Актуелно

Повик за учество на „Струшка музичка есен 2014“

Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ упатува повик за учество на 39. меѓународна манифестација „Струшка музичка есен“, која ќе се одржи во периодот од 12 до 14 септември во хотелот Бисер во Струга. Безмалку четири децении, „Струшка музичка есен“ нуди можност за средби, размени на идеи и дебати на актуелни теми кои ја преокупираат македонската музичка јавност. Оваа година, генералната тема на конференцијата е МУЗИКА И ОБРАЗОВАНИЕ.

Уметничките дисциплини беа во центарот на вниманието на образованието во XX век, бидејќи беа гледани како клучни во образувањето на демократски изградени граѓани. Од крајот на минатиот век, погледот кон овој вид образование, почна да се насочува кон продуцирање на економски исплатливи образовни профили, наспроти произведувањето на знаења, вештини и емпатични академски граѓани. Безусловното прифаќање на големите  образовни проекти како имплементацијата на Болоњската образовна декларација и Европскиот кредит трансфер систем, или деветтолетката во основното образование, со сите нивни позитивни и негативни страни, само допринесоа да се намали критичката моќ на уметностите, вклучително и на музичката, кон глобализациски процеси, мега авторитативните проекти и сл. 

Токму затоа, „Струшка музичка есен 2014“ ќе ги обедини дискусиите на овие прашања и ќе ги постави прашањата за квалитетот/квантитетот на музичко и танцово образование, како и за местото и улогата на музиката и танцот во сèвкупниот образовен систем во Република Македонија.

Сојузот на композиторите на Македонија, повикува преку индивидуални научни и стручни трудови, како и преку организирани панели, од аспект на практичари и теоретичари на дебата за корелацијата меѓу музиката и образовниот процес на сите три нивоа на формалното музичко и танцово образование. Со задоволство ги отвораме вратите и за трудови кои ги третираат искуствата од педагошката работа и во неформалното образование. Како и секоја година, Струшка музичка есен и оваа година ќе ги одбележи и јубилеите на значајни македонски композитори, и тоа: Трајко Прокопиев 1909-1979 (105 години од раѓање), Тодор Скаловски 1909-2004 (105 години од раѓање), Глигор Смокварски 1914-1974 (100 години од раѓање), Ладислав Палфи 1924-2008 (90 години од раѓање), Томислав Зографски 1934-2000 (80 години од раѓање), Михајло Николовски 1934-1994 (80 години од раѓање), Стојче Тошевски 1944-2008 (70 години од раѓање), Живојин Глишиќ 1954 (60 години), Гоце Коларовски 1959-2006 (55 години од раѓање).

Апстрактите (не подолги од 300 збора), заедно со податоците за Вашата афилијација и контакт информации најдоцна до 25.мај да се испратат на следните e-mail адреси: itatarcevska@gmail.com и sokom@sokom.mk . Нотификацијата за прифатен труд ќе биде испратена на почетокот на јуни.

Котизација за учество изнесува 30 ЕУ во денарска противредност. 

 

За Струшка музичка есен

Струшка музичка есен е традиционална манифестација организарана од Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ, секоја година во Струга.

повеќе

Реферати

Овде можете да најдете голем дел од рефератите кои биле изложени на СМЕ во изминатите години. Рефератите се организирани по автори и наслови.

повеќе

СМЕ 2014

Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ упатува повик за учество на 39. меѓународна манифестација „Струшка музичка есен“...

повеќе