodal Composing System, Organised Sound, 16/1, pp.69 -86, (2011)

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ