Новости

Изведби со изразен респект кон македонското музичко творештво

Кон концертот на гудачкиот квартет „Атака“ на 45 „Денови на македонска музика“

Концертот на гудачкиот квартет „Атака“ на 45 „Денови на македонска музика“,  одржан во Музејот на македонската борба беше  настан кој не остана незабележан од нашата публика. Напротив, за вистинските љубители на камерната музика посебен предизвик представуваше внимателно одбраната програма со творби кои впечатливо ја обележуваат македонската музика, како од творечки така и од изведувачки аспект. За овој впечаток особено придонесоа младите уметници-членови на гудачкиот квартет „Атака“, кои со младешки порив и максимален влог во изведбите беа уверливи толкувачи на делата од македонски автори за гудачки квартет и трио. Така, претставените дела и нивните изведби , ги восприемивме како „историски зданија“ на македонскота музичка култура со одблесок во иднината.

Членовите на гудачкиот квартет „Атака“: Ева Богоевска-виолина, Марија Трајковска-виолина, Илза Бафтиари-виола и Маја Михајловска-виолончело се уметници со досега реализирани остварувања на домашните и странски концертни сцени, меѓународни оркестри, проекти  и тековна наобразба под менторство на реномирани професори. Прва на концертот прозвуче изведбата на едно од збирката одбрани дела во нашето музичко творештво, пиесата „Распеви на тема од Св. Јован Кукузел“ за гудачки оркестар создадено во1991 година ( авторска верзија за гудачки квартет е напишана во  1992) од композиторот Гоце Коларовски. Ова е една од творбите која  припаѓа на групата дела во кои го бележиме интересирањето на Гоце Коларовски кон старата црковна музика на Македонија тесно поврзана со византиските корени. Основата на делото композиторот ја претставува со двата тематски материјала: долгите акорди – имитација на ѕвоната и самата мелодија-,,распев, кои  заемно дејствуваат по принципот на круг постојаното враќање на акордите-,,ѕвона“ и еднонасочената динамика на музичкиот развој. Постигнувајќи ефект на своевидна ехо-стереофонија и распределување на тоновите на мелодијата во различни инструменти и задржување на претходните тонови, создава впечаток на реверберација и наслојувања на продолжените одгласи. Спротивно на претходниот варијантен развој заснован на кружното движење, промените во завршната фаза  на композицијата доведуваат до своевидна недореченост, ,,лебдеење“ и отвореност. Така е реализиран принципот на ,,подвижна статика“ својствен за ова и за други дела на Гоце Коларовски, во чијашто основа се интонациите и драматургијата на македонската фолклорна и црковна музика. Можеби помирната тонска артикулација во изведбата уште повеќе ќе придонесеше кон  интенцијата на композиторот за проникнување во звучењето на православното музицирање во храмовите.

Со особен интензитет во изведбата ја проследивме мошне впечатливата композиција „Дали сум сокол, бура или бескрајна песна? од  композиторката Јана Андреевска. Првично создадена за саксофонски квартет во 2006/2007 година по нарачка на Друштвото на композиторите на Македонија, композицијата авторката во 2015 година ја претставува и во  верзија за гудачки квартет, која беше изведена на овој концерт.  Досега делото е често  изведувано од повеќе ансамбли на бројни концерти кај нас и  низ Европа и е оценето со одлични осврти од музичката критика.  Инспирирано од стиховите на познатиот поет Р.М.Рилке од неговата „Книга на часовите“ и користените  фрагменти од првиот став на  Баховата соло виолинска соната бр.3 во Ц-дур BWV1005  елементите во изведбата на делото беа вообличени  со особена експресивност, допирајќи до „музичката поетика“ на Јана Андреевска. Оваа изведба беше претстава на уште еден концентриран „ растечки круг “ во битисувањето на  композицијата.

Со зачајно внимание беше изведена композицијата „Трио“ од композиторот Горан Начевски.  Композицијата  со својата содржина и изведба го задржа концептот на концертот. „Триото“ авторот го создава  во 1996 година за време на втората година од студиите во Прага, каде што и за прв пат е изведена. Во насоки на главните карактеристики на творечкиот стремеж на Начевски-одржувањето на балансот и синтезата на современата со традиционалната организација на музичкиот материјал, композицијата „Трио“ е создадена во класична форма од три контрастни става (брз,бавен, брз став).  Горан Начевски  синтетизира  стилски правци со избор на композициона техника на интервали (со терци и кварти) кои генерираат созвучја.  Соединети во една хомогена целина со хумористичен, лирски и енергичен карактер тие ги даваат поедините карактеристики на  ставовите  на композзицијата. Со оваа изведба делото „Трио“  повторно прозвуче после дваесет години од последнатп претставување на „Деновите на македонска музика“. Со својата обединетост, изразност, јасна структура и разноличност на музичката содржина, композицијата „Трио“ заслужува почести изведби  на концертните подиуми и застапеност во редовната програма на камерните состави.

Задржувајќи ја традицијата за презентација и на новонастанатите дела, на концертот својата премиера ја доживеа делото „The Triune Hypothesis“ од младиот композитор Ангел Спировски, создадено во текот на оваа година.  Инспириран  од “Triune brain” моделот кој сугерира секвенциална еволуција на мозокот во областа на  еволутивната и развојната невронаука, композиторот ги истражува и музички вообликува елементите на развојот на свеста и однесувањето на поединецот.  Особено осмислена целина од добро разработените детали донесе изведбата на оваа композиција вообличена во три засебни минијатури (R. complex, Pm. complex и Nm. complex), структурно-мотивски обединети во една поголема целина, музички пресликувајќи го  гореобјаснатиот концепт. 

Успешно претставување гудачкиот квртет „Атака“ покажа и со изведбата на последната композиција проследена на концертот –  „Капричо“ од Драган Шуплевски, создадена во 1992 година.  Со задоволство вниманието на публиката повторно беше насочено и кон повторното и постојано „живеење“ на оваа композиција  и  кон квалитетната изведба на делото инспирирано од ризницата на македонскиот музички фолклор.

Изведбата на делата на концертот на гудачкиот квартет „Атака“  беше соодветно стилско музицирање со супериорност-налик на своевиден „музички вител“, со полна и активна тонска боја, одлично наштимани, со изразена музикалност и прецизност во изразот. Остварувајќи концерт на кој членовите на гудачкиот квартет „Атака“ речиси на самите почетоци на нивните уметнички кариери покажаа изразен респект кон македонското музичко творештво, очекуваме и други реализации со продлабочени и зрели изведби кои со задоволство ќе ги слушаме.

Мирјана Павловска-Шулајковска, музиколог

Фотографии. Влахо Бранѓолица

СОКОМ